Италија брка рекорди и четвртфинале, а Австрија подготвува тактичка „замка“!
В сабота ќе продолжи Европското првенство со првите натпревари од осминафиналето, Италијанците кои се едни од фаворитите за титулата од 21.00 часот на стадионот „Вембли“ во Лондон ќе играат против Австрија која беше една од нашите ривали во групата „Ц“. Победникот од овој меч на 2 јули во Минхен во четвртфиналето ќе игра со подобриот од пресметката Белгија – Португалија.
Избраниците на селекторот Роберто Манчини имаа три максимални победи во групата „А“, ниту еднаш досега не беше затресена нивната мрежа со гол-разлика 7:0.
Со тие победи Италијанците ја продолжија низата од 30 натпревари без пораз под водство на Манчини и така го израмнија претходниот рекорд од 30-тите години на минатиот век.
Доколку утре Австрија не постигне гол, Италија ќе го сруши рекордот од 1.143 минути без примен гол, кој беше поставен во периодот од 1972 до 1974 година.
Резултатите на Италија се изненадувачки добри, имајќи го предвид фактот дека оваа селекција го пропушти учеството на СП 2018, откако беше елиминирана од Шведска во баражот.
– Тоа е нешто што нè прави горди, особено поради мислењето за нас пред почетокот на турнирот. Но, ние мора да останеме фокусирани, смирени и да размислуваме само за нас. Сè уште не сме направиле ништо. Нашата цел е да одиме до крај , не дојдовме тука само да ја поминеме групата – рече италијанскиот напаѓач, Лоренцо Инсиње.
Од друга страна ова е прво учество на Австрија во нокаут фазата на Европското првенство.
– На почетокот, ни се чинеше дека тоа е непремостлива и невозможна задача, бидејќи Италијанците не беа поразени цела вечност. Но, порано или подоцна, и тие ќе загубат – вели австрискиот селектор Франко Фода.
Фода е инаку познат по честите тактички промени, а тоа го покажа токму на дуелите со Македонија, Украина и Холандија.
Според некои италијански медиуми, Австрија би можела да игра во формација 4-1-4-1 со Флориан Грилич на позиција помеѓу дефанзивниот и средниот ред. Марсел Сабицер исто така ќе има посебна задача, да го спречува Жоржињо во намерата да ги креира италијанските напади.
Едно од најзвучните имиња на репрезентацијата на Австрија, Давид Алаба, се очекува да се пресели од позицијата централен дефанзивец на позицијата лев бек. Исто така, Мартин Хинтерегер се очекува да се врати во стартните 11.