Историско отворање на Балканот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама на целиот свет му одржаа лекција дека Балканот е место на кое може да има и обединувања, а не само разeдинувања

Македонија, Србија и Албанија вчера направија историски исчекор. Со потписите на Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама се поместија границите така што секоја земја си ја задржува својата сувереност, но ги избришаа границите за граѓаните на овие три земји.

„Отворениот Балкан“ вчера на целиот свет му одржа лекција дека и овој регион е место на кое може да има и обединувања, а не само разединувања. За жал, вчера тука не беа претседателите на Косово, на Босна и Херцеговина и на Црна Гора. За нив, сепак, минатото беше поважно од иднината. Тие дозволија балканското буре барут да им ја замагли сликата и да не го почувствуваат моментот за добробитот на идните генерации.

Отвореноста симболично се пренесе и во ребрендирањето на „Мини Шенген“ во „Отворен Балкан“. Од Скопје, градот домаќин на Економскиот форум за регионалната соработка, беше пратена порака дека отворениот регион не е ексклузивитет само на Македонија, на Албанија и на Србија, туку дека се добредојдени и другите земји. Нашето балканско парче земја е отворено. Што сме повеќе, тоа сме и посилни! Тоа е всушност и лекцијата што ја научивме од Европската Унија.

Како што беше потенцирано и на Форумот, нашите аспирации кон Европската Унија не згаснуваат. Но премногу време се загуби во чекалницата. Дури и задоцнивме со процесите на регионална интеграција, процеси што би ги правеле и доколку станеме дел од ЕУ-семејството.

Од друга страна, ова не е ни носталгичен крик за обединување на некоја стара Југославија. Ова е нов концепт со европски вредности, за кои толку многу се трудевме, а притоа заборавивме на сопствениот двор. За македонски работници да работат во Србија, мораше да се минат сложени процедури за добивање работни дозволи и дозволи за престој. Тоа треба да остане зад нас.

Пред нас е огромна работа. Нема веќе место за импровизации. Треба да се направи интегрален систем за ДДВ за да може камионите да поминуваат без да застанат на граница, да се воведат еднакви стандарди, треба испитувањата на храна од лабораторијата во една земја да важат за сите три земји, да се изготви план за регионална железничка мрежа и заеднички да се бараат пари, да се направи единствен регистар на слободна работна сила…

Ако сето ова го направиме, дефинитивно ништо веќе нема да биде исто ни ви Србија, ни во Албанија, ни во Македонија. Ќе биде подобро, и тоа многу подобро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот