Истата храна ја јаделе и работниците во „Термо“ на РЕК Битола, но не се пожалиле на никакви симптоми, велат од ЕСМ
По можното труење со храна на 80 вработени во РЕК Битола, со соопштение се огласија од АД ЕСМ и ЕСМ Молика, од каде велат дека веднаш по појавата на првите симптоми кај дел од вработените во рудникот, сите лица кои се пожалиле на труење биле навремено упатени на прегледи и анализи во Клиничката болница во Битола. Најголем дел, како што додаваат, се со лесна клиничка слика и сите се пуштени на домашно лекување. Ова, како што посочуваат, укажува дека состојбата е под контрола и се третира со соодветна сериозност.
Препорачано
„Важно е да се напомене дека истата храна ја конзумирале и вработените во делот „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми“ наведуваат од компанијата.
Во однос на затворањето на кујната, велат дека станува збор за вообичаена превентивна постапка што се применува во вакви ситуации, со цел да се обезбеди заштита на здравјето на вработените додека траат испитувањата.
„Имено, Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), вчера, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институт за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот кој вршел снабдување со храна на РЕК Битола. Во координирана акција, земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, раце и нос на затекнати вработени лица во кујната. Согласно Националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви“ додаваат во соопштението.
Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица.
Тие апелираат да не се изнесуваат непроверени информации и да не се создава непотребна паника. Ги повикаа политичките партии да се воздржат од шпекулации со кои како што велат, се обидуваат да добијат ситни дневнополитички поени, додека е во тек анализата од надлежните институции кои треба да ги утврдат причините.
Инспектори ја затворија мензата во РЕК Битола поради можно труење со храна на 80 вработени


