ИСПОВЕД НА НАШИНЕЦ ОД ШВЕДСКА ШТО ГО ПРЕБРОДИ КОРОНАВИРУСОТ: Молев Бога побрзо да умрам!

„Сите можеби го молат Бога за здравје, јас се молев побрзо да умрам, да ми се скратат маките. Сакам сите да ги предупредам во Македонија: не си играјте, вирусот напаѓа и помлади!“

Македонски државјанин, кој живее и работи во Шведска, е пуштен на домашно лекување, по неколку дена поминати во болница поради влошената здраствена состојба настаната како последица од инфекцијата со коронавирусот.

Иако станува збор за здрав човек, спортски тип по природа, кој не спаѓа во ниедна ранлива категоријата поради возраста или други здравствени причини, тој мошне тешко ја добил битката со ковид-19.

Од разбирливи причини сакаше да остане анонимен, но ја пренесуваме неговата исповед како опомена за сите што не ги почитуваат препораките и воведените мерки.

„Пред неколку дена молев Бога да умрам. Оваа корона е најстрашното нешто што ми се случило во животот. Имав страшни, неиздржливи болки во градите, во екстремитетите, во главата… Како некој да ми дупчеше со бормашина во мозокот,“ ни ја пренесува својата епопеја нашинецот од Шведска.

Херојот од битката со опаката болест ни раскажува дека за седум дена ослабел осум килограми.

Целиот бил дехидриран, зошто високата телесна температура не се спуштала ни со најсилни лекарства.

„Ми даваа апчиња за спуштање на температурата, но од 40 паѓаше најмногу на 38. Таа истоштува и дехидрира, згора состојбата на организмот не ти дозволува да внесуваш течности. Од силните лекови те боли стомакот, а ако се напиеш и половина чаша вода, веднаш добиваш нагон за повраќање и дијареја,“ ни напиша нашиот сонародник од Шведска.

Болеста најнапред почнала со помали симптоми. Кога дошло амбулантно возило да го провери додека бил дома, му рекле дека не можат да му помогнат многу во болница и му препорачале лекување во домашни услови.

Но, кога им рекол само пулсот да му го проверат, се избезумиле – 120 отчукувања во минута! „Се испаничија и ме однесоа во втората најдобра болница во Шведска.

Додека најдоа слободен кревет за мене, бев сместен во импровизиран пункт, практично еден вид чекална во карантин, но со температура чекав, на минус четири степени целзиусови, да бидам сместен во болницата,“ се потсетува нашинецот на деновите полни со неизвесност и страв.

„По извесно време бев сместен и веднаш бев ставен на апарат за дишење. Со оглед на тоа што едвај дишев, ми беше неопходна кислородна поддршка. Така бев третиран 72 часа без прекин пред да почнам да дишам полесно,“ ги опишува критичните моменти нашинецот.

Сега е во фаза на закрепнување, доби отпусна листа и бројче дека го прележал вирусот за да може да се вклучи во нормалниот живот откако потполно ќе закрепне.

„Сите можеби го молат Бога за здравје, јас се молев побрзо да умрам, да ми се скратат маките. Сакам сите да ги предупредам во Македонија: не си играјте, вирусот напаѓа и помлади!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот