Искрено со Игор Џамбазов: Со Илина не сме веќе заедно, далечината си го направи своето

Фото: Приватна архива

Неговиот нов мал рај е селото Стрезовце, во близина на Куманово, каде што претстојува во моментов. Во брвнарата во која ги поминува деновите, Игор Џамбазов вели дека се вљубил на прв поглед, како и во целата околина во која го наоѓа својот мир. За жал, Игор веќе не е со неговата голема љубов, алпинистката и уметник Илина Арсова. За крајот на нивната љубов, Игор за првпат зборува во „Слободен печат“, и вели дека виновник едноставно не постои.

Илина пред неколку месеци замина во Америка на докторски студии, а далечината помеѓу нив си го направила своето. Со гордост зборува за она што го научил од Илина, како и за својот покоен татко, маестро Александар Џамбазов, кој е нераскинлив дел од секој негов ден. Друштво му прави неговата мачка Емилија, но и пријателите, кои му доаѓаат на ексурзија во кумановскиот крај.

Ако Слепче па Дојран (Сретеново) беа твојот рај, сега е селото Стрезовце. Каде официјално живееш – во Стрезовце, Дојран или во Скопје? Што е толку магично во ова село за кое зборуваш на Инстаграм?

– Добро прашање. Вака значи. Во Дојран живеам, а во Скопје работам. Бидејќи во Скопје ги завршив своите обврски, а куќата во Дојран ги чека пролетта и мајсторите, се одлучив да побарам место на кое досега не сум бил, и да „искулирам“ малку, што би рекле младиве. И од прва го најдов, сосема случајно. И што да ви кажам, љубов на прв поглед. Сместен сум во брвнарата Младеновски, пркрасен мал ранч, во сопственост на Лилјана и Стефан, двајца млади луѓе со неверојатна визија и храброст во бизнисот. На само еден километар се наоѓаат и изворите на познатата вода Визиана, со рибен ресторан, парк, Зоолошка градина. Топло ви го препорачувам Стрезовце и оваа брвнара. На само 45 минути од главниот град.

Игор Џамбазов/Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Има ли моменти кога на Игор Џамбазов му е здодевно? Колку што може да се забележи на фотографиите и на видеата, немаш соседи во близина. Што правиш кога си сам со себе, колку си попродуктивен, кој ти готви и средува?

– На вакви места и се доаѓа токму затоа. Да бидеш сам. Колку што е можно. Но, само за неколку дена се запознав со многу нови ликови од овие краишта, Куманово е на 15 минути, па одам до Бањата, до градот, да се пазари нешто, банки-манки. Плус, кој сака од моите блиски доаѓа на еднодневна екскурзија или на продолжен викенд. Брвнарата е планирана за до 10 души, така што има место, и конечно да ти одговорам на прашањето…не, не ми е здодевно. Јас веќе со години си го планирам денот уште од вчера, затоа што сакам да направам што повеќе работи, и можам да ти кажам дека агендата ми е понабиена и од онаа на премиерот, хехехе…

Фото: Приватна архива

Маестро Џамбаз, да беше жив ќе наполнеше 87 години. Кога ќе ти се врати неговиот глас во главата, кога ќе помислиш на некоја реченица што би ти ја кажал или совет што би ти го дал, што е прво на што помислуваш?

– Еве, токму деновиве беше и годишнината од смртта, а неколку денови подоцна и неговиот роденден. Да, тука е маестрото. Секој ден. Неговите вицови и афоризми кои ми ги кажуваше секој пат кога ќе се видевме, неговата прекрасна насмевка, неговата музика. Среќен сум што во минатата година и Македонската Филхармонија и Сојузот на композитори му направија голема чест, па направија два потполно различни, ама незаборавни концерти, на Охридското лето и во Скопје. Џамбаз тоа и го заслужи. Еден од последните совети што ми ги даде беше: Синко, знам дека сакаш уште многу работи да направиш, ама немој тоа да биде по цена на твоето здравје. Здравјето нема цена…

Фото: Приватна архива

Како е Илина и како се справуваш со „Илинопатијата“, и има ли воопшто лек и најдобар начин за утеха кога некој ти недостасува, а не е физички до тебе?

– Да, тоа е огромен проблем. Далечината. Единственото нешто што може да ја победи љубовта. За жал, Илина и јас не сме повеќе заедно. Таа веќе одлучи дека сака таму да живее, доби одлична понуда за работа, онаа за која сонуваше во последните 10 години, и што е најважно од сѐ, сето ова таа ми го најави ушт во првите денови на нашата љубов. И конечно, кога короната и официјално не беше пречка за патувања, таа се спакува, во куферот што ѝ го подарив претходниот ден и замина. Исто како во „Бестрага“. Сите приказни исти се, тажни ко оваа“.Сите големи љубови се тажни, но јас сум возрасен човек и научив да се справувам со сѐ. Ги молам сите оние што нѐ сакаа и ја подржуваа нашата љубов, да не бараат виновници. Виновник за сето ова не постои. И понатаму сакам да продолжите да ја поддржувате Илина во нејзините акции, бидејќи таа е една посебна жена со која имав привилегија да бидам скоро три години. Од неа научив многу, а некои нејзини совети ќе ги користам до судниот ден.

Фото: Приватна архива

Колку патувањата низ Македонија ти помогнаа во реализирањето на емисијата „Агенда 21“?

– На секое патување низ Македонија, дали приватно, дали на концерт со бендот, снимање, откриваме по една нова дива депонија. И тоа, понекогаш на места на кои никогаш не би ти ни паднало напамет да побараш. Среде шумата, до изворот… ужас. Ќе треба многу време додека овој народ го промени својот ментален склоп. Токму затоа и постои „Агенда 21“. Да ја подигнеме свеста на овие млади луѓе. Ако веќе не е доцна. Навистина она што Весна Петрушевска го прави со тие деца, и за тие деца, е достојно за голем наклон. Штета што државата немаше нос за овој проект. Но, за среќа, има добри и умни луѓе, како оние, на пример, од „Пакомак“ и „Нула отпад“ кои несебично го помогнаа сето ова. Но, патувањата низ Македонија понекогаш носат и изненадувања на оваа тема. Да речеме, овде во Стрезовце имате контејнери насекаде. Само на главната улица имате на секои 75-100 метри. Јас во Скопје за да фрлам ѓубре треба да изодам 200 метри.

Фото: Приватна архива

Најавивте заеднички театарски проект со Весна Бејби – ќе се реализира ли наскоро, и кога да те очекуваме повторно на редовниот репертоар на МНТ?

– Сѐ додека последното прашање во инетрвјуто со еден актер е театарот, театар нема ни да има… ова не се однесува на тебе Милице. За тебе знам дека си прва по премиери, концерти и изложби. Но, навистина како да дојде такво време. Еден тотално игнорантски однос на сите фактори кон театарот, јазикот, традицијата. Ќе ни треба многу време да го вратиме театарот на фабрички подесувања.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот