Скопје/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Интимните „активности“ во становите за краток престој низ Скопје ги оставаат соседите без сон

Граѓаните што имаат вакви проблеми со станови во нивната зграда, кои се издаваат на час или два или за една ноќ, прашуваат дали има институции што водат контрола за издавањето станови за ваква намена, пријавени ли се во Управата за јавни приходи, казнува ли полицијата за ваквото нарушување на мирот на жителите и дали управителите имаат некаква надлежност за овој проблем.

Граѓани од сите населби низ Скопје што живеат во згради, се жалат дека имаат сериозни проблеми поради соседите што ги изнајмуваат становите во кои не живеат за краток престој, односно за по неколку часови или за ноќ. Велат дека поради бучните интимни „активности“ од соседните станови остануваат без сон, дека среде ноќ ги преместуваат децата во собите што се подалеку од онаа со која ги дели заеднички ѕид со станот што се изнајмува за таква намена, затоа што едноставно не знаат како да им објаснат какви се тие звуци што ги слушаат.

Во нашата зграда дури три стана се издаваат за ваква намена. Постојано се врткаат различни луѓе, кои не почитуваат ни куќен ред ни ништо, не им е грижа за соседите, зашто нели, тие чесно си платиле за интимни моменти. Многупати сме реагирале и кај соседот што издава, но нема разбирање, вели – не можам јас да им речам да ги прават тие работи потивко. Среде ноќ ги преместувам децата затоа што спалните соби ни ги дели еден ѕид. И во полиција сме се јавувале и ништо – раскажува жителка на Центар, која вели дека дури размислувале и да го продадат станот и да се иселат затоа што немаат мир во сопствениот дом ни дење ни ноќе.

Во нашата редакција реагираше и родител од Аеродром што има аутистично дете. Како што се пожали, детето сериозно се вознемирува од неразбирливите звуци што ги слуша, а дека тоа се повторува многупати во месецот. Станарите реагирале и кај управителот за овој проблем, но оттаму ги препратиле во полиција, а полицајците, како што тврди, дошле, ги опоменале и си заминале.

Фото; Општина Аеродром

Жителите што имаат вакви проблеми, не знаат кому да се обратат и како да најдат решение за маката. Прашуваат дали има воопшто институции што водат контрола за издавањето станови за ваква намена, пријавени ли се во Управата за јавни приходи, казнува ли полицијата за ваквото нарушување на мирот на жителите, имаат ли управителите некаква надлежност.

Во Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради, кој Министерството за транспорт и врски го донесе пред повеќе од 15 години, се наведува меѓу другото дека мирот во станбената зграда не треба да се нарушува во периодот од 15 до 17 часот и од 22 до 8 часот.

Од МВР на прашањето како постапуваат по пријава на граѓани што во ноќните часови имаат проблеми со нарушување на мирот од соседните станови, велат дека полицијата веднаш излегува на терен и ја констатира фактичката состојба, па во зависност од околностите може да примени полициско предупредување или прекршување на одредбите од Законот за прекршоци од јавниот ред и мир.

Граѓаните можат да пријават и доколку имаат проблеми со сопственици што ги издаваат становите за краток престој, поради што имаат непријатности повеќето соседи околу тој стан. За таа цел доволно е да се јават на 112 или 192.

По претходна пријава од граѓанин, полициските службеници ќе преземат мерки за пронаоѓање на сопственикот на станот, при што тој ќе биде повикан на службен разговор во полициска станица и ќе му се укаже на почитување на одредбите од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и Законот за живеалиште и престојувалиште на граѓани. Секое нарушување на јавниот ред и мир, граѓаните се должни да го пријават во најблиската полициска станица или на телефонскиот број 112 или 192– велат од МВР.

Во Законот за домување, пак, се регулира начинот на давање под закуп на станови и се наведува дека закупецот може да даде дел од станот во подзакуп со склучување договор за подзакуп, исклучиво на определено време и под услови утврдени со овој закон, со согласност на закуподавецот. Должност на закупецот, меѓу другото, е да побара согласност од закуподавецот за користење на станот од страна на друго лице покрај закупецот кое не е наведено во договорот за закуп. Оној што го издава станот, може да го раскине договорот со потстанарот доколку со начинот на користење ги прекрши правилата за соседските односи утврдени во правилата на заедницата на сопственици или поради начинот на употреба сериозно ги вознемирува другите станари во нивното мирно и непречено користење на станот. Но, вакво нешто никогаш не се случува, освен кога закуподавецот не трпи материјална штета поради однесувањето на потстанарот.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Од Регулаторна комисија за домување со денови не одговараат на нашите прашања околу надлежностите на управителите да реагираат доколку станарите се соочуваат со ваков проблем со издавање станови за краток престој.

Се разбира, издавањето недвижен имот мора да се пријави и во Управата за јавни приходи. Оттаму побаравме одговор дали и како се пријавуваат во УЈП становите што се изнајмуваат за краток престој, каде што изнајмувачите се менуваат секој ден и дали граѓаните можат да пријават неправилностите поврзани со ова. Со други зборови, дали соседите можат да пријават доколку се сомневаат дека издавањето на некој стан за краток престој не е пријавено во УЈП.

УЈП – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Од Управата објаснуваат дека граѓаните што издаваат станови, вили, викендички, апартмани или соби за краток престој, не подолг од еден месец, постојано или повремено за време на празници или викенди, имаат обврска да го пријават доходот остварен од издавање на имотот.

Оваа обврска се однесува и кога издавањето на имотот се врши преку платформи како Ар-би-ен-би, Букинг, Фејсбук, Кајак и други. Основа за пресметување на данокот претставува бруто-доходот што се остварува намален за износот на следниве нормирани трошоци: 10 отсто од износот на доходот (за неопремен простор), односно 15 отсто од износот на доходот (за опремен простор) – велат од Управата.

Како прилог кон пресметката задолжително се доставуваат соодветни докази за остварениот доход. Управата за јавни приходи ја проверува пресметката, и по нејзино одобрување, се генерира фолио број и се издава Рекапитулација за утврдување аконтација на данокот на доход со статус „Одобрена“ и налог за плаќање данок на доход.

Ако по поднесување на електронската пресметка УЈП оцени дека доходот што е пријавен од издавачот на стан во електронската пресметка е помал, од оној што може да се постигне според локални околности, во тој случај УЈП изготвува електронска пресметка, Решение за утврдување на аконтација на данок на доход и налог за плаќање данок на доход што треба да се плати од издавачот на стан – објаснуваат од УЈП.

Во однос на даночни неправилности, граѓаните можат да пријават на електронската адреса на во УЈП, на контакт телефоните 198 – Пријави неправилности и 02 3253 200. Како што велат оттаму, секојдневно се разгледуваат пријавите за неправилности и се преземаат соодветни активности во согласност со законските надлежности на УЈП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот