ИНТЕРВЈУ со Зоран Кардула: Разумот и солидарноста мора да победат

????????????????????????????????????

Графичкиот дизајнер Зоран Кардула на дневна основа, и по неколкупати на ден, на социјалните медиуми објавува плакати со различни тематики. Главниот фокус е ставен на ситуацијата со коронавирусот, но Кардула следи и значајни датуми, личности и движења, кај нас и во светот.

Неверојатна е брзината со која Зоран Кардула реагира со графички решенија за речиси сите случувања кај нас и во светот. Неговиот ѕид на Фејсбук-профилот секојдневно се полни со неколку нови плакати, а уште повеќе може да се најдат на неговиот графички блог. Кардула е еден од најпознатите графички дизајнери кај нас, а особено е познат со својот активизам во хуманистички цели.

Од каде црпите толку многу енергија за графичката хиперактивност?

– Графичкиот дизајн е моја професија, но во исто време и задоволство. Тоа е нешто што, покрај од комерцијална причина, сакам да го работам со ќеф. Со моите постери сакам да потсетам и да оддадам почит на личности и настани од некое минато време. Мислам дека е вистински момент да се потсетиме дека материјалните добра не се вредни без здрави луѓе, но и општа култура. Мојата хиперактивност доаѓа од моето вистинско задоволство да го работам тоа што навистина го сакам и што ме исполнува.

Покрај мотивот #седидома, на колку други мотиви работите, имајќи предвид дека веќе имате поставено виртуелни галерии за југословенските споменици изградени со брутална архитектура и серијалот „Војна на ѕвездите“, стрип-јунаци во советски стил и други?

– Во моментов, кога немам некои проекти поради ситуацијава во која се најдовме, нормално беше да се посветам максимално на #седидома за да можам да дадам мој придонес за подигање на свеста од опасноста која, за жал, сите не ја сфатија сериозно. Во таа насока ги постирам и сите мои претходни графички колекции, со цел барем малку да им го пополнам времето на луѓето кои седат дома, да им ги одвлечам мислите од проблемот и да ги вратам во едни други времиња, кога немавме вакви проблеми, кога сѐ беше поедноставно.

Мао Це Тунг – Плакатот со кој го затвори циклусот #седидома

Од Скопје џез-фестивал неодамна ја објавија програмата и графичкиот дизајн за следното издание на Оф-фест. По минатогодишната соработка на џез-фестивалот, со какви насоки и пораки го креиравте дизајнот на постерот за Оф-фест 2020?

– По успешната соработка со СЏФ, со која мислам дека успеав да го задржам нивното ниво на графичко решение, кое сѐ уште е предизвик на секој дизајнер, добив понуда да го изработам графичкото решение на овогодишниот, 19-ти по ред, Оф-фест.

Знаеме дека целиот концепт на фестивалот е да ни ја претстави разновидноста и креативноста на врвните музичари во еден концепт „Музика на светот“ и во тој стил го развив и моето решение, кое според колоритот и позицијата на жената, која е во состојба на уживање, го доловува тоа што треба да го очекуваме и од новото издание на овој врвен фестивал.

Постер за 19. Оф-фест со графички дизајн на Кардула

Пред десетина дена Ви се случи класична кражба на интелектуална сопственост во политички цели. Инфо-постер на Вашата ќерка Теано беше злоупотребен во политичка смисла. Каква беше Вашата првична реакција и дали имавте некаква системска реакција за кражбата?

– Години наназад, со оглед на мојот активизам во борба против неправдата, против режимот што го имавме, против дискриминацијата, многупати ми се случувало да има закани, да се крадат мои дизајни и да се преработуваат со цел да се дискриминира мојата работа и мојот активизам. Истото се случи и со инфо-постерот на мојата ќерка Теано, која е дипломиран графички дизајнер и на која сум неизмерно горд што е општествено одговорна личност, активист, борец и сѐ она што треба да биде еден млад човек.

Веќе сум напишал дека тоа се луѓе што се олицетворение на чисто зло. Во моменти кога на светот му се случува пандемија што носи човечки животи, која носи ризик за крахирање на глобалната економија, има луѓе што се обидуваат политички да профитираат пласирајќи невистини и внесувајќи немир меѓу луѓето. Мора да се ставиме над нив со разумност, со почитување на насоките за однесување, да помогнеме полесно да ја поминеме оваа сериозна криза. Разумот и солидарноста мора да победат.

Колкумина дома се занимавате со графички дизајн?

– Јас и мојата ќерка Теано се занимаваме со графички дизајн. Но, можеби, и Ерато ќе пројави интерес, па ќе ни се придружи.

Креацијата во графичката уметност е неограничена, но колкава е моќта на пораките што се пренесуваат со плакати и постери?

– Дизајнот нѐ опкружува во секој поглед. Луѓето реагираат на дизајнот и креативноста. Пораките пратени преку графичко решение многу подобро се прифаќаат и побрзо се пренесуваат, па поради тоа сметам дека е многу важно сите дизајнери да бидат активни и да придонесат во вакви непредвидливи ситуации, да се борат против неправдата и дискриминацијата со алатот што го имаат во своите раце. Во овие денови бевме сведоци дека голем број млади креативци активно се вклучија и со свои креативни решенија помагаат во апелот да се седи дома за да се заштитиме ние и сите околу нас.

Мислам дека е вистински момент да се потсетиме дека материјалните добра не се вредни без здрави луѓе, но и општа култура (Фотографија: Теано Кардула)

Не се штедите себеси кога станува збор за креација на плакати со хуманистички пораки. Што е тоа што може да се каже со графички решенија, а не може со зборови?

– Секогаш сум тука да помогнам кога треба моја помош. Се надевам дека моите дизајни и креативни решенија ја испраќаат пораката. Во ова време, кога луѓето имаат сѐ помалку време за читање, графичкиот приказ е едно од решенијата со кое може да им се пренесе пораката и тоа да има ефект. Секогаш нашето око подобро реагира на графика отколку на обичен текст, а тоа треба да се искористи за да може пораката да стигне до крајната цел.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 24, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот