Војо Лазески/Пчелар - Фото: Приватна архива/Pexels

Војо Лазески, пчелар од Поречието: Потешко е да се зачуваат здрави пчели отколку да се произведе тегла мед

По повод 20 мај, Светскиот ден на пчелата, разговараме со искусниот пчелар од Скопје, кој со своите 60 пчелни семејства во поречкото село Грешница ја продолжува вековната семејна традиција.

Денеска, на 20 мај, светот го одбележува Меѓународниот ден на пчелата. Овој датум е избран во чест на роденденот на Антон Јанша (1734 – 1773), Словенецот кој се смета за основоположник на модерното пчеларство. Празникот, кој Обединетите нации едногласно го прифатија во 2017 година по предлог на Словенија, има за цел да ја подигне свеста за клучната улога на овие вредни инсекти. Без пчелите и нивното опрашување, не би имало синџир на исхрана, одржлив развој, ниту пак лековитите пчелни производи како медот, матичниот млеч, прополисот и восокот.
Во Македонија, пчеларството не е само професија, туку и традиција која се пренесува со генерации. Токму на ова тема за „Слободен печат“ како соговорник го имаме Војо Лазески (64) од Скопје. Тој е шеста генерација пчелар во своето семејство, а денес со огромна љубов се грижи за 60 пчелни семејства лоцирани во еколошки чистото село Грешница, во Македонски Брод (Порече). Со него разговаравме за тајните на овој занает, предизвиците, борбата за опстанок во природата, но и за убавината на животот поминат со пчелите.

Кошници со пчели – Фото: Pexels

Колку физички е тешка професијата пчелар и што всушност е вашата секојдневна работа?
– Пчеларството знае да биде доста физички напорно, особено кога е екстракцијата, односно кога се вади медот во сезоната. Сандаците со мед можат да тежат и над 20 до 30 килограми, а тие бараат многу внимателно ракување и пренесување. Најчесто се работи директно на сонце и со многу кревање на тешко.
Но, работата не е само вадење на медот. Во текот на целата година тука се редовните проверки на здравјето на пчелите, следењето на матицата, чистењето и средувањето на рамките, заштитата од болести и паразити, прихраната кога е потребно, подготовката за зима, па дури на крајот доаѓа собирањето и пакувањето на готовиот мед.

Кошници со пчели – Фото: Pexels

Постои ли посебна врска меѓу вас и инсектите, дали пчелите го препознаваат својот пчелар?
– Старите луѓе во минатото велеле дека лош човек не може да биде пчелар. Тоа го знам уште од приказните на мојот дедо и татко, а ние како фамилија сме веќе шеста генерација со овој занает. Со 100% сигурност можам да кажам дека пчелите се исклучително осетливи суштества.
Сите ние, искусните пчелари, веруваме дека тие го препознаваат својот стопан. Можеби не баш „по лице“ како што тоа го правиме ние луѓето, туку тие го чувствуваат нашиот специфичен мирис, движењата, начинот на кој работиме и нашата смиреност. Ако си мирен, тивок и внимателен, пчелите се многу помалку агресивни. Но, ако работиш нервозно, во брзање или без љубов, пчелите веднаш ќе го почувствуваат тоа и ќе ти вратат на ист начин.

Кошници со пчели – Фото: Pexels

Колкав е животниот век на една пчела работничка, а колку живее матицата?
– Пчелата работничка во текот на летото живее многу кратко, само околу четири до шест недели. Тоа е така затоа што работи со неверојатен, деноноќен интензитет. Оние генерации пчели кои се раѓаат наесен и кои треба да презимат, можат да живеат и по неколку месеци бидејќи нивната задача е да го сочуваат семејството до пролетта. Од друга страна, матицата е вистинска кралица, таа може да живее од три до пет години, а во идеални услови понекогаш и повеќе.

Кошници со пчели – Фото: Приватна архива

Како изгледа грижата за пчелниот рој во текот на ладните зимски месеци?
– Погрешно е верувањето дека пчелите во зима спијат. Напротив, тие се постојано активни. Се собираат во едно големо, густо „клопче“ околу својата матица и со постојани вибрации на телата создаваат топлина за да преживеат.
Улогата на пчеларот во зима е да биде тивок чувар. Тој мора да провери дали имаат доволно храна, да ги заштити кошниците од влага и екстремен студ, да обезбеди добра вентилација и што е најважно да избегнува често отворање на кошницата за да не се наруши идеалната температура што тие самите ја создале внатре.

Убодите од пчелите се дел од занаетот. Колку пати ве имаат каснато досега и дали човек некогаш се навикнува на болката?
– Ех, тоа навистина не се брои. Нема пчелар кој не е боцнат илјадници пати. Секогаш касаат, но со текот на годините болката веќе помалку ве изненадува, едноставно ја прифаќате како дел од работата. Ако сакаш да работиш со пчели, во тебе не смее да има страв. Сепак, дури и кога ќе те боцне по којзнае кој пат, тоа и понатаму боли, нема тука целосно навикнување. Она што е важно и што бара постојано внимание е фактот дека некои пчелари можат да развијат опасна алергија на убод дури и во постари години, па затоа претпазливоста е секогаш на прво место.

Кошници со пчели – Фото: Приватна архива

Постои една фасцинантна статистика за нивната вредност. Колку цветови треба да посети една пчела за да наполниме само една тегла мед?
– Од старите книги што ги читав уште од времето, паметам еден неверојатен податок. За да се наполни само една тегла мед од еден килограм, пчелите колективно, сите заедно како едно семејство, мора да посетат милиони цветови. Поточно, за тој еден килограм чист мед, потребни се околу три до четири милиони поединечни посети на цветови. Тоа покажува колку моќна и фасцинантна е нивната организација.

Мед – Фото: Pexels

Што е најголемиот предизвик во модерното пчеларство денес? Дали е потешко да се произведе квалитетен мед или да се заштитат самите пчели?
– Денес, без никакво двоумење, најголем предизвик е да се заштитат пчелите за да останат живи. Квалитетен мед лесно ќе се произведе ако природата околу нас е здрава и недопрена, но за жал, пчеларите сè повеќе се соочуваат со неконтролирана употреба на силни пестициди во земјоделството. Огромен негативен фактор се и климатските промени. Поречието, каде што јас ги чувам моите пчели, со години наназад е изложено на страшни шумски пожари. Пред петнаесеттина години, во еден таков голем пожар, претрпевме катастрофа и изгубивме дури 150 пчелни семејства наеднаш.

Покрај пожарите, во нашево место се соочуваме и со напади од диви животни, конкретно мечки. Мечката е чест гостин во Поречието и во потрага по храна, неколку пати досега доаѓала на мојот пчеларник и буквално се насладувала кршејќи ги моите сандаци. Кога на сето ова ќе ги додадете општото загадување, сè помалиот број на природни медоносни растенија и опасните паразити како што е „вароата“, добивате исклучително нестабилни и тешки сезони. Затоа, за нас пчеларите во денешно време, десет пати потешко е да се зачуваат здрави и живи пчелните семејства, отколку самото вадење на медот. Ако ги сочуваме нив, ќе има и мед, а со тоа ќе има и живот за природата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот