Интервју со Влатко Галевски: Сѐ уште не ме изневерува потребата од нуркање во филмскиот океан
Иновативен филмолошки концепт во толкувањето на делата на дванаесет мајстори на филмскиот занает носи книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски, чија промоција се одржа на „Флипбук филм фестивал“.
Препорачано
Делата на дванаесет мајстори на филмскиот занает, како Вим Вендерс, Жак Тати, Рој Андерсон, Шантал Акерман, Ингмар Бергман, Ањес Варда, Андреј Тарковски, Бела Тар, Дејвид Линч, Акира Куросава, Ларс фон Трир и Аки Каурисмаки, добија уникатно, неконвенционално и суптилно толкување во книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски. Промоцијата на книгата се одржа во Кинотеката на Македонија, а промотори беа Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков.

Влатко Галевски е филмски критичар и новинар од областа на културата. Напишал повеќе од 1.300 филмски рецензии за домашни и странски списанија. Активно соработува со значајните македонски филмски фестивали. Редовно е акредитиран на фестивалите во Кан и Берлин.
Основач е и домаќин на Дебатниот филмски клуб „Лале“ и ментор е на Школата за филм во МКЦ. Автор е и водител на радиоемисијата „Слушајте филм“, со повеќе од 1.200 емисии. Автор е на книгите „Фацерија“ и „Исповедни финеси“, како и продуцент, кинематографер и коавтор на музика на долгометражниот игран филм „Маклабас“. Член е на македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Филмофилското издание „Калиграфи на филмското писмо“ го објави издавачката куќа „Флипбук букс“ од Скопје.
На „Флипбук филм фестивал“ се одржа промоцијата на книгата „Калиграфи на филмското писмо“. Каков личен предизвик имаше да ја напишеш книгата?
– Несогласување со пасивноста. Неколку мотивирачки поттикнувања од пријатели и, конечно, потребата од ослободување од клишираните форми на филмско/рецензентски наративи. Дури не мислам дека беше во прашање предизвик, туку, некаков мотивациски концептуален експеримент.

Веќе во воведот на книгата ги оспоруваш рангирањето и префиксот „нај-“. Практично на што е базирана селекцијата на 12-те филмски автори за кои пишуваш во книгата?
– Да, жестоко се противам на метричката употреба на префиксот „нај-“ во уметноста. И историјата на уметноста, за среќа, не се занимава со мерења на големини и количини, туку со вреднување, со критички став, како единствено можна и релевантна референца на уметничките дела.
Инаку, јас не сакав да спорам со идните читатели на книгата, да наметнувам став, мислење или критериум. Сакав само, со аргументи и имагинација да предочам едно поинакво филмско авторство на дванаесетмината режисери. Не како жанровска инаквост, туку како нивна естетска, инфлуентна и културолошка потка, како нивен внатрешен филмски код кој во комерцијалната џунгла сѐ почесто е со статус на зaгрозен вид… или, уште погрда е етикетата која се лепи на нивните филмови како „елитистички фетиш“.
Во мојот „пакет“ од режисери филмот станува повеќе интелектуален простор за размислување отколку класичен раскажувач на приказна. Кај нив, се разигруваат границите меѓу фикцијата и документарното. Практично, артхаусот е во спрега (или поточно под влијание) со постструктурализмот, и повеќе се занимава со разложување на стабилното значење и авторитарноста на структурата.
Како кај Рој Андерсон, на пример („Приказни од вториот кат“) – фрагментирана структура, нема централен наратив, туку тематска мрежа; или кај фон Трир („Догвил“) – деконструкција на жанр со нестабилен морален заклучок… Во секој случај, потребата од споредбите и влијанијата на литературата врз филмот се покажа ултимативна, а веројатно и клучна за моите визии за „Калиграфите на филмското писмо“.

Зошто одлучи во насловот на книгата да го употребиш терминот калиграфија, кој повеќе се однесува на вештината на убаво пишување (краснопис), а тука станува збор за филмски автори?
– Сметам дека метафората во насловот на книгата е применлива во однос на ракописот и светогледите на секој автор поединечно, а и затоа што филмот неспорно, е визуелно писмо. Гледајќи ги (и читајќи ги) нивните калиграфски вештини, за мене беше како натпревар на тема – колку од умот зависи мирната рака.
Текстовите за филмските автори се поткрепени со фантастичен избор на филмографија од 12-те автори. Колку од посочените филмови ги гледаше одново за потребите на книгата?
– Речиси сите! Но и завидна количина филмови од режисери кои не се во книгата, а беа планирани. Првичната бројка беше 25-мина. Ги „препрочитав“ и Фелини и Пазолини и Буњуел и Годар и Бертолучи и Кјубрик и Мира Наир и Лантимос и Сокуров и Софија Копола и Киаростами и Фархади… и Кишловски… Се надевам дека и со нив ќе имам шанса за блиска средба од книжевен вид. (Оние домашни автори кои добро ги познаваат состојбите во нашето издаваштво точно ќе знаат зошто спомнатата бројка не било во можност да се испорача). Рестрикцијата беше и логична и оправдана во однос на амбициозниот планиран влог… Сепак, остана да ме грее решителноста да бидам крајно доследен на идејниот концепт за книгата.
Какво е значењето и на авторите и на филмовите спомнати во книгата во историјата на филмската уметност?
– Значењето на авторите кои се портретирани во книгата е далеку поголемо денес, отколку само од аспект на историска вредност. Од Вендерс до Каурисмаки, од Тати до Акерман, од Бергман до Тарковски… и сите останати, ја задолжија уметноста подеднакво жестоко како и Фуко и Брехт, како и Достоевски и Киркегор, како и Кафка и Чехов во литературата, и сите заедно ја дефинираа културната спрега помеѓу филмското и книжевното калиграфство. Сите тие заедно, и уште многу други визионери се двигатели на запишаната и филмската мисла и филозофија, двигатели на човечката цивилизација.
Вообичаено во филмолошките книги има факти и мислења, но во оваа книга во еден сегмент има и фикција. Зошто?
– Едноставно, сакав да внесам повеќе динамичност со тоа што повремено ќе се растоварам од неопходната фактографија и на некој начин ќе „зборувам“ со нивниот зачуден јазик полн со фантазии, апсурди и лудувања, а истовремено и да ги приземјам, споредувајќи ги нивните вештини со уметноста на архаичните занаетчии. Сегментите со фикциите и занаетите беа навистина возбудлив дел од пишувањето. На извесен начин сакав да се вклопам во нивното творештво со сопствена примена на некаква наративна ентропија. Ми се виде интересно да создавам куси вињети/раскази во кои се опишани ситуации кои никогаш не се случиле, псевдо/прозни фикции во кои се среќаваат и разговараат портретираните режисери (и некои други), бранејќи ги своите естетски, морални и идеолошки определби.
Така, соочував автори од различни генерации и најчесто со различни (понекаде и слични) светогледи, како, на пример, разговорот помеѓу Тарковски и Лантимос, или помеѓу Акерман и Рој Андерсон, или телефонскиот разговор на Бела Тар со Апитчапонг Верасетакул, или кафе-средбата помеѓу Ањес Варда и Џејн Кемпион… Голем дел од тие приказнички се „случуваат“ на реални локации и топоними, што ми се виде како интересен детал.
Интересно е што книгата ја завршуваш со „Кратка студија за минимализмот во филмовите“. Претпоставувам дека ова произлегува од твоето несогласување и често паушалното категоризирање на „калиграфите“ во минималисти?
– Точно! Би можел тоа да го поткрепам со дузина примери каде што и буквално зборот минимализам не се совпаѓа ниту со својата јазична ниту со суштинската димензија на филмовите на спомнатите режисери. Во суштина, минимализмот е дисциплина на „помалку, но подобро“ – секој елемент има функција, а ништо не е вишок. Или, како во мудро срочената дефиниција на теоретичарот Дејвид Бордвел – „Помалку е повеќе кога помалку е еднакво на поинаку“.

Како излезе филмот и филмската уметност да бидат и да останат твоја лична животна определба?
– Во различни фази од животот, човек ги менува определбите. Излезе дека кај мене тоа е филмот, иако и музиката (како член на „Октет Македонија“) и 25-годишна радијска активност со „Слушајте филм“, покриваат добар дел од професионалното работење. А сепак, во моето киножитие, пак сѐ се врти околу филмот, од фестивалски активости до продуцентски ангажмани. Сѐ уште не ме изневерува потребата од нуркање во филмскиот океан.
Со појавата на дигиталните платформи и со згаснувањето на голем број киносали се чини дека се менува суштината на кинодистрибуцијата и гледањето филмови во кино. Каков ефект тоа би имало врз филмската уметност?
– Ќе ја парафразирам Сузан Сонтаг, која резигнирано констатира криза во идентитетот на филмот како заедничко, длабоко искуство и смирувачка уметност, иако сѐ уште е најжива и највозбудлива форма на уметност. Но, присутна е и скепсата во смисла на теоретичарот Жак Рансиер, за кого „кинофилијата“ е страст што ги нарушува традиционалните критериуми за висока уметност, откривајќи сјај во најобичните сцени и фокусирајќи се на нејзината „нечистота“ како уметничка вредност.
Денес, ние сме жртвите на куќната кинофилија. Тоа е ефектот од „консумеристичката уметност“. За среќа, макар и инцидентно, авторскиот филм се случува да ја победи индустриската филмска техникалија. На мислење сум дека, сепак, иднината на киното е сѐ помалку розова.
Истовремено на социјалните медиуми се појавија многу „филмски критичари“, но што е потребно за човек да стане филмофил?
– Имам мала дистанца од поистоветувањето на филмофил и филмски критичар. Филмофилството е пријателство со филмот (релацијата е на аматерска основа), а на рецензентот пишувањето за филм му е професија. Се разбира, границата е суптилна, како две страни на љубовта кон филмот, каде едната е повеќе емотивна, а другата повеќе аналитичка. Нема добра филмска критика без вредносно и образложено расудување, толкување, набљудување и личен лексички печат.

Фикција: Исповедта на ангелот
Ние ангелите не сме духови. Ние сме создадени од човечки материјал и сходно, можеме да размислуваме. За разлика од нас, духовите немаат потреба од умствено напрегање. А тоа е зашто се празни. Да се биде ангел е пријатно чувство. Ние сме, сепак, во привилегирана позиција во однос на сите оние кои чекаат да станат ангели. Но, тоа не значи дека сме арогантни, туку само на работите гледаме од малку повисоко. Можеби е чудно, ние, сепак, имаме желби, но погрешно е верувањето дека исполнуваме туѓи, ние само набљудуваме и сочувствуваме.
Оние во чекалната веруваат дека сме бестелесни, ама грешат.
Еве, на пример. Есенва бев на кус престој во Берлин кај мој пријател и колега од берлинската ангелска заедница… Заѕвони телефон и колегата ми вели – Те бара Вим Вендерс!? Не знам од каде му е мојот број! (Да појаснам, ние за реалниот свет сме невидливи, но гласовно – телефонски можеме да комуницираме)… Angel Bruno am тelefon… bitte komm.
…- Вашата улога во мојот филм е мошне едноставна и сцената ќе ја снимиме само за еден ден – ми вели Вим. Практично, ми треба вашата вештина за лебдење. Ми треба еден елегантен прескок од едната на другата страна на Ѕидот.
Прифатив, сепак карактерот ми е ангелски. Берлинските колеги ме наградија со насмевки и одобрување.
Со почит,
Бруно Ганц
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 294, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.8.2025)


