Интервју со Владица Младеновски – Грга: Наоѓаме начини да креираме програма со која ќе се гордееме

Фестивалот „Здраво млади“ со својата отвореност кон новите текови, звучната енергија и младешката свежина стана препознатлива карактеристика на Младинскиот културен центар, како негов иницијатор и организатор.

Првата најава за 12. издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ се случи на почетокот на април. Во меѓувреме се дополнуваше списокот на учесници, на кој се наоѓаат познати имиња од европската и светската музичка сцена, со огромна поддршка од локални артисти, чија матична сцена е во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Покрај новото издание на „Здраво млади“, со Владица Младеновски – Грга, музички уредник во МКЦ, отворивме и теми што се поврзани со суштинското значење на сцената во МКЦ за музичкиот живот во Скопје, за „поддршката“ што ја добиваат од домашните установи и институции, за вмрежувањето со европските музички центри, но и за ентузијазмот, посветеноста, пожртвуваноста и визијата на целиот тим на МКЦ во создавањето на новите традиции.

Дизајнот на промотивните материјали за 12. „Здраво млади“ е дело на младиот македонски уметник Гоце Илиевски

Како изгледа финалниот список на 20-ина дена пред одржувањето на фестивалот „Здраво млади“?

– Секоја година се трудиме програмата да ја затвориме на најмалку три месеци до фестивалот, но тоа и воопшто не е лесна задача поради многу различни фактори. Оваа година фестивалот го најавивме во април со објавата на постерот, дело на македонскиот млад уметник Гоце Илиевски, постер на кој сме многу горди. Денес, на 20-ина дена до фестивалот програмата е затворена и најавена, искрено со доста измени од првичните планови, со многу тешкотии, со десеткуван буџет успеавме да креираме програма со која сме повеќе од задоволни.

Имаме 16 музички имиња од 12 различни држави, меѓу кои и групи од Сирија, Украина, Грузија, како и од САД и Канада. Жанровски многу различни, интересни и возбудливи. Оваа година имаме три фестивалски бини, од кои мораме да напоменеме дека едната фестивалска бина е курирана од пријателите од АМОК-радио и содржи супер интересни имиња од електронската сцена. Датумот е 3-ти септември, Парк МКЦ.

Со „Здраво млади“ сакаме да понудиме уникатна, разновидна, интересна, непредвидлива понуда и да ја натераме публиката да истражи нова музика / Фотографија: Стефан Самандов

Клучна одредница на фестивалот е синтагмата „нова музика“ и со таков опис се организира веќе 12 години. Што во квалитативна смисла селектира „Здраво млади“ од новата музика?

– „Здраво млади“ се труди да биде во тек со новите текови во музиката. Се обидуваме да презентираме нови и свежи имиња од светската музичка сцена. Од една страна, сакаме да понудиме уникатна, разновидна, интересна, непредвидлива понуда и да ја натераме публиката да истражи нова музика. Секако, од друга страна, не смееме да претеруваме во опскурното и експерименталното и се трудиме да понудиме и познати имиња од музичката сцена. Сепак, тоа е една друга приказна, која е поврзана најчесто со финансии, а тоа не е нашата најсилна страна и мораме да ја креираме програмата во рамките на можностите, средствата што ќе успееме да ги обезбедиме од донатори и спонзори и мораме да го имаме предвид и капацитетот на посетители на „Здраво млади“, цената на билет за настанот…

Генерално, не отстапуваме од идејата со која го започнавме фестивалот, а тоа е „new music first“ и сакаме да го изградиме и задржиме имиџот на фестивал на кој ќе се заљубите во својот нов бенд, кој ќе го запознаете на „Здраво млади“.

Насловот „Здраво млади“ е специфика што фестивалот го поврзува со МКЦ, порано познат и како Дом на млади „25 Мај“. Има ли приказна околу создавањето на насловот на фестивалот?

– Тимот што го презема/наследи МКЦ датира уште од 2009-та, и во времето кога се оформи тоа „ново јадро“ сфативме дека МКЦ ги има Млад отворен театар (МОТ) и „Синедејс“, а нема музички фестивал. „Здраво млади“ е „роден“ во 2010 година, а првото издание се случи во април 2011 година.

Името фестивалот го доби по име на флиперница во Кратово. „Бернајс пропаганда“ свиреа во Кратово во прибежиштето на младите од Кратово во тоа време – клубот „Талисман“, некаде во декември 2010 година. Дел од екипата на МКЦ беше присутна на тој концерт и при прошетка низ градот наслушнавме дека некаде имало флиперница што се викала „Здраво млади“ и постоела во 90-тите години. Оттаму и од таа случка го „присвоивме“ името што се врзуваше со претходниот назив на МКЦ – Дом на млади, секако ни беше позната и песната на „Мадригали“, а набргу потоа дознавме и за некоја ТВ-емисија во Југославија од 70-тите, која се викала „Здраво млади“.

Владица Младеновски – Грга повеќе од 20 години е активен чинител на македонската музичка сцена / Фотографија: Стефан Самандов

Оваа година МКЦ одбележува 50 години од своето постоење. Колку музичката програма е еден од столбовите на неговото полувековно опстојување и развој?

– Секако дека музичката програма е „перјаница“ на МКЦ и дека оваа програма е нешто од најпрепознатливите во домот, а воедно е и програма која собира најголем број посетители. Сепак, МКЦ не би било МКЦ без другата културна понуда (театар, филм, литература, галерија).

Конкретно за долго очекуваната прослава која ја одбележуваме сите ние, 50 години МКЦ, музичката програма е буквално осакатена од страна на институциите. За музичка програма во 2022 година имаме 0 (нула) денари поддршка од Министерството за култура, а поддршката од Градот финансиски е драстично намалена во споредба со минатите години. Сепак, не сме па ни ние до толку наивни да се држиме до поддршката од комисиите во установите и институциите што даваат мислења и селектираат програма, туку наоѓаме начини да креираме програма со која ќе се гордееме, која ќе има интерес кај скопската и македонската јавност.

Во изминативе 13 години, речиси и да не постои македонски бенд што не настапил во МКЦ, а благодарение на атрактивноста на понудата во МКЦ на концерти често можат да се сретнат и луѓе од соседството. Сепак, нескромно ќе биде доколку не ги спомнам и нашите надворешни партнери, кои нудат фантастично квалитетна и разновидна музичка програма („Terrorvoid promotions“, „Пасворд продукција“, Скопје џез-фестивал, „Sureshotz entertainment“, „ПМГ Рекордингс“, „Авалон продукција“, „Фанки фреш“, „Diehard records“, „Земјотрес фестивал“…).

Музичката програма е „перјаница“ на МКЦ и во нормални услови се случуваат околу 150 концерти годишно / Фотографија: Зденко Петровски

МКЦ е бастион на новата музика во текот на целата година. Колку концерти годишно се случуваат во МКЦ и каков е соодносот на домашни и странски групи?

– До периодот пред коронавирусот, во МКЦ се случуваа и до 650 програмски активности годишно, од кои околу 150 беа од музичката програма. Секако, поради забраните кои ги донесе корона-кризата бројот на концерти опадна, но ние дадовме натчовечки напори да се одржи континуитетот на концерти, а воедно и успеавме во услови на криза да ангажираме огромен број музичари и музички групи кои добија фер и еднаков третман. Со олабавувањето и паѓањето на мерките, полека се обидуваме да се вратиме на старите патеки, па во првата половина на 2022 успеавме да реализираме 40-ина музички концерти, а за втората половина на година имаме закажано уште најмалку 40 настапи.

Се трудиме да држиме баланс помеѓу домашната и интернационалната понуда на репертоарот, а воедно се обидуваме и да одржуваме родов баланс при програмирањето, односно да понудиме повеќе женски изведувачи, бидејќи соодносот не е балансиран и е на страна на мажите, сега-засега.

Успеавме да го ставиме МКЦ на европската и светската мапа на културни центри, успеавме да донесеме во Скопје врвни уметнички имиња, а посебно ми е драго што МКЦ се отвори и кон домашните уметници и изведувачи / Фотографија: Стефан Самандов

Музичката програма е дел и од филмскиот фестивал „Синедејс“ и од театарскиот МОТ. Со каква цел?

– Со текот на годините музичката програма стана нераскинлив дел од МОТ и „Синедејс“. Целта е да се прошири понудата кон публиката и посетителите да имаат соодветна „офф-програма“, што само може да го збогати нивното искуство со посетата на нашите филмски и театарски фестивал. Програмата „Синемјузик“ во рамките на „Синедејс“ е исклучително интересна, шаренолика и богата, а во минатото се надополнуваше и со музички документарни филмови. Поради логистички причини оваа програма е постабилна и поконзистентна, за разлика од фестивалот МОТ, кој често ползува многу различни простори ширум МКЦ и некогаш едноставно нема можност да се одржи и концерт. Сепак, со колегата Русе Арсов, директор на фестивалот МОТ, за оваа година имаме неколку интересни музички имиња кои ќе бидат дел од 47. издание на МОТ.

Во последниве години МКЦ стана дел од неколку европски мрежи, а се чини дека „Liveurope“ има особено значење во однос на музичките активности на МКЦ. Какви се придобивките од овие вмрежувања?

– МКЦ од оваа година е полноправна членка на мрежата „Liveurope“. Станува збор за платформа која вмрежува 21 концертна сала ширум Европа, а МКЦ е единствениот член кој не доаѓа од Европската Унија. Главна цел на „Liveurope“ e промоција на млади европски артисти и поголема размена на програма помеѓу концертните сали. Само во првата половина на 2022 година МКЦ реализираше 15-ина концерти под етикетата на „Liveurope“, а македонските бендови, како „21 век“, Дина Јашари, „You“ имаа настапи поддржани од програмата „Liveurope“.

Нашата цел е да успееме да ја зголемиме културната размена и, покрај новите европски таленти што ќе настапуваат во МКЦ, да успееме да презентираме и дел од нашите нови и млади сили кон Европа.

Придобивките и потенцијалите од „Liveurope“ се огромни за нас како МКЦ, но, исто така, можностите на новите македонски изведувачи се големи и овие можности треба да се искористат, сѐ со цел развој и поголема видливост на македонската музичка сцена во Европа. Во многу држави се отвораат и таканаречени „music export“ канцеларии иницирани од нивните министерства и установи. За жал, кај нас сега засега сѐ се сведува на ентузијазам, упорност, снаодливост и издржливост.

Европската авангарда во Скопје беше претставена преку ликот и поетиката на Бликса Баргелд, кој настапи заедно со Техо Теардо во 2017 година / Фотографија: Зденко Петровски

Каква е твојата лична приказна, односно поврзаност со музиката, и колку години си дел од тимот на МКЦ?

– Во Дом на млади сум од раните 90-ти години, како посетител. Имав среќа да имам постар брат, кој сакаше да ме носи на настани. Благодарение на тоа во МКЦ успеав да изгледам и некои концерти на култни бендови, како „Екатарина Велика“, „Архангел“, „КУД Идиоти“, „Лет 3“, „Дисциплина кичме“… и целата таа сцена која настапуваше во Дом на млади во 90тите…

Од 2002 до 2009 бев дел од „Литиум рекордс“, денес „Пасворд продукција“, а во МКЦ работам од 2009 година. Повеќе од 20 години сум активен чинител во македонската музичка сцена. Слободно можам да кажам дека се гордеам со тоа што овој тим на МКЦ, кој се екипираше околу 2009/2010 година, досега го постигнал и го постигнува. Успеавме да го ставиме МКЦ на европската и светската мапа на културни центри, успеавме да донесеме во Скопје врвни уметнички имиња, а посебно ми е драго што МКЦ се отвори и кон домашните уметници и изведувачи. Од музичката програма во минативе 13 години би ги издвоил концертите на Марк Ленеган, „Swans“, „Thee Oh Sees“, Лиза Жерар, Бликса Баргелд…

Меѓу значајните концерти во МКЦ се двата настапa на авангардниот американски бенд „Swans“ / Фотографија: Александар Михајловски

Дали самото одржување на фестивалот „Здраво млади“ ќе има роденденски призвук, или можеби планирате и друг музички настан за одбележување на 50-годишниот јубилеј на МКЦ до крајот на годината?

– Плановите за јубилејот 50 години МКЦ ги приготвуваме уште во 2019-та, но ситуацијата на планетава Земја ги наруши првичните скици. Како и да е, се трудиме достојно да го одбележиме јубилејот со тоа што го имаме на располагање, и нема да имаме централен музички настан, но покрај „Здраво млади“, кој секогаш е празник за нас, до крајот на 2022 година ќе имаме интересни концерти.

Еве и ексклузивно за првпат најавуваме, кон крајот на ноември МКЦ ќе биде домаќин на фестивалот „Liveurope“, на кој ќе имаме соодветна музичка програма составена од млади изведувачи, проследена со 40-ина гости, претставници на музичките сали кои се дел од мрежата. Нешто како ЕУ-самит во МКЦ Скопје, само не политички, туку музички!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 141, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 август 2022)

Видео на денот