Страхил М. Петровски, визуелен уметник

Интервју со визуелниот уметник Страхил М. Петровски за неговите изложби во Париз и Њујорк: Уметноста не смее да е изолирана

Минатата година за Страхил М. Петровски беше интензивна на креативен план и продуктивна во однос на презентација на сопственото творештво, кое успеа да го претстави во големите светски и културни центри Париз и Њујорк.

Мултимедијалниот и визуелен уметник Страхил М. Петровски е претставник на средната генерација визуелни автори. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, какви што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Покрај креацијата, во текот на 2025 година тој успешно го претстави своето творештво и пред меѓународната јавност.

Преминот во новата 2026 година го дочека во Њујорк, каде што беше презентирана твојата изложба „Реминисценции“. Какви импресии донесе од Њујорк?

– За мене како автор 2025 година беше навистина интензивна и продуктивна со реализација на повеќе самостојни и групни изложби во земјата и во странство. Да, преминот во новата 2026 година беше уште еден значаен предизвик за мојата уметничка кариера, со најновата поставка на изложбата „Реминисценции“, која беше отворена на 30 декември 2025 и траеше до 9 јануари 2026 година во „Галерија МЦ“ во Њујорк, а која беше поддржана од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

Од каде да почнам и што да кажам за моите импресии за Њујорк како еден од водечките светски мегацентри на уметноста и сѐ она што е поврзано со уметноста и културата, генерално? Иако поминаа неколку недели од отворањето на изложбата, сѐ уште ги сублимирам моите впечатоци и импресиите од престојот таму. Њујорк секогаш остава многу силен и повеќеслоен впечаток, но овој пат импресиите беа подлабоки и поселектирани.

Градот е бучен, брз и немилосрден, а истовремено неверојатно инспиративен и бајковит (особено за време на божиќните и новогодишните празници кога навистина блеска со сиот свој сјај и „раскош“) со безброј културни настани и одлични изложби, преполни галерии и музеи, контрасти на секој чекор, дуализми… – постојано те тера да размислуваш, да се преиспитуваш, да реагираш, но доколку е можно и да ги следиш тие вибрации и темпото што самиот град ти ги/го наметнува.

Престојот таму, особено во моментот кога изложбата „Реминисценции“ беше отворена, ми донесе чувство на интензивен дијалог со средината: со просторот, со публиката, со куратори и љубители на визуелната уметност, со различни културни и уметнички контексти. Импресиите што ги понесов од таму навистина се своевиден „микс“ од возбуда и свесност дека таквите средини те обликуваат / преобликуваат, те зацврстуваат на некој начин, но во исто време и те поттикнуваат да бидеш поискрен самиот со себе и уште похрабро да чекориш по патеките низ визуелното како уметник.

Изложба „Реминисценции“ во Њујорк

Во каков формат и со каква порака беше презентирана изложбата во „Галерија МЦ“ во Њујорк?

– Изложбата „Реминисценции“ во Њујорк беше составена од две целини, кои беа презентирани како просторна, мултимедијална инсталација, каде што делата на хартија изработени во комбинирана техника на хартија не функционираа изолирано / одделно, туку визуелно се надополнуваа како целина во еден современ / интерактивен контекст со посетителите, монументално преобликувајќи го просторот на самата галерија, кој беше уште еден предизвик за мене.

Форматот и концептот беа осмислени така што гледачот требаше да се движи низ изложбениот простор и поставката како еден континуиран наратив – помеѓу цртежите, објектите и материјалните траги што ја носат идејата за меморијата и времето. Пораката беше суптилна и јасна: преиспитување на личното и на колективното сеќавање, на трагите што ги оставаме зад себе и на начинот на кој минатото постојано се враќа, а се пресликува во сегашноста на колективниот хаос и динамичноста на совремието во кое живееме и се соочуваме денес.

Наместо директен одговор, изложбата понуди целокупно визуелно искуство, простор за тишина, контемплација, размислување и лична интерпретација, но во исто време зрачеше со прекрасна енергија, отворен и квалитетен дијалог со посетителите / реципиентите, кои во голем број беа присутни на самото отворање и од кои навистина добив позитивни повратни реакции и критики – од интимни филозофски размисли до директна критика на современата реалност.

„Реминисценции“ стана своевидна лична и професионална мапа низ 2025 година, проект што се развиваше, патуваше и созреваше заедно со мене

Тоа не беше твое прво присуство таму. Какво беше чувството повторно да се биде во Њујорк?

– Точно! Моето прво претставување во Њуjорк се случи пред шест години, во 2020 година со изложбата „Акција | Реакција | Свет | Збор“ (“Action | Reaction | Wor(l)d“), исто така мултимедијален проект што имаше одличен одзив кај њујоршката публика во тој период. Чувството беше навистина посебно, но и поинакво од првиот пат. Кога се враќаш во Њујорк, веќе не си само набљудувач – туку носиш со себе едно лично искуство, спомени и одредена самодоверба. Градот и понатаму те шокира со својата енергија и неконвенционалност… но овој пат имав чувство дека подобро ја разбирам таа динамика и знам каде се наоѓам и снаоѓам во тој однос…

Особена инспирација и задоволство ми претставуваше посетата на најзначајните музеи и галерии (МоМА, Пеги Гугенхајм, Витни музеум од америкен арт, Бруклин музеум, Арте музеум итн.) со врвни поставки на изложби каде што беа претставени најпознатите современи светски уметници, технологии и медиуми, врвни дела од богатите приватни колекции, а како мој личен избор би ги истакнал делата на уметниците со африканско потекло.

Повторното присуство со изложбата во Њујорк ми донесе сигурност, но и одговорност (да се надоврзам на претходното искуство), да одам чекор понатаму и да оставам подлабока и поосмислена трага во моето творештво и постоење како уметник. Њујорк е град што секогаш те тестира и провоцира, но токму во тоа е неговата инспиративна сила. Те меле, те удира и те крева од земја, друго нема… Силен контраст, нема што!

Изложба „Реминисценции“ во Париз

Изложбата „Реминисценции“, на некој начин, ја одбележа твојата 2025 година, бидејќи претходно беше претставена и во Париз. Низ какви трансформации минуваше поставката на различните локации?

– И, тоа на повеќе нивоа! „Реминисценции“ стана своевидна лична и професионална мапа низ 2025 година, проект што се развиваше, патуваше и созреваше заедно со мене. Претставувањата во различни културни средини му дадоа нови значења, но истовремено ми овозможија и јас појасно да ја согледам сопствената позиција како автор. Изложбата не беше само резултат, туку процес на истражување, преиспитување, дијалог со просторот и со публиката, како и континуирано навраќање кон прашањата за меморијата, времето, личното…

Во таа смисла, изложбата навистина ја одбележа 2025 година и беше во фокусот на вниманието и културната јавност. Поставката минуваше низ неколку важни трансформации, и тоа некако беше многу природен процес… Иако јадрото, концептот на „Реминисценции“ остана речиси „исто“, темите на меморијата, трагите, времето и личното / колективното искуство на секоја локација наложуваше поинаква поставка, различен дијалог и контекст со просторот и публиката.

Во Париз изложбата беше поинтимна, повеќе насочена кон внатрешното созерцание и слоевитоста на материјалот. Њујорк, пак, некако природно (согледувајќи ги своите претходни искуства, размисли, истражувања…) бараше поотворена и подинамична структура на поставката, со понагласен просторен ритам и посилна физичка присутност на делата, така што и самата инсталација „дишеше“ поинаку. За мене тоа беше најважно – изложбата да не биде фиксен објект, туку жив организам што реагира на контекстот, културата и енергијата, кореспондирајќи со местото и просторот во кој е поставена.

Дали патот на оваа изложба е заокружен или имаш и други планови во тој правец?

– „Реминисценции“ не ја доживувам како завршена изложба, туку како процес што се менува со секое ново појавување / поставување. Секоја нова локација остава своја трага – не само врз поставката, туку и врз мене како автор. Во претходните претставувања, односно во париската поставка од јуни 2025 година во галеријата „Abstract Project“, циклусот се движеше повеќе низ интимен простор. Делата комуницираа тивко, блиску едно до друго, како фрагменти од лична архива. Меморијата беше внатрешна, затворена, речиси заштитена.

Со поставувањето во Њујорк, овој однос се промени. Просторот повеќе не дозволуваше интимност без отпор. Делата мораа да „дишат“ поинаку – да се оддалечат, да се исправат, да влезат во дијалог со вертикалите и празнината. Празниот простор стана активен елемент, еднакво важен како и самата поставка на изложбата. Материјалите, кои претходно носеа лична трага, тука се соочија со урбана тежина и „вајб“. Површината престана да биде архив и почна да функционира како ѕид – изложен, ранлив, тензичен… под притисок. Трагите повеќе не се скриени, тие се видливи… Во оваа поставка, гледачот не може да остане дистанциран и пасивен. Телото на посетителот е принудено да се движи и прилагодува, да ја мери дистанцата, да влегува и излегува од фрагментите на делата (големите индустриски хартии и цртежите со помали димензии…). Перцепцијата станува активен процес, а меморијата – нешто што се доживува во реално време.

Изложбата во Њујорк за мене претставува момент кога личното и колективното се судираат. Синтеза од дуализми низ повеќе слоеви. Тоа е изложба за меморијата што не мирува, за идентитетот што се „менува“ под влијание на постојан просторен и социјален притисок, но и за можниот обид да се задржи човечката емоција и трага во средина, во град кој постојано има тенденција да ја брише и пребришува истата. Циклусот најверојатно ќе продолжи да живее во некои други простори, димензии и контексти…

Присуството во уметнички мегацентри како Париз и Њујорк за мене е своевидна внатрешна / интимна верификација на сопствениот уметнички јазик

Што за духот на уметникот значи присуството на уметнички мегацентри, како Париз и Њујорк? Со каква креативна енергија се наполни таму?

– Присуството во уметнички мегацентри како Париз и Њујорк за мене е своевидна внатрешна / интимна верификација на сопствениот уметнички јазик. Тоа се средини каде што историјата и современоста постојано се судираат, а уметникот мора да биде јасен, искрен и прецизен во својот уметнички израз. Париз, носи чувство на своевиден континуитет. Таму уметноста е длабоко вградена во културната меморија. Таа средина е поинтимна, некако посмирена, што мене лично ме поттикна кон интроспекција и внимателно градење на слоевите во моето понатамошно творештво, со особена почит кон сопствената историја и богатото културно наследство.

Во Њујорк напротив, имам чувство (позитивно барем за мене) дека сѐ функционира под притисок и неподнослива динамика која изненадувачки, мене лично многу ми годи. Тој град не дозволува дистанца, мора да си „into it“. Таму сѐ е дозволено и изложено – ритамот, обемот, конкуренцијата, еуфоричноста, брзината, контрастите… Таа енергија не се / ве смирува, туку ги активира сите можни сетила!

Креативната енергија што ја понесов од таму (Париз, Њујорк) не е еуфорија, туку свесност дека уметноста мора постојано да се соочува со просторот, брзината на времето и сопствената ранливост. И, да, уметноста не смее да е изолирана… таа мора да биде жив сведок на времето, постојано да укажува на аномалиите во општеството, да проследува, следи и поставува прашања, да критикува, но од друга страна да едуцира, облагородува и просветлува. Во секој случај, тоа се искуства што се драгоцени, исклучително позитивни и значајни за мене како визуелен и мултимедијален уметник да претставам дел од сопственото творештво и креативната енергија која ја носам со себе на меѓународната сцена, во центри од калибарот на Париз и Њујорк.

На почетокот на минатата година со Лазе Трипков и Ангел Коруновски ја основавте уметничката група „Три“, во која владее дух на колективен израз што го претставивте во Скопје и во Битола. Со каква цел ја основавте групата и какви се заедничките планови за работа?

– Групата „Три“ ја формиравме на почетокот на минатата година со единствена цел да функционираме како колектив за дијалог помеѓу три различни авторски поетики што се среќаваат и делуваат во заедничкиот простор на современото визуелно истражување и битисување како активни творци во доменот на уметноста и културата. Во свет што е подложен на постојани промени, земајќи ги предвид сите аспекти, јас заедно со моите драги и почитувани колеги почувствувавме потреба да се здружиме и заеднички да делуваме интердисциплинарно, вонинституционално, па и активистички на уметничката сцена во Македонија и надвор од неа. Преку индивидуални пристапи, медиуми и практики, создадовме колективна целина во која личното искуство и концептот се испреплетуваат во еден динамичен сооднос, како поле на интеракција и континуирана трансформација.

Досега реализиравме две изложби со наслов „Зошто не сега…?“, првата во Младинскиот културен центар во Скопје, а втората во НУ Музеј и Завод Битола, во објектот „Магаза“. Навистина и двете изложби наидоа на позитивни реакции кај публиката и беа одлично прифатени на македонската ликовна сцена. Иако на почетокот на формирањето на групата имавме поинтензивни состаноци и дружби, во последно време поради нашите оправдани професионални, приватни обврски и индивидуални проекти во земјата и странство, физички не бевме во можност да направиме скорешна средба за да ги прецизираме нашите идни планови. Но, ние како колеги имаме неизмерна меѓусебна почит и разбирање и сме во постојана комуникација со повеќе идеи за реализација на нови заеднички концепти, проекти и изложби што допрва треба да ги претставиме пред ликовната јавност.

Какви лични предизвици на уметнички план имаш за 2026 година?

– За предизвиците никогаш доста, нека ги има… Оваа година имам повеќе планови со многу нови идеи за проекти/изложби кои допрва треба да ги реализирам во земјата и во странство. Според некој мој личен распоред, ми претстои интензивна и динамична година со веќе закажани самостојни изложби во Галеријата за современи уметности во Ниш – „Салон 77“, Србија, изложба во Културно-информативниот центар во Софија и неколку изложби за кои сум сѐ уште во преговори за термин.

Секако, морам да ги напоменам и групните претставувања, колонии и симпозиуми на кои сум поканет да учествувам, професионалните обврски како советник конзерватор за метал и дрво во матичната институција – НУ Музеј на македонската борба – Скопје, со низа проекти и активности кои се во подготовка, но и ангажманот во областа високото образование како вонреден професор по фотографија на студенти од трета и четврта година на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје. Јас, искрено се надевам дека и во текот на 2026 година, на уметнички и културен план ќе ме следи креативниот дух, внатрешниот творечки порив и позитивната енергија за да ги реализирам сите предвидени активности.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 319, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот