Интервју со Васил Зафирчев: Со Калиопи и денес го делиме секојдневието и љубовта

Фото: Приватна архива

Васил Зафирчев е еден од најистакнатите актери кај нас, кој има богато портфолио од многубројни театарски улоги. Сепак, на публиката ѝ легна при срце со улогата на готвачот Марио од хит-серијата „Преспав“, која ја прикажа и својата седма сезона.

Од сличноста со Марио, до љубовта со Калиопи, мераклија за кафеана, некогаш вљубеник во модни брендирани парчиња, актер што зад себе има еден куп улоги, исклучително духовит, Васил Зафирчев зборува за „Слободен печат“.

Седмата сезона на „Преспав“ ги врати омилените ликови на публиката. Задоволен ли си?

– Повеќе од задоволен. Понудивме поинаква, но сепак убава и успешна сезона. Со нови ликови, интересни авантури и неочекувани љубови, но и со стари навики на ликовите и очекувани заплети.

Правевте паузата една година. Успеа ли „Преспав“ да го задржи рејтингот кај публиката како претходните сезони?

– Рејтингот е нешто што се менува од епизода до епизода, во зависност од гледаноста. Најважно е што „Преспав“ има масовна и лојална публика, и тоа од различни генерации, која со многу љубов и поддршка нѐ следи во изминатите седум сезони.

Публиката те засака како Марио. Што беше пресудно?

– Покрај тоа што ликот на Марио е со амбивалентна природа, ја промовира различноста, зборува на туѓ јазик и се движи меѓу спротивности, среќен сум што публиката го засака, особено најмладите генерации. Пред сѐ, заради шармот, комичноста и инфантилната природа на неговиот карактер.

Фото: Промо

Пред улогата на Марио мислам дека луѓето те доживуваа како сериозен, но ти покажа колку си духовит. Каков е вистинскиот Васил?

– Таков е веројатно впечатокот кај оние што поретко доаѓале во театар и немале можност да ги проследат и моите комични остварувања. Вистинскиот Васил е комбинација од двата аспекти. Во основа духовит, но и сериозен кога е потребно.

Луѓето, често ги врзуваат актерите со ликовите што ги играат. Марио е лажен готвач, манипулатор, но не е лош и го сака Тони. Имате ли некои сличности?

– Секој лик добива по нешто од природата на актерот. Затоа што актерот се обидува докрај да го разбере, да го засака и да го оправда ликот што го толкува. Но, во случајот со Марио, коинциденција беше што и тој, исто како и јас, е вегетаријанец, јогист и вљубеник во животната филозофија на Истокот.

Како е во Велес… Дали зимскиот период те враќа во детството и ти буди некој убави спомени? Какво беше твоето детство?

– Во Велес е секогаш спокојно, како дома. А зимата неминовно ме потсетува на детството и на неговата безгрижност. Иако паметам и такви зими во Велес во кои како дете бескрајно му се радував на снегот. Родниот град секогаш буди најубави спомени од детството.

Фото: Промо

Кога те запознав, а тоа беше одамна, се сеќавам дека уживаше во убава облека и брендирани парчиња. Купуваш ли уште Кавали?

– Сѐ уште уживам во убава облека. Но, потребата од брендови заврши со естетичката фаза од мојот живот. Сега, во етичката, имам сосема поинакви приоритети. Важно е само облеката да е квалитетна и удобна.

Со Калиопи останавте добри пријатели по разводот. Како денес изгледаат вашите дружења по секојдневието што го делевте?

– И сега делиме секојдневие. И живот. Со заемна љубов, почит и поддршка.

Што научи од бракот со Калиопи? И дали сега си вљубен?

– Од бракот со Калиопи научив дека во љубовта најважно е пријателството. А, јас дали сум вљубен… Јас сум лесно вљублива природа. Затоа, секогаш сум исполнет.

Фото: Приватна архива

Марио се снајде во кујната, ама Васил? Умееш ли да готвиш и кое е твоето омилено мени?

– Сакам да готвам, кога имам време за тоа. Посветен сум на здравите рецепти, а омилени ми се азиските специјалитети.

Излегуваш ли често, каква музика слушаш, какви песни нарачуваш во кафеана и дали си тип што сака да се опушти во добро друштво и музика?

– Со оваа професија, ретко имам можности за излегување. Повеќе уживам во домашните дружби. Изборот на музика за слушање кај мене е секогаш инспириран од она што во моментов го работам. А, сакам и кафеана, и со убаво друштво знам и да запеам и да заиграм.

Актер во Велешкиот театар. Има ли доволно публика кај вас и во кој актуелни престави играш?

– В театар е секогаш работно, креативно и творечки. Во очекување на новата годишна програма за работа, актуелни се најновите продукции. Меѓу нив, настапувам во „Едвард Втори“, „Нема струја за електричниот стол“, „Инферно“, „Сара“, како и во театарскиот перформанс „Мисирков отпосле“.

Фото: Приватна архива

На крај… Те плашат ли годините? Колку како маж се негуваш за да го забавиш процесот на стареење?

– Немам никаков страв од староста, сѐ додека е будно детето во мене. Се негувам, пред сѐ, со добра и убава мисла, со редовна физичка активност и здрава исхрана. Тоа е основата за добро физичко и ментално здравје, неопходни за какви било животни и творечки предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот