Интервју со Сотирис Јанакудакис, генерален директор на МЕГА Шопинг Парк: Со „Total Experience“ концепт и 50 брендови, создаваме нова шопинг дестинација за целиот Балкан
Македонија е на прагот да добие дестинација која ги надминува локалните рамки и поставува нови, европски стандарди во малопродажбата и деловниот развој. На чело на овој амбициозен проект застанува Сотирис Јанакудакис, професионалец со повеќе од 16 години меѓународно искуство во ритејл-индустријата, кој носи значајна експертиза стекната преку развојот на некои од најрелевантните трговски центри на Балканот.
Препорачано
Позициониран на најфреквентниот сообраќаен коридор во регионот, МЕГА Шопинг Парк не е само шопинг-дестинација, туку сериозен стратешки капацитет од 20.000 м² кој најавува трансформација на економскиот пејзаж во јужниот регион. Со Јанакудакис разговараме за визијата зад проектот, предизвиците на македонскиот пазар и за тоа како концептот на „ритeјл парк“ ќе го редефинира секојдневието на потрошувачите.
Г-дин Јанакудакис, зад себе имате импресивна кариера во развојот на некои од најголемите трговски центри на Балканот. Како Вашето искуство од пазари како Бугарија, Грција и Романија го обликуваше Вашиот пристап кон менаџирањето на MЕГА Шопинг Парк во Македонија?
Јанакудакис: На мојата кариера не гледам како на некаков „импресивен“ успех, туку како на континуирано патување исполнето со учење и искуство стекнато во соработка со глобални модни ритејл компании и клучни регионални проекти. Начинот на кој се менаџира тоа искуство е она што ја одредува финалната вредност што еден менаџер може да ја придонесе за еден проект. Моето искуство на пазарите во Бугарија, Грција и Романија ми овозможи длабоко да разберам како усогласувањето на потребите на купувачите со високи оперативни стандарди може значајно да го подигне нивото на секојдневното шопинг-искуство.
Сепак, секој пазар има свој ритам и идентитет кој мора внимателно да се почитува. Нашата цел во МЕГА Шопинг Парк е да го пренесеме тоа меѓународно „know-how“ во Северна Македонија, не преку наметнување, туку преку внимателно прилагодување на локалните очекувања, навики и вредности. Адаптацијата е најкритичниот елемент; дури и најдобрите идеи можат да потфрлат ако не се соодветно локализирани. Целосно сме посветени на овој пристап и уверен сум дека на купувачите ќе им понудиме навистина уникатно искуство.

Во Вашите претходни изјави велите дека ритејл бизнисот е „тежок и суров, но никогаш досаден“. Што е она што Ве мотивираше да го прифатите предизвикот наречен MЕГА Шопинг Парк и како овој проект се разликува од Вашите претходни меѓународни подвизи?
Јанакудакис: Малопродажбата е предизвикувачка индустрија, но токму тоа ја прави значајна. Таа нуди можност да создадете нешто што реално го подобрува секојдневието на луѓето. Секој труд насочен кон подобрување на квалитетот на живот по дефиниција е напорен, па затоа тука едноставно нема простор за досада. Она што ме привлече кон МЕГА Шопинг Парк беше визијата на МЕГА семејството и нивната долгорочна посветеност кон развој на ритејл паркови и станбени објекти низ целата земја.
Со стратешки план за изградба на 10 вакви проекти, нашата амбиција се протега многу подалеку од самите недвижности; вистинската цел е темелно преобликување на пазарот и поттикнување на економскиот раст на национално ниво. Гевгелија има извонредна стратешка локација, која досега често беше перципирана само како попатна, транзитна точка. МЕГА е дизајниран целосно да ја промени таа перцепција. Создаваме модерен парк од отворен тип, простор кој е достапен, гостопримлив и целосно интегриран со околината, дестинација со свој автентичен и препознатлив идентитет. Токму таа визија е најсилната мотивација за мене и за целиот наш тим.
МЕГА Шопинг Парк е позициониран на најфреквентниот сообраќаен коридор на Балканот. Од стратешки аспект, каква трансформација очекувате да донесе овој капацитет за имиџот на Гевгелија како клучна точка меѓу Скопје и Солун?
Јанакудакис: Стратешката позиција на Гевгелија меѓу Скопје и Солун е добро позната, но нејзината важност е многу поголема, таа поврзува значителен дел од Европа со клучната влезна точка во Грција. Трансформацијата на градот е во центарот на нашиот фокус, но нејзиното влијание ќе се почувствува низ целиот регион. Токму тој предизвик беше пресуден да се вклучам во овој проект. Нашата визија е Гевгелија да израсне во енергичен регионален центар со меѓународно значење и да се претвори од транзитно место во примарна дестинација. МЕГА Шопинг Парк ќе ја има водечката улога во оваа трансформација, придонесувајќи за локалната гордост, економскиот раст и градење модерна европска перцепција за градот.

Често се вели дека еден современ „retail park“ не е само збир на продавници, туку комплексно корисничко искуство. Која е „МЕГА“ разликата што македонските потрошувачи ќе ја искусат тука, а која досега не беше достапна во овој регион?
Јанакудакис: „Современ ритејл“ значи адаптација на потребите на луѓето и олеснување на нивното секојдневие преку ефикасност и достапност. Денес еден ваков парк мора да понуди многу повеќе од обично место за пазарење; тој мора да понуди комплетно искуство. Во случајот со Гевгелија, ние одиме чекор понатаму кон концептот на таканареченото „Total Experience“.
Додека големите затворени трговски центри обично го нудат ова искуство, класичните „ритејл паркови“ често потфрлаат во тој сегмент. МЕГА Шопинг Парк целосно го менува тој пристап. Наместо вообичаените 10 до 20 брендови, ние нудиме избор од околу 50, што е јасен сигнал дека не правиме компромиси со потребите на нашите купувачи.
МЕГА Шопинг Парк е проектиран за максимална едноставност и ефикасност, со функционален распоред што заштедува време и нуди директен пристап до продавниците и отворениот паркинг. Истовремено воведуваме содржини кои се уникатни за регионот како што се медицински и козметички центар, огромен салон за мебел и најголемата станица за полнење електрични возила во земјата. Понудата ја надополнуваме со меѓународни гастрономски концепти, специфични зони за забава и „24/7“ услуги. Со поддршка на нашата силна програма за лојалност, МЕГА се позиционира како вистинска регионална дестинација за целодневна посета.
Проектот најавува отворање на над 500 нови работни места. Како прв голем чекор, го организиравте „МЕГА саемот за вработување“. Колку е важна синергијата со локалниот кадар и Вашата корпоративна одговорност кон задржувањето на младите во регионот?
Јанакудакис: Во сржта на секој проект се всушност потребите на луѓето, бидејќи тие се крајните корисници и вистинските судии за нашиот успех. Вистинскиот показател за влијанието на еден проект е тоа колку тој го подобрува животот на луѓето.
Создавањето на над 500 работни места, бројка која во следната фаза ќе надмине 800, е значаен придонес за локалната економија и пазарот на труд. Сепак, надвор од бројките, овој проект одговара на една подлабока потреба. Станува збор за создавање долгорочни кариерни можности во Гевгелија, што им овозможува на талентираните поединци да растат, да успеат и да ја градат својата иднина во сопствената заедница. За многу млади луѓе, ова е вистинска можност да останат и да напредуваат во својот роден град, наместо да бараат излез надвор од него. Преку иницијативи како МЕГА саемот за вработување, нашата цел е да изградиме одржлива работна култура која нуди стабилност, раст и силно чувство на припадност. Синергијата и заедничкиот раст со локалната економија и заедница се камен-темелникот на секој проект што води кон долгорочен просперитет.

Дали МЕГА Шопинг Парк е дестинација наменета само за локалниот пазар или очекувате сериозен прилив на посетители од соседните Грција и Србија?
Јанакудакис: Иако локалната заедница е нашиот примарен фокус, МЕГА Шопинг Парк природно припаѓа на многу поширок регион. Со оглед на тоа што се наоѓаме на самата граница со Грција и на главниот коридор кој ја поврзува Србија и остатокот од Европа со грчкото крајбрежје, очекуваме значителен број прекугранични посетители. Нашата цел не е само да им посакаме добредојде, туку да им понудиме конзистентно и врвно искуство кое во целост ќе го оправда нивното застанување тука. Самиот избор на брендови е внимателно направен за да ги задоволи локалните потреби, но истовремено да биде атрактивен и за меѓународните посетители.
Големото отворање се очекува со навистина голем интерес. Кога официјално МЕГА ќе ги отвори своите врати за посетителите и што конкретно е подготвено за тие први денови од работењето?
Јанакудакис: МЕГА Шопинг Парк официјално ќе ги отвори вратите на 28 мај. Подготвивме четиридневен спектакл со настапи во живо на најголемите регионални и домашни мега ѕвезди. Ова е само најава за многуте настани и изненадувања што ги планираме во периодот кој следува.
Ги покануваме сите граѓани да ни се придружат и заедно да го одбележиме почетокот на ова ново поглавје.
Се гледаме на 28 мај на големото свечено отворање!


