Ружица „Ареа“ - Фото: Инстаграм

Интервју со Ружица Милошеска-Брчиоска: Прекрасно е чувството кога песните на „Ареа“ и по 33 години ги пеат сите генерации

Еден од најомилените македонски бендови, „Ареа“, в сабота ќе го прослави 25-годишниот јубилеј од издавањето на албумот „Врати на имагинација“, еден од најуспешните и најпознатите албуми на македонската музичка сцена. За „Ареа“, ова издание не е само колекција песни, тоа е дел од нивната историја, сведоштво за љубовта кон музиката и посветеноста кон публиката која со години ги следи и ги слуша нивните хитови.

Во интервју за „Слободен печат“, разговаравме со Ружица Милошеска-Брчиоска, вистинска рок-дива, специфична во имиџот и со моќен вокал, пејачка и една од основачите на „Ареа“, која со многу емоции зборуваше за спомените значењето на албумот, како и за радоста што ја носи можноста песните од „Врати на имагинација“ повторно да се пеат од многубројната публика која ќе биде присутна оваа сабота во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

Триесет и три години музика, хитови и многу спомени. Кога ќе се свртите назад, кое е првото чувство што ви доаѓа на ум – гордост, носталгија, благодарност…?

– „Ареа“ на македонската музичка сцена е присутна 33 години, првиот албум го издадовме во далечната 1992 година, тоа беше издание на Македонската музичка и касетна продукција, но оваа година славиме јубилеј од издавањето на вториот и многу успешен, можеби најуспешен албум „Врати на имагинација“ издаден под капата на „Авалон продукција“. Чувствата се измешани, има од сè по нешто, благодарност кон публиката што нè поддржуваше сите овие години, носталгија по еден период кога македонската музичка сцена беше сцена која ветуваше дека ќе се развива сè повеќе, но тоа, за жал, (по мое мислење) не се случи, гордост што опстоивме на сцената толку долго и што останавме нормални, ха, ха …

Вашите песни сè уште се пеат со истата страст како и пред три децении. Како е чувството кога публиката од различни генерации ги пее вашите стихови речиси на сите забави каде што се слуша македонска музика?

– Чувството е прекрасно, веќе на некои од нашите песни почнуваме да гледаме како на песни кои си постојат и ќе постојат и без нас, тоа за нас е едно многу мило чувство и за сето тоа сме му благодарни на Бога.

Никогаш не сте биле премногу медиумски експонирани, а сепак сте еден од омилените бендови на македонската музичка сцена. Која е „тајната“ на вашата автентичност и долготрајност?

– Тоа што не сме премногу медиумски експонирани како личности е затоа што сметаме дека тоа и не е многу потребно, па така свесно ги избегнуваме гостувањата во медиумите кога за тоа нема потреба, но кога имаме музички новитети за кои сакаме јавноста да дознае, тука сме. Тајна за автентичност нема, или си или не си автентичен, или си го пронашол свој сопствен израз или не, а тајната за долготрајноста е нашата љубов кон музиката и поддршката која верната публика цело време ни ја дава.

Секоја етапа во изминатите години носи своја приказна. Имало ли моменти кога сте помислиле да се откажете и што ве вратило повторно на сцената?

– Имало моменти кога поединци од нас се откажувале, некои членови од првобитната постава на „Ареа“ го напуштија бендот и на нивно место дојдоа други. Јас и Ивица како главни креатори на песните не сме можеле да се откажеме, дури и тоа да сме го сакале, прво затоа што публиката секогаш барала нешто ново од нас, тоа го изразувала и јавно на концертите и преку пораки на социјалните мрежи и второ, затоа што сме и поинаку поврзани, во брак сме ха, ха, ха …

Ако мора да одберете една песна која најмногу ве обележала како бенд, која би била таа и зошто?

– Тоа секако е песната „Сите мои слики“ која сите ја знаат не само од нашите концерти, туку, како што ти кажа претходно, од сите забави каде се свири или се пушта македонска музика. Се пеат и многу други песни на „Ареа“ кои станаа хитови, но за „Сите мои слики“ е кристално јасно дека нас нè одбележа како бенд.

И конечно, в сабота на 8 ноември, ќе го прославите големиот 25-годишен јубилеј од издавањето на албумот „Врати на имагинација“ во СЦ „Јане Сандански“. Која е вашата порака до оние кои со години ве следат, сакаат, пеат и живеат со вашата музика?

– Нашата порака е в сабота да дојдат на концертот сите оние на кои песните на „Ареа“ им ја одбележале младоста и сите оние кои ја чувствуваат младоста во срцата за заедно да пееме и да се забавуваме. Можеби ќе има и некое изненадување на сцената. И да не заборавам, албумот „Врати на имагинација“ сега издаден на винил, оние кои сакаат ќе можат да си го купат на концертот и истиот ќе биде потпишан од наша страна после концертот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот