Интервју со поетот, есеист и издавач Раде Силјан: Времето во мојата поезија е опсесивна тема
Половина век, со неговото творештво, како еден од стожерните автори, Раде Силјан ги исцртува магистралните текови на македонската книжевност со што стана еден од носечките столбови на македонската култура.
Препорачано
Поетот Раде Силјан одбележа 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга. Чествување на овие два негови јубилеја во текот на декември 2025 година се одржа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Силјан е полиграф што оствари и остварува голем дел од најзначајните културни мисии за Македонија, не само како поет, книжевен критичар и антологичар, туку и како уредник, издавач, општественик и културен деец.
Два големи лични јубилеја прославивте во 2025 година – 75 години од раѓањето и 50 години од првата објавена стихозбирка. Какво чувство за животот стекнавте со целото свое искуство, во суштинска смисла?
– Убаво е чувството за секој автор, кога одбележува значајни датуми од својот живот и творештво. Двата мои јубилеја ги одбележав со две книги, преку кои се отсликува моето творештво. Првата книга е избор од поезијата, насловен „Лажно време“, во која се застапени песни од сите мои творечки фази, а го приреди д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Втората книга, што ја уреди ас. м-р Иван Антоновски, е книжевна критика за моето творештво, во којашто се застапени шеесет и четири критики и есеи од познати македонски и странски поети, критичари и есеисти.

Во каква меморија ви остана првата збирка „Третиот лик на времето“ („Студентски збор“, 1975)?
– Првата моја книга „Третиот лик на времето“ ја објавив пред педесет години. Прв мој читател и рецензент беше познатиот и ретко принципиелен писател и литературен критичар Петар Т. Бошковски. Истата година на Струшките вечери на поезијата за ова мое првенче ја добив и наградата за најдобра книга од млад автор. Тоа се мигови кои не се забораваат.
Ако ги поврземе насловите на првата и најновата збирка „Лажно време“ („Дијалог“, 2025), се чини дека времето е постојано во фокус на Вашето поетско творештво. Дали навистина е така?
– Времето во мојата поезија е опсесивна тема. Насловите на три мои книги се посветени на времето. Ако во младоста трагав по „Третиот лик на времето“, во годините на наталожено искуство ја објавив книгата „Пресликано време“ и, еве, годинава се одредив за насловот „Лажно време“. Сите наслови се проткајуваат и говорат за еден изминат пат на животни премрежиња, на човечки и национални јанѕи, на заблуди, трауми и горчливи мигови.

Се сеќавате ли како, воопшто, почнавте да пишувате поезија?
– Моите први песни ги напишав како гимназијалец во престижната гимназија „Јосип Број Тито“ во Битола. Во тоа време на младешки занес имав можност и среќа да се запознам со писателот Владимир Костов, кој ги објави моите први песни во списанието „Развиток“. Тоа за мене претставуваше големо охрабрување и неизмерна радост. Во 1967 година започнав да соработувам со „Студентски збор“ и „Млад борец“, каде што објавив повеќе песни. Тоа беа весници со голем тираж и влијание.
Работевте како новинар во „Студентски збор“, како уредник во Радио Скопје, како директор во „Македонска книга“, но исклучително место во Вашиот животопис има основањето на книгоиздателството „Матица македонска“. Со каков мотив своевремено ја основавте оваа издавачка куќа?
– Работата во Трета програма на Радио Скопје и, особено, раководењето на „Македонска книга“ од Скопје, за мене претставуваат драгоцено искуство. Во тие изминати години беа реализирани крупни издавачки проекти, на кои со гордост се сеќаваме. Посебно би ги издвоил избраните дела од Кирил Пенушлиски, критичкото издание на делото на Марко Цепенков и избраните дела на Харалампие Поленаковиќ.
Круна на моето работење во „Македонска книга“ беше објавувањето на првото издание на Библијата, во превод на македонски јазик на поглаварот на Македонската православна црква Господин Господин Гаврил.
Основањето на „Матица македонска“ беше голем предизвик за мене. Во тоа време многумина мои пријатели и колеги беа убедени дека чекорот што го презедов е хазардерски.

Кои вредносни критериуми ги востановивте при објавата на книгите на други автори, но и на сопствените книги?
– По природа јас сум многу трпелив и толерантен човек. Знам да го сослушам соговорникот и никогаш не избрзувам со одлуките. Во издаваштвото влегов со јасен концепт и, главно, се ориентирав кон национални теми од нашето културно наследство. По овој повод ќе ги издвојам монографските дела на Димитар Ќорнаков, посветени на македонските манастири, резби, фрески и икони, на Танас Вражиновски за македонската народна митологија, како и изданието од капитално значење „Етногенезата на македонскиот народ“ од Лидија Славеска.
Во изминатите три и пол децении „Матица македонска“ посебно внимание посвети на објавувањето на избрани дела од автори кои оставиле траен белег во нашата литература. Се радувам што во наше издание излегоа од печат делата на Марко Цепенков, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Милан Ѓурчинов, Божин Павловски, Цветан Грозданов, Блаже Ристовски, Ташко Георгиевски, Витомир Митевски, Радован Павловски, Паскал Гилевски, Јован Павловски, Јован Стрезовски и други.
Осамостојувањето на Македонија во 1991 година го дочекавме со голема возбуда и радост. Што мислевте тогаш, каква држава ќе биде Македонија по триесет и пет години?
– Како и сите Македонци, живеев со идеалите дека ќе градиме држава на здрави темели и ќе го продолжиме патот на нашите предци. Меѓутоа, несоодветната селекција на кадри, посебно на клучните места, придонесе за миг да се раслојат големите комбинати и илјадници работници да останат на улица. Денес можеме да говориме за заблудите и за лошите кадровски решенија од страна на челниците на политичките партии.
Во едноумието за да добиеш решение за работа, требаше да поминеш една година како приправник. Дури по полагањето на приправничкиот испит, можеше да се добие решение за редовно вработување. А, ние што направивме: избиравме премиери и министри, на кои тоа им беше прво вработување. Го прифативме непишаното правило: да следиме неоформени млади луѓе кои раководеа со државата, без никакво искуство ниту во политиката, ниту во економијата, а уште помалку во надворешната политика. Тој тренд (со одредени исклучоци) го продолживме и во новиот милениум, главно со негативна селекција на кадри, која, за жал, се прошири речиси во сите институции.

Во вашите стихови сѐ почесто има мрачни мисли, песимистички очекувања, предупредувачки пораки. Како го загубивте својот тогашен оптимизам?
– Авторот никогаш не треба да живее во стаклено ѕвоно. Тој треба да биде буден чувар на својот дух и да го чувствува пулсот на времето. Во моите песни навева чувството на загрозеност или, како што констатира критиката, тие се пресликана реалност на македонските духовни состојби и премрежиња.
На кој „слеп колосек“ е Татковината, да се послужам со Ваш стих во прашањето?
– Подолго време сме оставени на слеп колосек, а секој ден нѐ бомбардираат некадарни луѓе, дека треба да се откажеме од самите себеси, од она што се градело и се создавало со векови. За жал и за голема несреќа, многумина посакуваат да го раскинат македонското ткиво и бездушно да нѐ натераат да признаеме дека сме вчерашни. Меѓутоа, ако на политичарите им се брза и секој ден повторуваат исти излитени флоскули, на македонскиот народ не му се брза. Тој го чувствува пулсот на времето, та затоа веќе не им верува на политичарите.
Во стиховите велите „Земја е на многу нешта, земја е на идеали“, ама Македонија е најголема мака за Македонците. Ги загубивте ли идеалите?
– За Македонците, идеалите биле мотив за опстанок и во турско и во српско и во бугарско ропство. Нашите предци треба да ги славиме, зашто живееле со идеали и опстојувале на овие древни простори. Ние, во време на етаблирани институции, на самостојна држава, живееме со одредени заблуди, често коленичејќи пред белосветски натрапници, кои ни кажуваат како да живееме, но без да почувствуваат колку се болни нивните пораки.
Уште и ќе кажете дека имаме море несолено и што уште не, ама дека можеме и без народ да останеме. Дотаму ли дојдоа работите?
– На ова прашање ќе одговорам со стиховите од песната „Лажно време“, напишана во раните деведесетти години од минатиот век: „Си имаме море несолено/ Си имаме многу татковини/ Сѐ си имаме/ А утре можеби народ ќе немаме.“
Пораките од оваа песна, можеби, се предупредувачки, а можеби и пророчки. Но, говорат за една реалност, која се случува во последниве децении. Треба да прошетаме низ Мариово, низ демирхисарските села, во славната Дебарца, во Поречието, низ струшки Дримкол, низ Малесијата, низ Малешевијата и во целата Источна Македонија и треба да Му се молиме на Господа за нов живот и детски џагор.
Тогаш, што може да се стори ако самиот велите дека живееме во круг од идеали и заблуди?
– Навистина, подолго време живееме во круг од идеали и заблуди. И, во време кога треба да се будиме со надеж за нов живот, ние влеговме во декаденција. Тоа е опасен процес, кој води кон бездна, од каде што враќање нема.
Какви пораки сакате да пренесете со Вашите песни?
– Песните се еден вид предупредување за она што нѐ опкружува и што се случува. Тие укажуваат на молкот што завладеа кај многу личности и институции. Нашата рамнодушност е најубаво прибежиште за наконтените челници, кои зборуваат во името на народот, но со нивните постапки често го потценуваат и го презираат.
Во тој магичен круг главно се движат во еден правец и постојано повторуваат дека јазикот е заштитен, а идентитетот бетониран. Тоа говори дека тие не веруваат (или не сакаат да веруваат) во сѐ што е создадено на македонски јазик, но и дека воопшто не се дружат со книгите на македонски јазик. Кога ги слушам нивните пораки, често помислувам како да се мануелни работници, а не одговорни луѓе кои треба да живеат со вредностите на сѐ што е напишано на македонски јазик.

Кои се најкрупните грешки што се направија во Македонија во последниве триесетина години?
– Од многуте крупни грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години, навистина е многу тешко да издвоиме само неколку. Но, сепак, ќе посочам три грешки, кои ја обезличија македонската држава.
Првата грешка е лошата приватизација, која поради брзоплетоста, неукоста и алчноста на одредени слоеви, остави илјадници луѓе без работа, без основна егзистенција. Пустошот што го направи приватизацијата, денес е видлив во сите села и градови на нашава држава.
Втората непростлива грешка е промената на името на државата, а третата, според мене, е лекоумно прифатениот договор за божемно „добрососедство“ со нашиот источен сосед. Но, лудилото е безгранично, па така неуспешниот референдум го прогласија за успешен, а со потпишувањето на „братскиот договор“ се обременивме со многу грижи и, како што мудро вели народот, влетавме како волови во слама. Дозволивме со нашите идентитетски прашања да манипулираат неуки луѓе и постојано да повторуваат дека сѐ е бетонирано, како божем да се дојдени од друга планета.
Пред некоја година ја објавивте книгата „Туѓинец во својата земја“. Што за Вас е најголема тема и инспирација за пишување?
– Во држава којашто под присила или од неукост си ги смени Уставот, знамето и името, а потпиша договор за божемно добрососедство, природно е да се чувствувам како туѓинец во својата обезличена земја. Таа болка можев најдобро да ја искажам преку стиховите од мојата стихозбирка објавена во 2023 година.
Какви желби имате во 2026 година?
– Здравје, спокојство и почесто да се дружиме со македонските книги.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)


