Интервју со писателот Владимир Јанковски: Наградите се еден вид мост меѓу книгите и читателите

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски ја доби престижната награда „Роман на годината“ за 2020 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Претходно истиот автор со истиот роман доби номинација да биде македонски кандидат за регионалната книжевна награда „Балканика“. Тоа не е прва награда за Јанковски. За романот „Невидливи љубови“ (2015) го доби Рациновото признание и, исто така, беше номиниран за „Балканика“. Очигледно е дека творештвото на авторот веќе добро е познато на книжевната критика, а со текот на времето се шири и кругот на другите читатели. Разговорот со Јанковски го почнавме со рефлексиите од читањето на неговото дело од стручните комисии, а го продолживме со читањето на делата од македонски автори, воопшто.

Какво е чувството на авторот кога комисии составени од врвни книжевни критичари и писатели доделуваат награда на неговото дело?

– Во моментов во македонската книжевност наградите се еден вид мост меѓу книгите и читателите. Во некои други времиња, таков мост претставувале книжевните критики што излегувале во дневните весници. Во овој период од развојот на македонската книжевност книжевната критика е во мала криза – или ја нема доволно или не е доволно влијателна. Во последно време на социјалните мрежи се појавија одредени читателски групи, кои малку го моделираат читателскиот вкус, препорачуваат книги, влијаат врз продажбата. Но, сепак, неколкуте релевантни книжевни награди имаат најголемо влијание врз мотивацијата на читателите да набават одредено книжевно дело. Во овој контекст, за мене е најважно што и „Роман на годината“ и „Балканика“ ќе ја доближат мојата книга до читателите.

Колку е битно авторот да продолжи да живее со своето дело и по официјалната промоција на истото? Или поинаку кажано, дали е доволно авторот само да го напише делото?

– Еден од најинтересните аспекти на книжевноста е тоа што секое дело одново се раѓа со секој нов читател. Тие животи, како и другите животи, можат да бидат интересни, креативни, здодевни, динамични… Авторот може да помага при рецепцијата на неговото дело, но како и за секое дете, важно е и да го остави да си го живее својот живот, па дури и во миговите кога мисли дека не е најдобро разбрано. Авторот треба да го најде добриот сооднос меѓу претставувањето на неговото дело и наметнувањето на неговото читање на текстот.

Спој на меридијани и на личности е во основата на наградениот роман. Колку време приказните од толку многу личности живееја во авторот пред да бидат напишани?

– Никогаш точно не може да се одреди кога еден лик се раѓа во писателот. Сеќавање од детството, случајна средба со познајник, необична перцепција уловена додека од балконот го набљудувате блиското детско игралиште… ваквите поттиците одеднаш можат да оживеат некој лик. Понекогаш некоја прастара ситуација и нешто што се случило пред неколку часови истовремено се населуваат во новиот текст. Времето на животот и времето на книгата имаат различни динамики, различен опсег и различни претстави за тоа што времето е. Понекогаш се пресекуваат, а понекогаш се разминуваат засекогаш. Но, убавината е токму во тоа – метафората од пред неколку мигови да го најде својот дом во реченицата од пред неколку години.

Наградениот роман „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е издание на „Антолог“

„Оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација“, заклучила комисијата за „Роман на годината“. Можеме ли книжевните перспективи да ги поистоветиме со животните перспективи на авторот?

– Животните перспективи на авторот се почеток на книжевните перспективи на текстот. Но, ако се согласиме дека секој лик во книжевниот текст има свој живот, тогаш мора да се согласиме и со тоа дека тој живот е посебен, автентичен и неповторлив. „Бидете тоа што сте: сите други се веќе зафатени“, рекол Оскар Вајлд. Според ова, животната перспектива на секој поединечен лик во една книга никогаш не може да се поистовети докрај со животната перспектива на авторот. Сите ние сме и нешто што некој друг не е. Понекогаш како писател уживам да земам одредена личност од реалноста и потоа претворена во лик да ја водам низ светот на фикција. Но, сепак тие две индивидуи секогаш на крајот по нешто ќе се разликуваат.

Понекогаш книгата е допир со непознатиот за кој никогаш нема да дознаеш дека се случил

Стручните комисии веќе го издвоија романот. Можно ли е да се има увид каква е рецепцијата на делото од читателската публика?

– Понекогаш стигнуваат реакции и импресии од читателите. Но, можеби најинтересни читатели се оние што писателот никогаш нема да ги запознае. Чувството дека речениците што си ги создал протекуваат низ нечии мисли и животи кои за тебе засекогаш ќе останат туѓи. Дека гласот на твоите ликови им го позајмува внатрешниот глас на непознатиот читател. Понекогаш книгата е допир со непознатиот за кој никогаш нема да дознаеш дека се случил. Оваа помисла е блиска до поетиката на романот, која инсистира на тие созвучја од различни географски меридијани, созвучја видливи само за некоја свест надвор од границите на човекот. Но, свест што човекот може да ја претпостави. И така да го исполни со чувство за бескрајот. А „сѐ е бескрај“, велеше Горан Стефановски.

Во поширока смисла, кое е местото на писателот и на книжевноста во општествената реалност?

– Писателот пишува за светот што го опкружува. Раскажувајќи приказни, тој отелотворува своја смисла за феномените што ги гледа. Раскажаните приказни се еден вид лупа за раскажаните појави. Неговите приказни понекогаш создаваат некаков ред во хаосот што го опкружува. Ги усложнува процесите за кои пишува, можеби ги умножува перспективите, се доближува до можноста да разбере нешто од хаотичниот свет. Понекогаш е зен градинар, кој внимателно и посветено ги средува растенијата во градината, а понекогаш врз перфектно прочистената градина истресува гранка со суви лисја за да постигне хармонија во несовршеноста. Често е разуздан умножувач на хаосот, ги дуплира или триплира перспективите зашто нејасноста кажува повеќе од јаснотијата.

Еден од најинтересните аспекти на книжевноста е тоа што секое дело одново се раѓа со секој нов читател Фотографија: Сашо Димоски

На прес-конференцијата на која беше објавена наградата посочи дека некои медиуми пренесуваат „црно-бела слика за нашата реалност“, а книжевноста го прави спротивното, односно „ја истражува сложеноста на животот, укажувајќи на неговата суштинска амбивалентност, противречност и нијансираност“. Какви очекувања имаат книжевниците од медиумите?

– Критиката за црно-белата слика на нашата реалност се однесуваше, пред сѐ, на нашите телевизии, кои во своите информативни програми и дебатни емисии пречесто ги рециклираат по стопати слушнатите тези со учесници кои по десетина пати во месецот гостуваат на истите програми. Дебата во едно општество не значи само повикување учесници што имаат спротивставени мислења до степен на конфликт и карање за едни исти теми, туку и отворање разновидни теми за стварноста што ја живееме. Јас од тие медиуми, кои секојдневно влегуваат во домовите на поголемиот број наши сограѓани, очекувам проширување, а не стеснување на перспективите за тоа што претставува нашето општество и со кои прашања како општество треба да се занимаваме. Па, веројатно постојат и некои други релевантни прашања надвор од соголената политичко-национална борба за власт (читајте ресурси) во нашата земја!?

Покрај пишувањето свои дела, многу посветено се занимаваш со книжевен превод. Како ја балансираш состојбата меѓу сопствениот книжевен свет и пренесувањето на други авторски светови и изрази?

– Јас уживам во преведувањето и за мене преведувањето е интензивно живеење со текстовите на другите писатели. Еден од најубавите начини да доживееш еден текст е да се обидеш да го преведеш во сопствениот јазик. Тоа е како ново раѓање на текстот, како обезбедување нов дом на текстот во твојот јазик. Технички, во тој процес учам многу за пишувањето, за книжевните постапки, се доближувам до текстот многу повеќе отколку при обичното читање. Сигурен сум дека доколку помалку преведував ќе пишував полошо.

На што обично размислуваш навечер пред легнување?

– Секогаш е различно. Но, најчесто се случува процесот на преработување и филтрирање на случувањата во денот. Надвор е темно, зборовите, реакциите, мислите, импресиите, боите и тоновите на денот тивко поминуваат низ филтерот на свеста… Свеста малку по малку се губи и му се предава на сонот, тој луд режисер на нашите внатрешни филмови, кои често ни ја кажуваат вистината за нас пред која со задоволство би сакале да замижеме.

Лауреатот беше објавен на прес-конференција на 15 март во кафе-книжарницата „Буква“

Образложение на жири-комисијата: Впечатливо дело со колажна структура

Годинава во конкуренција за наградата „Роман на годината“ беа вкупно 41 роман од современи македонски автори. Комисијата беше во состав: Оливера Николова (претседателка и минатогодишна лауреатка), поетот и универзитетски професор Зоран Анчевски, писателката и универзитетска професорка Калина Малеска, писателот Живко Грозданоски и новинарката Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“). Лауреатот на наградата беше објавен на прес-конференција на 15 март во кафе-книжарницата „Буква“.

– Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително занимлива колажна структура, базирана врз животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација. Неколкуте приказни, соопштувани во лапидарни секвенции, го градат овој мозаичен роман ширејќи ја убедливо неговата првобитна поставеност – стои во образложението на комисијата.

Писателот Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Активно се занимава и со книжевен превод, а досега на македонски јазик превел книги од Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Маргарет Атвуд, Мухарем Баздуљ, Ијан Мекјуан, Џон Фанте и други. Терминот за свечено врачување на наградата дополнително ќе биде објавен.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 73, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот