Интервју со новинарот и публицист Свето Стаменов: Во Радио Скопје ги доживеав своите ѕвездени журналистички мигови

Свето Стаменов во студио на Македонското радио – Радио Скопје

Новинарот Свето Стаменов, речиси, целиот свој професионален век го посветува на работата во Македонското радио – Радио Скопје, а во последниве 25 години исклучително значајна е и неговата публицистичка дејност, објавувајќи дел од своите радиоемисии во книжевна форма.

Најавената промоција на првото и на второто изменето и дополнето издание на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ е конкретен повод за средба со Свето Стаменов, еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје.

Промоцијата на книгата ќе се одржи во чест на 70-годишнината на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120-годишнината од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков.

Книгата на Стаменов содржи радиоинтервјуа (разговори) со еминентни универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на грандиозното дело на Крсте Петков Мисирков, кои се преточени во книжевна форма.

Професорката Вера Стојчевска-Антиќ за книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ посочува дека авторот Свето Стаменов „делото го осмислил идеално, зашто ги сумирал во една книга најважните и стари и понови сознанија за вредностите и делото на Крсте Петков Мисирков“. Дополнетото издание презентира резимирано енциклопедиско четиво за животниот подвиг и ерудицираното научно дело на Крсте Петков Мисирков, кое доследно и достојно ќе можат да го проследат многубројни млади и стари консуматори на македонската јазична историја и култура.

Во чест на 120-годишнината од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков во Институтот за македонски јазик ќе го промовирате најновото издание на публикацијата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“. Што содржи изданието и колку време е подготвувано?

– Токму така! На 9 февруари во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје ќе биде одржана промоција на книгите „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ (прво и второ изменето и дополнето издание). Промоцијата е во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот и 120-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на, според многумина, најзначајниот Македонец на 20 век и првиот кодификатор на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков.

Првото издание на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ беше објавено во 2020 година и претставува своевидна збирка на 13 интервјуа што ги реализирав со еминентни универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на грандиозното дело на Крсте Петков Мисирков на програмата на Македонското радио – Радио Скопје во текот на 2016 година, по повод 90-годишнината од смртта на Мисирков, и во 2018 година по повод 115-годишнината од објавувањето на неговата книга „За македонцките работи“.

Ова ново второ изменето и дополнето издание, кое дојде по исцрпувањето на тиражот на првото и кое беше објавено пред два-три месеци, покрај интервјуата од првото содржи и седум нови, што ги реализирав во текот на 2021 година по повод 95-годишнината од смртта на Мисирков.

Веќе со самиот наслов на книгата го дефинирате и значењето на Крсте Петков Мисирков за македонската национална историја, наука и јазик. Каков предизвик е да се проучува неговото дело и по 120 години од излегувањето на неговата најзначајна книга?

– Има ли поголем предизвик токму сега, кога повторно сме изложени на бескрупулозна жестока антимакедонска кампања од страна на некои политички и академски кругови во соседна Бугарија кои негираат, па дури и присвојуваат сè што е македонско, македонскиот народ, македонската историја, македонската култура и, особено, македонскиот јазик, за кој велат дека е, цитирам, „регионална норма на бугарскиот“, да не му се навратиме на, како што реков, најзначајниот Македонец на 20 век Крсте Петков Мисирков и на неговата – македонската „златна“ книга „За македонцките работи“!

За мене, а мислам и за огромниот број Македонци, токму неговата книга „За македонцките работи“, всушност, претставува најавтентична македонска национална програма, која речиси ништо не изгубила од својата актуелност ни денес, 120 години по нејзиното објавување. Зашто, Мисирков во неа ги дава одговорите на најсуштествените прашања што некои дури и во оваа трета деценија на 21 век безобразно и упорно ни ги поставуваат: кои сме, што сме, каде сме, какви треба да бидеме…, а одговорот е еден и единствен – ние сме Македонци, посебен народ со своја историја, своја култура и свој македонски јазик, токму онака како што вели Мисирков во „За македонцките работи“.

Соговорници на Свето Стаменов во радиоемисиите биле врвни познавачи на тематиките што биле обработувани – интервју со професорот Димитар Пандев

Како новинар на кој начин ги селектирате соговорниците што зборуваат на овие значајни тематики?

– Нема никакво правило. Едноставно изборот на соговорникот, ако може така да се каже, зависи само од темата што ќе биде третирана во интервјуто и воден токму од неа се трудам да го најдам најдобриот познавач, без оглед дали станува збор за универзитетски професор, експерт, политичар, дипломат, писател… Се разбира, исклучок се серијалите на интервјуа што ги реализирам по повод различни јубилеи, како што впрочем, на пример, беа: 15 и 20 години од независноста на Република Македонија, 1.100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски, 90 и 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, 30-годишнината од формирањето на македонската армија итн., кои траеја по неколку месеци, а некои дури и цела година. И тогаш по секоја цена се обидувам на програмата на Македонското радио – Радио Скопје да ги донесам ако не сите, барем повеќето врвни познавачи на она или на оној кому му е посветен серијалот. Сето тоа на крајот се претвора во своевиден радиосимпозиум кој, на крајот на краиштата, завршува меѓу две корици.

Средба со амбасадорот Милан Јазбец

Интервјуата се реализираат во рамките на радиопрограмата на Македонско радио – Радио Скопје. На што се должи Вашата посветеност на радиото во текот на целиот професионален живот?

– Љубовта кон радиото како медиум се роди уште во студентските денови во раните осумдесетти години на минатиот век, кога студирањето на Факултетот за политички науки во Белград го комбинирав со практична работа во Радио Белград. Потоа, по двегодишна хонорарна работа во надворешнополитичката редакција на тогашната Телевизија Скопје, во почетокот на деведесеттите години се вработив во Македонското радио – Радио Скопје, кому му останав верен до ден-денес. Во изминативе три и пол децении ги поминав сите скалила во професијата – од соработник во дескот, воен репортер од војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина, надворешнополитички новинар, извршен уредник на секторот Вести до уредник на Редакцијата за надворешна политика на Македонското радио – Радио Скопје.

Во Радио Скопје ги доживеав своите ѕвездени журналистички мигови. Впрочем, бев двапати добитник на Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ (2005 за новинарство и 2012 за публицистика) и на наградата „Крсте Мисирков“ на ЗНМ (2004) и на Плакетата на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје (2020). Но, за жал, доживеав и разочарувања (за среќа, не професионални) кои сè уште печат како жива рана. Но, тоа е животот, зарем не?!

Според Вас, колку новите технологии и медиуми успеаја да одземат дел од информативната функција на радиото како медиум? Или, успева ли радиото да го задржи влијанието и во новите времиња?

– Дека одзедоа – одзедоа, ама и понатаму радиото се држи како медиум. И не е работата во технологијата и во новите медиуми, туку во самите луѓе од радиото.

Како автор, коавтор и приредувач Свето Стаменов има објавено повеќе од 50 книги

Покрај радионовинарството, се занимавате со уште една исклучително значајна дејност – публицистика. Колку книги како автор и издавач имате објавено досега и со каква цел?

– Од 1998 година, кога заедно со Искра Чоловиќ и Хорбај Драшко ја објавивме монографијата „Поглед врз Старата скопска чаршија“, која во 2005 година го доживеа второто издание, па до денес како автор, коавтор и приредувач имам објавено повеќе од 50 книги од областа на меѓународната политика, одбраната и безбедноста, литературата и македонскиот јазик, како и меѓукултурниот, меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог и сл.

Од нив посебно би ги издвоил: тетралогијата „Македонски безбедносни лавиринти“, двотомните „Силата на Охридскиот дух“, „Охридски разговори“, „Македонија во НАТО“ и „Јазикот – нашата единствена комплетна татковина“, како и „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“, „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“, „Quo vadis, Македонијо?“, „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, „За македонскиот XIX век“, „Даница Ручигај: Песна над песните“, „Книжевната критика за Даница Ручигај“, „Скопски разговори“, „Политиколошки вивисекции во етерот“ и најновата „Од Климента до Блажета“. Секако, посебно место во мојата библиографија им припаѓа на зборниците „Навраќање кон Конески“ и „Уште едно навраќање кон Конески“, кои излегоа по повод стогодишнината од раѓањето на основоположникот на современата македонска култура Блаже Конески, како и на „Недореченост, о проклета да си“, антологија на песни посветени на првата македонска поетеса Даница Ручигај, и „26 јули 1963 – Ден судбоносен“, антологија на песни посветени на скопскиот земјотрес.

Кому му се наменети сите овие изданија?

– Одговорот на ова прашање ќе го побарам во некои од рецензиите на моите книги. Имено, за некои рецензенти повеќето мои книги претставуваат своевидна хронологија на настаните и своевидна слика на македонското општество во последната деценија на минатиот и во првите три децении на овој век, како и своевидно „нурнување“ во богатата македонска историја. Па, можеби книгите ќе им бидат интересни токму на оние што се занимаваат или се интересираат за тоа.

За некои рецензенти повеќето мои книги претставуваат своевидна хронологија на настаните и своевидна слика на македонското општество

Како е предвидено да се одвива промоцијата на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на Институтот за македонски јазик на 9 февруари?

– Планирано е промоцијата да започне во 11 часот и ќе се одржи во амфитеатарот на Институтот „Крсте Мисирков“ во Скопје. Предвидено е да биде отворена со поздравното обраќање на директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, а по неа за „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ да говорат проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Лидија Тантуровска, проф. д-р Људмл Спасов и проф. д-р Димитар Пандев, кои фактички беа и рецензенти на книгата.

На крајот, мене ќе ми остане да им се заблагодарам на присутните и на промоторите, а на библиотеката на Институтот, по повод 70-годишнината од формирањето на Институтот, да ѝ подарам по два примерока од моите изданија кои се посветени на нашиот македонски јазик.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот