Интервју со кореографот Мартин Марков за негувањето на македонскиот фолклор во Австрија: Македонската носија не е само облека, таа е идентитет
Кога ја облекувам, чувствувам тежина на традицијата и голема одговорност да ја претставам Македонија во најдобро светло. Секој вез, секој детаљ има душа, а за мене има и лична емоција, бидејќи многу носии што ме опкружуваа како дете ги изработуваше мојата мајка.
Кореографот Мартин Марков, кој веќе 11 години живее и работи во Австрија, преку фолклорното друштво „Св. Кирил и Методиј“ – Линц ја негува и ја промовира македонската народна традиција меѓу младите во дијаспората. Во интервјуто за „Слободен печат“ Марков зборува за својата љубов кон фолклорот започната од детството, за емоциите од настапите низ Европа и за длабокото значење што за него го носи секоја македонска носија и секое оро.
Препорачано

Од каде потекнува Вашата љубов кон фолклорот – од детството, семејната традиција или од нешто друго?
– Потекнувам од селото Ораовица (Радовиш), каде што фолклорот е нешто свето. Од најмали нозе живеевме со песна, оро и традиција. Почнав да играм на шестгодишна возраст и многу брзо фолклорот стана дел од мојата душа. Дополнително, моето семејство имаше шивачка фирма – мајка ми ги шиеше првите носии за многу игроорци. Растев опкружен со вез, ткаенина, музика и уметност. Тоа остави длабока трага во мене и го одреди мојот животен пат.
Колку време живеете во Австрија и од каде желбата повторно да бидете дел од фолклорна група?
– Во Австрија живеам веќе 11 години, а пред тоа поминав седум прекрасни години во Словенија. Таму активно играв фолклор, најпрвин во „Ким Кирил и Методиј“, а потоа во „Македонско друштво Илинден“ во Јесенице. Патував по еден час во еден правец само за да стигнам на проба, затоа што љубовта кон фолклорот беше огромна и ништо не ме спречуваше. По преселбата во Австрија направив пауза од околу 10 години додека се вклопам во новата средина и се остварам на семеен план. Но, благодарение на Бог, желбата повторно се разбуди, силна, свежа и искрена. Сè започна сосема случајно, на едно македонско дружење во Линц, каде што повторно ја почувствував онаа енергија што ме движи. Наскоро ја добив и големата чест – покана да бидам кореограф во друштвото „Св. Кирил и Методиј“ – Линц. Тоа беше многу значаен момент за мене.

Во декември доаѓате во Македонија. Чувствувате ли посебна возбуда?
– Секое враќање дома е голема емоција. Македонија е корен, традиција и сè што ме изградило како човек. Во декември чувството е уште посилно, поради празниците, семејството и атмосферата што не можеш да ја најдеш никаде во светот. Секогаш се враќам со полна инспирација за нови кореографии.
Друштвото Линц брзо расте и привлекува многу млади членови. Од каде успехот и како го доживувате тоа?
– Успехот го гледам во посветеноста и во љубовта што сите ја носат во себе. Имаме извонреден млад одбор што живее за развојот на клубот. Како кореограф чувствувам огромна чест што сите три групи (мали, младинци, жени) ми веруваат, ме почитуваат и секојпат покажуваат желба за учење. Тоа е најголемата мотивација и најголемата награда. Тие се дел од моето семејство – секоја група си има свои квалитети и се гордеам со сите нив.

Што најмногу Ве мотивира кај младите што се приклучуваат?
– Најмногу ме мотивира нивната желба да научат, дисциплината и љубовта со која доаѓаат на проби. Публиката го гледа финалниот резултат на сцена, но јас одблизу го гледам трудот, борбата, посветеноста и нивниот раст. Особено ме радуваат игроорците што доаѓаат буквално без никакво претходно искуство во фолклор, а по само една година стануваат вистински професионалци. Тоа е најголемиот доказ дека со работа, труд и дисциплина може да се постигне сè. Тие моменти ми даваат сила секој ден да бидам подобар во својата работа.
Како изгледаат подготовките – од првите проби до излегувањето на настап?
– Подготовките секогаш ги започнуваме со запознавање со кореографијата, музиката и целокупниот стил на настапот. Потоа следуваат детални проби на техниката, координацијата и прецизното усогласување меѓу играчите. Како што се ближи настапот, работиме на формации, динамика и синхронизација сè додека целата група не стане компактна и сигурна. Кога конечно ќе дојде моментот да излеземе на сцена, чувствуваме дека дишеме и се движиме како едно – тоа е резултат на многу труд и посветеност. Тоа е долг, но магичен процес, и за мене како кореограф, и за игроорците.

Од сите настапи низ Европа, каде ја почувствувавте најголемата емоција од публиката?
– Неколку настапи засекогаш ќе останат во моето срце. Настапот во моето родно село беше посебен – пред моите соселани, со огромна чест и гордост, благодарност до господинот Димче Петров, претседател на ФА „Китка“. Но би го издвоил и настапот во Крањ, Словенија, кој според мене беше еден од најдобрите што сме ги имале. Младинците настапија професионално, без ниту една грешка, а публиката реагираше со толку искрен аплауз што срцето ми трепереше додека ги гледав.
Што Ви значи македонската носија кога ќе ја облечете пред настап?
– Македонската носија за мене не е само облека – тоа е историја, идентитет и чест. Кога ја облекувам, чувствувам тежина на традицијата и голема одговорност да ја претставам Македонија во најдобро светло. Секој вез, секој детаљ има душа, а за мене има и лична емоција, бидејќи многу носии што ме опкружуваа како дете ги изработуваше мојата мајка.
Колку често имате настапи во Австрија? Како се дружат нашите таму?
– Интересот во Австрија е многу голем – како фолклорот повторно да оживеа. Постојано има настани, проби, дружења и активности во рамки на македонските културни друштва. Се среќаваме со многу луѓе од различни градови, а сите носат огромна љубов кон традицијата, музиката и орото. Дополнително, ни значи што добиваме покани и од српски клубови во Австрија. Тоа покажува дека нашата работа се препознава и надвор од македонската заедница. Таа отвореност ја прави фолклорната сцена уште побогата и поубава.
Која е Вашата најголема цел со друштвото и колкав е предизвикот да се зачувува македонската народна традиција?
– Нашата цел е друштвото да расте, да напредува и да ја негува македонската култура на највисоко ниво. Верувам во оваа екипа и секој си ја работи својата задача професионално.
Предизвикот е голем, но љубовта кон традицијата е уште поголема. Мојата најголема долгорочна цел е еден ден сите овие мали деца, кои денес со возбуда доаѓаат на проби, да пораснат и со гордост да кажат: „Јас играв во тој клуб – тоа беше едно од најубавите времиња во моето детство.“ Сакам да создадеме спомени што ќе траат цел живот – спомени по кои ќе нè паметат генерациите. И уште повеќе: да дојде време кога нивните деца, а можеби и внуци, ќе играат на истото место, ќе ја почувствуваат истата енергија и ќе ја продолжат традицијата што денес ја градиме. Тоа е мојата визија – преку фолклорот да поврземе генерации, да создадеме заедништво и да оставиме трага што нема да ја избришат ниту времето ниту далечината.
На крај, сакам да споменам неколку луѓе што најмногу ми помогнаа:
Димче Петров – човекот што секогаш стои зад нас и помага за сè што ни е потребно.
Мојот кореограф од детството, сега веќе покоен, Трајчо Атанасов (Коска) – во моето срце за него секогаш ќе има посебно место; тој е најзаслужен за многу генерации.
Антонио и Ико Јаневи – благодарение на нив започна оваа убава приказна. Антонио, голема благодарност за целиот твој труд.
Кореографот на ФА „Китка“, Тиме Ангелов.
Без овие луѓе немаше да се случи ништо од ова!
И извонредната поддршка од нашиот претседател Славе Јованов и целиот одбор.


