Интервју со италијанскиот писател Николо Аманити: Пишувам за слики и ги раскажувам преку зборовите

Познатиот италијански писател Николо Аманити е добитник на наградата „Букстар 2020“, а тоа беше повод, со посредство на издавачката куќа „Антолог“, со него да направиме ексклузивно интервју за неговото книжевно и филмско творештво.

Романот „Ана“ од Николо Аманити е најчитаната книга помеѓу две изданија на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ и со тоа неговиот автор стана добитник на наградата „Букстар 2020“. Романот од италијански јазик е преведен од Калина Јанева и објавен од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. Писателот Николо Аманити е еден од најпреведуваните италијански автори кај нас и досега се објавени осум негови книги од повеќе издавачи. Последниве години тој стана познат и како сценарист и филмски режисер, а во овој период работи на монтажата на филмска серија снимена според романот „Ана“ во негова режија. Со посредство на „Антолог“ од Аманити добивме одговори на прашањата испратени од „Културен печат“, а преводот на одговорите од италијански јазик го направи Живко Грозданоски.

Вашиот роман „Ана“ е објавен на македонски јазик. Што лично Ви значи секоја нова објава на некој друг јазик на Вашите книги?

– Тоа е голема радост. Приказната продолжува да има смисла и покрај тоа што поминаа неколку години, а ако се чита и во други земји и на други јазици, значи има нешто универзално во неа, и тоа ме тера да продолжам да работам во таа насока.

Содржината на романот носи приказна за две деца и едно куче, кои се обидуваат да преживеат во ситуација кога вирус ги убива сите возрасни на светот. Романот е напишан пет години пред актуелниот коронавирус, кој го загрози целиот свет. Со каков предизвик тогаш почнавте да ја пишувате книгата?

– Мојата намера не беше да раскажам приказна за вирус, туку за еден свет составен од деца, ме интересираше таа досега невидена состојба на свет во кој возрасните веќе ги нема. Епидемијата ми го овозможи патот да го раскажам тоа „потоа“: сакав да сфатам како функционира едно општество сочинето од само еден дел од населението, децата. А тоа ми овозможи да ги разберам и да ги раскажам поконкретно врските помеѓу три од нив: Ана, нејзиниот помал брат Астор и Пјетро.

Станува збор за дистописки роман. Навистина така ја гледате иднината на човештвото? Што е причината за таквото гледиште?

– Не, не е ова мојата визија за иднината, ова е само една книжевна хипотеза, еден невозможен свет со возможни динамики.

Романот „Ана“ е само една книжевна хипотеза, еден невозможен свет со возможни динамики

Планиравте по сценарио базирано на романот да снимите и филмска серија. До каде се работите во тој правец?

– Снимањето на серијата, за која јас го напишав сценариото и го режирав, е завршено: моравме да прекинеме во месеците на карантин, но можевме да продолжиме да снимаме во текот на летото. Сега сме во фазата на монтажа. Според планот серијата, во продукција на Вајлдсајд (Wildside), ќе биде емитувана на Скај (Sky) во 2021 година.

Во Вашето творештво е блиска врската помеѓу литературата и филмската уметност. Како ги чувствувате поединечно двете уметности? Или можеби кога пишувате литературно дело размислувате и за филмската верзија?

– Да, пишувам за слики и ги раскажувам преку зборовите. Постои еден интересен момент кога станува збор за нарација, во книгите го среќаваме исто како и во филмовите и во сериите. Ми се случува преку слики да размислувам за ликовите и за нивните дијалози. Тоа значи дека филмот ми дозволува да експериментирам, затоа што со сценските алатки, светлото и техниката можам да го изградам мојот наративен свет, а на пишувањето – благодарение на филмот – да му вратам нешто што ми недостасуваше.

Филмот ми дозволува да експериментирам, затоа што со сценските алатки, светлото и техниката можам да го изградам мојот наративен свет

Повеќе Ваши дела се филмувани од познати италијански режисери. Како течеше соработката со Бернардо Бертолучи и со Габриеле Салваторе, како најпознати на меѓународно ниво?

– Соработката беше одлична, и со нив, но и со други режисери. Филмот што го режираше Бернардо Бертолучи од мојот роман „Јас и ти“ беше неговиот последен филм. Врската со него се претвори во длабоко пријателство, неговата загуба беше многу тешка за мене.

Како Вие се чувствувате како филмски сценарист и режисер?

– Се чувствувам многу добро – пишувањето сценарија и режирањето се совпадна со една фаза од мојот живот во која имав потреба да споделувам проекти со други, да излезам од изолацијата на пишувањето, а филмот ми овозможи да го имам ова ново искуство. Почувствував како мојот живот целосно се менува, се почувствував како нова личност.

Колку актуелната состојба со коронавирусот ковид-19 е податлива за ново книжевно дело, евентуално и филмско остварување?

– Го напишав „Ана“ пред пет години, а таа книга е нешто различно од моменталната состојба. Тоа е приказна за еден слободен свет, составен од надеж. Кај литературата, исто како и кај филмот, секогаш постојат делумни совпаѓања со реалноста, но тоа не значи дека моменталната состојба е погодна за наративни потфати.

Италија беше една од најпогодените европски земји со коронавирусот на почетокот од пандемијата и беше во повеќенеделен карантин. Што најмногу Ве интригира како предизвик за пишување од актуелната криза?

– Изолацијата на која не бевме навикнати ни донесе самотија и страв, душевни состојби што се тешки за споделување со други. Стравот го имавме сведено на личен проблем, а вирусот прави да се чувствуваме послични и поблиски: и едни со други, но и со некои на кои, можеби, и не ни помислувавме веќе. Но, верувам дека сето тоа ќе го снема, затоа што ова е вонредна ситуација. Не ми се чини интересна за книга, се држам подалеку од актуелностите. Претпочитам да пишувам приказна што се случила порано или која ќе се случува во иднината.

Што досега сте знаеле и што повеќе би сакале да дознаете за Македонија при евентуалната посета на нашата земја?

– Пред сè, би сакал да ги пробам сите традиционални јадења, редовно ме привлекуваат кулинарските специјалитети, а знам дека македонската традиција спојува вкусови од древно потекло – посебно сум слушал за зачинетите сосови на база на разновиден зеленчук, кои се подготвуваат во склад со годишните времиња. А тука се и спектакуларните слатки. Македонија е позната како бисер на Балканот, место на кое низ вековите се развивале големи култури и цивилизации. Би сакал да ја откријам нејзината историја и да се препуштам на нејзините амбиенти. Се надевам дека наскоро ќе имам можност за тоа.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 54, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 октомври – 1 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот