Интервју со хармоникашот Игор Димовски: „Долги години секој мој успех се препишуваше на туѓа адреса, но јас сам го одев трнливиот пат“
Препознатлив по својот проект „Пауза за ракија“, Игор Димовски, македонскиот виртуоз на хармоника, проговори за своите почетоци и патот до успехот, кој не бил воопшто лесен. Благодарение на неговата упорност но и љубов кон музиката и хармониката, Димовски денес има одлична кариера, настапи во Македонија и светот, а неговите видеа на Јутјуб платформата бројат милионски прегледи. Дека ништо не е случајно говори и приказната за неговите почетоци во музиката од најрана возраст, но вели, сето тоа би било залудно доколку желбата за успех и подобро утре не биле негова главна мотивација.
Препорачано
Вашите почетоци во музиката датираат од раната младост, еден навидум обичен подарок, го трасираше вашиот животен пат, дали музиката тогаш беше ваша „опсесија“ или ја стекнавте низ годините?
– Не потекнувам од музичко семејство, но мојата мајка е многу музикална и има многу добар слух за музика. Првиот музички инструмент го добив од мојот чичко Зоки на 4 години. Тој ми беше како втор татко и веројатно поради него и се занимавам со оваа професија. Подоцна добив и мала детска хармоника, подарок од едни наши соседи и така се трасираше патот кон музичкиот живот. Пред сè сум благодарен на моите родители кои се жртвувале за мојот успех изминативе години.
На само дваесет години отворивте музичко училиште, а паралелно работевте и студиравте. За едно младо момче тоа е голема обврска, како успеавте да го изменаџирате времето?
– Да, во животот за да се успее треба да се биде упорен. Јас од млад знаев што сакам и знаев дека за да успеам треба да преземам чекор со доза на ризик, дека ништо нема да ми се сервира само на тацна. Едно е да си добар музичар, а сосема нешто друго да си добар менаџер и бизнисмен и да го продаваш продуктот кој го произведуваш. На 20 години основав фирма, пред да отворам ја кажав оваа идеја на 10 пријатели, познаници и роднини, генерално од сите добив негативно мислење. За жал живееме во општество од каде нема баш од кого да се купи идеја, но ќе повторам, човек мора да е тврдоглав за да нешто постигне и да се одвои од останатите стереотипи, исто како оној примерот со еден црна овца во сто бели. Време секогаш се наоѓа за важните луѓе кои ве опкружуваат, да бидам искрен од никогаш не сум бил тип кој премногу излегувал и се дружел, време трошам исклучиво за личности кои го заслужуваат тоа.
Која беше вашата прва работа, како заработувате пред да станете еден од најпознатите хармоникаши кај нас и дали се занимавате со други дејности освен музика?
– Моја главна професија и работа отсекогаш била музиката, но јас покрај музиката секогаш сакав да имам и сопствен бизнис. Мојот мозок беше програмиран отсекогаш и во таа насока, па така неколку години по отворањето на моето училиште основав и компанија за изнајмување на возила (рент а кар). Приказната започна кога отидов во Австралија на турнеја и со собраниот хонорар од настапите кога се вратив во Македонија купив половно комбе за транспорт на мојот оркестар. Подоцна сфатив дека тоа возило може да се изнајмува во слободно време, па така набавив уште едно и за кратко време направив флота од 15 тина различни нови возила. Грешна е онаа теза, државата не ни чини бегај од овде, не е така, самите ние ја креираме државата индивидуално, со труд и мозок и ние ја имаме Европа, нека биде ова еден апел до сите млади.

Во 2020 го започнувате музичкиот проект „Пауза за ракија“ кој денес брои милионски прегледи, дали оваа проект идеја ги надмина вашите очекувања?
– Да бидам искрен не очекував таков одзив на гледаност, „Пауза за ракија“ е дел од мене и проектот е креиран со многу љубов енергија и труд и се она што го поседувам како музичко знаење, емоција и експресија е сместено токму тука. Кога решив да започнам со работа отидов кај мојот пријател и колега Александар Кипровски, му ја кажав идејата, а тој само рече „работиме“. Тој всушност продуцент на сите 3 епизоди, ја снимавме во полупрофесионално студио, понекогаш затворавме прозори да не ни влета гулаб во студио или пак снимавме рано наутро дури сите комшии се на работа поради бучава и лоша изолација. Сфатив дека вредноста на студиото и опремата и не е толку важна, највредно и најскапоцено се е идејата и енергијата која се внесува во материјата.
Покрај тоа што сте истакнат и докажан музичар, композитор и аранжер, интересно е што и вашата сопруга потекнува од познато музичко семејство, колку тоа ви помогна или одмогна во градење на кариерата и дали добивте некаква поддршка низ годините?
– Да, Грациела е дете од музичка фамилија и добра ја разбира оваа професија, знаете како се има свои добри и лоши страни. Да бидам искрен јас сам го одев трнливиот пат, не сум добил некоја професионална поддршка ниту од семејството на мојата сопруга ниту од кој било друг, а да бидам искрен не сум ја ни барал. Долги години секој мој успех се препишување некаде на туѓа адреса, но знаете како во оваа професија не важи правилото вујко кадија или стрико кмет, или ве бидува или не, друга формула нема.

Дали гледано од овој аспект, јавното обраќање до дедото, таткото на вашата сопруга Горан Алачки, беше правилна одлука и дали тоа ви помогна во решавањето на проблемот или дополнително ги влоши семејните односи?
– Генерално поврзано со ова прашање тоа што имав да кажам е кажано јасно во мојот Фејсбук статус, но само ќе напоменам, кога сте јавно прозвани треба и јавно да вратите на „повикот“.
И вашата ќерка Јана е неверојатен талент за музика, свири повеќе инструменти и има неверојатен слух кога е во прашање пеењето, дали би сакале да музиката да биде нејзина професија, или оставате тоа да биде нејзин избор во иднина?
– Да, Јана пееше песни од Смиља Митревска на 2 годишна возраст, таа е многу музикална, веројатно генот од двете страни си го прави своето. Свири на виолина и пијано, јас често ја контролирам до каде е со материјалот. Не сум сигурен дали ќе се занимава професионално со музика и не би сакал да го наметнувам доколку одлучи да не се занимава. Таа има многу таленти, перфектно зборува англиски и одлично се снаоѓа на училиште.
Што недостасува на нашата музичка сцена за да биде подобра од она што е денес, што мислите дека би било клучно за да се издигнеме на едно повисоко ниво?
– Имаме премногу таленти на овој мал терен кои седат дома и не ги знаеме, музичката сцена е на ултра ниско ниво во моментов. Самите артисти пејачи и музичари треба да вродат со нови идеи, од облекување гардероба до музичка изведба сите наликуваат еден на друг, тоа не поминува повеќе кај публиката, секоја чест на исклучоците. Да не одиме подалеку, да ја ставиме главата преку граница во соседите и да видиме таму како функционира музичкиот свет па да увеземе некоја идеја и дома.
Кои се вашите идни планови со кои ќе ја почестите публиката?
– Публиката ќе ја почестам со нова епизода „Пауза за ракија 4“ и тоа ќе се случи во наредните месеци, за точната премиера ќе бидете благовремено известени, идните планови се снимање на нови проекти.


