Интервју со „Funk Shui“: Велика Британија е беспрекорна бомба од будност спремна за препознавање

Funk Shui, Фото: Приватна архива

„Невозможни за да се сместат во категорија“, „Funk Shui“ се претставија пред англиската публика, со концерт во Лондон на 29 април во „Олд блу ласт“ и гостуваа и на фестивалот „Liverpool Sound City“. Од Велика Британија се вратија со полни торби комплименти и веднаш по таа авантура се упатија на Балканска турнеја од 20-28 мај од Загреб до Сараево. На Балканот беа пречекани со ентузијазам во најмала рака, а во Загреб не само што беа повикани на бис, туку мораа да го повторат концертот за да ја задоволат „гладната“ публика.

Од објавувањето на деби-албумот „Aether“ во 2012 година, во рок од една деценија „Funk Shui“ само редат значки на реверот, го зголемуваат бројот на обожаватели и поддржувачи и се лансираат во нагорна траекторија со музиката што повеќе е „како чувство и причина“.

Со намера да дознаеме за посебните искуства на бендот за време на турнејата, поразговаравме со членовите Лука Ѓоргиевски и Михаил Намичев.

Лондон, фото: Приватна архива

Во Велика Британија ги импресиониравте критичарите и слушателите. Што ви значеше да се „прочитате“ низ очите на музичките магазини и ентузијасти, кои ве опишуваат како непредвидливи, полни со енергија и способни да ја наелектризирате публиката?

Лука: Преувеличување е да мислам дека на 28 години би го споделил котелот од волти „on her majesty’s earth and people“. Велика Британија е училиште за сè и сешто и беспрекорна бомба од будност спремна за препознавање. Сечии фантазии можат да најдат своја улица во Лондон, секоја болка свој лек во Ливерпул, дури и „Funk Shui“ можат да бидат препознаени. Мило ми е. Длабоко и сомнежо-кршачки ми е драго.

Михаил: Да добиеш критика од кого било, секогаш влијае мотивирачки, но кога ја добиваме од страна која е нова за нас, покрај голема мотивираност има и доза на смиреност – афирмација дека сме на прав пат. Вистински ни значи и мило ни е што тоа што го чувствуваме ние додека сме на сцена, сме успеале да го пренесеме дури во Лондон и во Ливерпул.

Крагуевац, фото: Приватна архива

Какво беше искуството да се отсвири на фестивалот „Liverpool Sound City“, пред публика што ве среќава првпат? Дали имавте успешно „сефте“?

Михаил: По толку години посветеност кон бендот, на моменти беше многу нормално што свириме пред таа публика, а на моменти нереално. Мислам дека ливерпулците одлично нè прифатија, иако слушаа непознат јазик – македонски, ги префати енергијата што ја дадовме.

Лука: Би сакал да ја видевте подзинатата уста на еден од публиката, кој дури и по настапот нè најде само за да поседи немо со нас и вистински човечки да ни сподели комплименти. Ливерпул е викиншки град. Примени со сето срце, испратени со обоено.

Загреб, фото: KSET

И на балканската турнеја бевте пречекани со многу ентузијазам и лојалност на обожавателите. Што ви остави впечаток? Како се разликува публиката во Англија и на Балканот?

Лука: Заборавивме колку години зенитен фокус и труд и, поважно од сè, љубов вложивме во, на, преку и околу „ФШ“ годиниве, и си дозволивме да заборавиме што очигледно заслуживме. Бис, „хочемо још“ без исклучок, во секој град каде што отсвиревме, двојниот настап во извесниот вторник во Загреб. Почнува да звучи на импресионистички патопис моево излагање, а тоа не ми се допаѓа. Разлика чувствувам од еден во друг град од истата држава, А камоли на речиси друг континент. Влијае воздухот, денот, трансгенерациските кодови и сл. Фантастичен и шарен свет е овој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Funk Shui (@funkshui_)

Михаил: Секојпат кога се враќаме во градовите каде што сме биле, нè изненадува како успеваме повторно да видиме, како веќе познати ликови, така и многу нови и секогаш да добиеме полно позитивна енергија, возбуда и неверојатно гостопримство. Би претпоставиле дека јазикот е секогаш бариера, посебно надвор од Балканот, но енергијата што се пренесува е универзална и обострано прифатена.

Загреб, фото: KSET

Кој настап го сметате за најуспешен за вас како бенд и како индивидуи? Зошто?

Лука: Би сакал ова прашање да го поставите на нашите, тие пред нас, тие кој настап го сметаат за свој најуспешен. Сè уште го чекам мојот, а наш… Неблагодарно е.

Михаил: Следниот.

Што е следно за „Funk Shui“?

– Следни се: Албум 3 (овој пат, вистински многу брзо) и есенска турнеја.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Funk Shui (@funkshui_)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот