Интервју со филмскиот автор Карпо Година: „Црн бран“ беше погрден термин за нашите тогашни филмови

Карпо Година е филмски режисер, снимател, сценарист и монтажер

Три кратки документарни филмови на словенечкиот автор со македонско потекло Карпо Година се на програмата на 15. „МакеДокс“, во чиј фокус се филмските архиви.

Филмскиот режисер, снимател, сценарист и монтажер Карпо Година има извонредно драматична животна патека. По татко е Македонец, по мајка е Словенец. Роден е во виорот на Втората светска војна во Македонија, а потоа целиот живот го поминува во Словенија.

Во времето на Југославија беше автор на експериментални и авангардни филмски остварувања, со кои станува дел од таканаречениот „Црн бран“, но истовремено станува близок соработник со култните режисери од тоа време, како Душан Макавеев, Желимир Жилник, Бата Ченгиќ, Лордан Зафрановиќ.

Неговите кратки документарни филмови „Гратинираниот мозок на Пупилија Феркеверк“, „За уметноста на љубовта или филм со 14441 квадрат“ и „Рамка за неколку пози“, кои ќе бидат прикажани на „МакеДокс“, се добиени со посредство на Кинотеката на Словенија, а датираат од 70-тите години на минатиот век.

Покрај тоа што фокусот на фестивалот е на филмските архиви, што лично Ви значи можноста некои нови генерации да видат филмови што сте ги направиле пред половина век?

– Деновиве присуствував на проекцијата на најновиот долгометражен документарен филм „Имаше ли нешто авангардно?“ (Ali je bilo kaj avantgardnega?). Филмот се занимава со авторите и со нивните експериментални и авангардни обиди во областа на филмската авторска работа во Словенија во периодот од 1950 до 1985 година. Таму се застапени и некои мои филмови. Најважно е што беа пронајдени и реставрирани извонредни филмови, кои беа реставрирани и дигитализирани во Кинотеката, а со тоа повторно станаа достапни за гледачите.

Кога човек сега ќе го погледне сето тоа богатство на филмски пристапи, тој гледа колку е важно денешните генерации филмаџии да ја видат и да ја почувствуваат таа енергија, љубов и посветеност во пронаоѓањето на сопствениот филмски израз. И така, гледајќи ги, и самиот ги преживеав тие времиња и почувствував дека тие филмови имаат многу што да кажат и денес.

Сцена од филмот „За уметноста на љубовта или филм со 14441 квадрат“

Вашите филмови и во денешно време делуваат провокативно и возбудливо, иако се направени во друг идеолошки систем. Какви беа предизвиците во тоа време да се сними филм?

– Со тие кратки филмови ги следев настаните околу мене и во нив ги заземав позициите зад кои стоев. Со повторното прикажување на тие филмови во денешно време можеме да видиме дека некои од нив, сѐ уште, се многу актуелни.

Со Вашето творештво бевте дел од југословенскиот „црн бран“. Какви се Вашите искуства за употреба на филмот како средство за отпор против системот и имаше ли противудари од системот врз филмот?

– „Црн бран“ беше погрден термин за тие наши тогашни филмови. Требаше да го наречат Филмска пролет на југословенскиот филм или Нов југословенски филмски бран или нешто слично. Бидејќи не сум само режисер, туку и кинематографер, соработував како директор на фотографија во филмовите на Желимир Жилник, Душан Макавеев, Бата Ченгиќ. Во 1972 година нѐ запреа и ни ги ставија филмовите во „бункер“. На авторите им беше забрането да работат, па Макавеев замина во Америка, Жилник во Германија, студентот Стојановиќ заработи три години затвор, мене ми ги „бункерираа“ сите филмови и ми забранија да режирам во наредните десет години…

Сцена од филмот „Гратинираниот мозок на Пупилија Феркеверк“

Вашите родители во Тетово објавувале филмски рецензии уште во времето на Кралството Југославија, пред Втората светска војна (Извор: во книгата „Старите кина“ на Илинденка Петрушева се спомнува списанието „Јужна стварност“ што излегувало во Тетово во 1939 година). Каде ја лоцирате Вашата желба целиот живот да го посветите на филмската уметност?

– Приказната околу татко ми и списанието „Јужна стварност“ има малку поширока заднина. Тој не можел да ги објавува своите политички и други ставови во весниците во Тетово и во Македонија (во тоа време била Вардарска Бановина во Кралството Југославија, н.з.), па во 1939 година отпатувал за Словенија, во Марибор. Таму со свои пари го објавува списанието „Јужна стварност – списание за сите културни прашања“. Во Марибор без проблем му го отпечатиле списанието. Во него, пред сѐ, тој остро одговорил на излагањето на српскиот академик Никола Вулиќ во Белград со наслов „Јужна Србија или Македонија?“ Списанието го дистрибуирал низ целата тогашна држава и веднаш потоа бил уапсен и ставен во затвор затоа што се залагал за Македонија.

Во тоа време мајка ми беше актерка во Марибор, но поради левичарското дружење со Херта Хас ја избркаа од театарот, па за чудо ја примија во скопскиот театар. За време на војната, татко ми се бореше за Македонија, а мајка ми му помагаше во неговата борба. По војната мајка ми беше соосновач на Македонскиот театар, а татко ми повторно беше ставен во затвор, па мајка ми морала за 24 часа да ја напушти Македонија со своите две деца и да се врати во Мариборскиот театар. Во нашето семејство има некакво проклетство, а јас очигледно се обидов срамежливо да пренесам дел од тие особини во моите филмски исповеди.

Имајќи го предвид драматичниот живот на Вашите родители, дали некогаш сте снимиле филм за нивната судбина?

– На македонската Кинотека одамна ѝ го предадов целиот филмски и фотоматеријал што го снимал татко ми и кој македонската полиција ми го врати по смртта на татко ми. Ги предадов на чување и другите негови материјали што ми ги вратија. Нормално дека меѓу нив нема филмски или други „жешки“ материјали што полицијата ги чувала за своите потреби. И одговорот на Вашето прашање: ако имам сила, ќе се обидам од тие материјали да направам нешто за моето семејство.

Вашето потекло е од Македонија. Дали некогаш сте снимиле филм за или во Македонија?

– Во близина на Штип на армискиот полигон Криволак го снимав филмот „За уметноста на љубовта или филм со 14441 квадрат“ и фреските во Св. Пантелејмон на Водно кај Скопје. Во Македонија делумно го снимав и аргентинско-југословенскиот игран филм „Патот кон југ“ (El camino del sur).

Сцена од филмот „За уметноста на љубовта или филм со 14441 квадрат“

Познато е дека редовно доаѓавте на „Манакиеви средби“ во Битола. Какви се Вашите сеќавања на средбите и кога последен пат сте биле во Македонија?

– На битолските „Манакиеви средби“ доаѓав уште во времето кога не беа меѓународни, а доаѓав и потоа, кога станаа меѓународни. Инаку, баба ми потекнуваше од познатото битолско семејство Герасимови. Во Македонија не сум бил многу одамна… последен пат бев на фестивалот „Астерфест“ во Струмица.

Со кои македонски филмски работници и филмофили се дружевте тогаш и со кои од нив пријателството Ви остана до денес?

– Се познавав и се дружев со целата постара плејада врвни македонски филмски режисери и кинематографери. Тие беа, исто така, познајници и пријатели на татко ми. Нашиот познат филмски режисер Франце Штиглиц многу ми зборуваше за неговата работа на два македонски филма: „Волчја ноќ“ и „Виза на злото“. А најмногу се дружев со синот на мојот стар познајник и стар филмски снимател Мишо Самоиловски – Влатко Самоиловски. Влатко ми беше асистент на камера, но и искрена поддршка и извонреден соработник за време на мојата работа на неколку играни филмови. Набрзо и тој стана врвен директор на фотографија и филмски снимател.

Долго време бевте професор по филмска режија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија на Универзитетот во Љубљана. Кои квалитети и знаења се најважни за секој што се занимава со филмската уметност?

– Пред сѐ, ги ценам творците што имаат свој индивидуален пристап и поетика надвор од шаблоните и каноните, и кои имаат искрена примарна желба за филмско изразување.

Сцена од филмот „За уметноста на љубовта или филм со 14441 квадрат“

На фестивалот „МакеДокс“ се прикажуваат документарни филмови. Какво е значењето на документарните филмови денес, кога фикцијата и реалноста почнаа да се преплетуваат?

– Тоа прашање во последно време си го поставуваат многу филмски теоретичари и практичари. Ајде да почекаме малку да се смират новите технологии, новите медиуми, новите изрази, новите „клинци“ и сета можна нова вештачка интелигенција, па потоа на раат да видиме на што сме.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 242, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.8.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот