Интервју со Билјана Лотеска, воспитувач во градинка и автор на сликовници: Пет дена во неделата го будам детето во мене

Фото: Приватна архива

Билјана Лотеска е веќе 30 години воспитувач во градинка и со ова искуство и инспирацијата што доаѓа од нејзината посветена работа со децата на предучилишна возраст, стана авторка на првата интерактивна сликовница за деца „Жолти чорапи“. А ќе има уште…

Пред сѐ, честитам за двата поводи за славење: три децении од Вашата работа како воспитувач во градинката „Детска радост“ и авторското дело – интерактивна сликовница „Жолти чорапи“. Колку долго ја обмислувавте сликовницата?

– Ви благодарам! Навистина поводи за славење и, тоа за мене многу значајни. Првиот е нешто во што се пронајдов себеси, мојата работа содржи сѐ она што неизмерно го сакам – децата, а во исто време е и место каде што можам да ја искажам сета моја креативност, сета моја топлина и љубов. Всушност, јас пет дена во неделата го будам детето во мене и, во исто време се обидувам да им донесам радост на децата во мојата група. Мојата работа ми носи насмевки, а секој ден поминат во градинка со деца е нов и интересен. А, вториот повод е дел од првиот, во таа секојдневна креативност е и пишувањето за деца. Благодарност до „Либи“, дел од „Арс Ламина публикации“ и до уредничката и писетелка Оливера Ќорвезироска, што придонесе мојот ракопис да не остане во некој фолдер на мојот лаптоп, како и на моите две ќерки Бисера и Деница и мојот сопруг, кои ме поддржуваа и се радуваа на „Жолти чорапи“ заедно со мене. Колку што работам со деца, толку долго време го обмислував овој и другите мои ракописи за сликовници. Тоа значи дека зреењето и креативноста во мене паралелно се надополнуваа, а во тоа секако најголема помош имав од децата, идните корисници на „Жолти чорапи“.

Како резултат на моите искуства, покрај оваа сликовница, во „Арс Ламина“ очекувам да ми бидат објавени уште три сликовници што се поврзани, а кои донесуваат нови, интересни и интерактивни примери и овозможуваат по нив да се реализираат куклени, театарски претстави и серија цртани филмови.

Фото: Приватна архива

Што значи „интерактивна сликовница“, на кој начин и со кого таа е интерактивна?

– Мојата воспитувачка работа ми покажа дека сликовницата како прва книга со која се сретнува детето треба да исполни три услови, да го заинтригира за она што е содржано во сликовницата, да им даде можност на родителите да работат со децата, а на воспитувачките да им понуди активности како раскажување на приказна, драматизација на текстот и илустрација на ликовите, и најпосле работилница со децата инспирирана од сликовницата. Детето слуша, родителот и/или воспитувачката чита, го изведува текстот – заедно со децата прави драматизација и организира час по цртање. Тоа тројство има за цел детето да го збогати своето сознание и свет со многу конкретни животни и предмети и од нив да ги извлече оние процеси што влијаат врз неговото спознавање на светот и растењето. Значи, преку сликовницата јас имам комуникација на три нивоа: јазично, ликовно и психолошко, преку приказната и активностите во сликовницата. Поради тоа мојата сликовница „Жолти чорапи“ во вториот дел ги нуди овие интерактивни компоненти со дополнително учење на брзозборки, гатанки и, со креативен приод понудените предмети со промислување, децата да можат да ги поврзуваат таму каде што одговара.

Секако дека долгогодишното искуство игра важна улога во осознавањето на детската душа, но со оглед дека акцентот во книгата е на изразувањето на емоции преку боите, дали консултиравте и психолошка литература?

– До овие мои работни знаења дојдов преку активното следење стручна литература од психологијата и од теоријата на боите, но исто така и од обуките што ги следев во нашата земја и во странство. Всушност, овде станува збор за сликовницата како алатка што служи не само во секојдневната работа на воспитувачот туку таа треба да биде и алатка за родителите. Свесна сум дека родителите во транзицисково време малку имаат можност да бидат подолго и покреативно со своите деца, затоа ваквиот тип изданија овозможува тој вакуум простор да биде креативно исполнет. Се потрудив да создадам нов простор во кој децата ќе ги примаат знаењата и вредностите на боите што нѐ опкружуваат. Затоа, се определив сликовницата „Жолти чорапи“ да биде појдовна позиција од која децата ќе го научат значењето не само на боите, туку и на емоциите, а на родителите ќе им овозможи со помош на разни предмети или конкретно со чорапи во боја, тоа знаење да го утврдат. Целта ми е ова да стане движење во кое чорапите што ги носиме, панделката во коса, однапред да ни кажуваат каква е психолошката состојба на детето или возрасниот. Ова е нов психолошки приод, со она што го носиме да испраќаме порака до оние со кои комуницираме.

Фото: Приватна архива

Дали денешните деца во многу се разликуваат од поранешните генерации, како што тврдат многумина. Дали и Вашето искуство е такво?

– Генерација од генерација се разликува само во едно: стекнувањето проширени знаења и односи што се диктирани од многу надворешни фактори што контролирано или неконтролирано влегуваат во семејствата. Ако претходните генерации ги имале игрите на отворено, со природни материјали, овие генерации, пак, имаат едукативни игри на таблет. На секоја генерација ѝ се даваат можности да спознае нешто повеќе од претходната и со тоа богатство побрзо да напредува. Сепак, за секоја генерација е значајно истото – колку ќе се вложиме ние (воспитувачи, родители), толку тие (децата) ќе бидат добри и успешни. Секоја генерација во мене оставаше убаво сеќавање за да ги паметам и да им се радувам, а тие да ме паметат и да ме радуваат со своите животни успеси. Особено ме радуваат повторните средби со нив, сега како учителка на нивните деца, а интересно е што и самата сликовница „Жолти чорапи“ тие ја купија и им ја читаат на своите деца.

Дали забележувате промени кај децата по двегодишниот период на пандемија, кој услови воспитно-образовниот процес да се одвива главно без физички контакт, најчесто преку интернет?

– Ви благодарам за прашањето, зашто ми давате можност да го кажам она што досега не се знае во нашата јавност. Имено, ние воспитувачите само што ја завршивме обуката за социо-емоционален развој кај децата, неочекувано изби пандемијата со ковид-19. За разлика од другите дејности, ние во градинките направивме пауза во пикот само од шест месеци (додека паузата во училиштата траеше подолго) и си ја продолживме редовната работа, да, со намален број деца, но овој пат збогатени со нашите нови знаења. Пандемијата нас во градинките нѐ затекна како и сите и за таква нова ситуација ниту имавме слушнато, ниту, пак, бевме подготвени за работа со децата. Во шесте месеци се обидовме да изнајдеме нови психолошко-педагошки методи за работа со децата во вакви услови и во тоа мислам дека успеавме токму со новите знаења. Успеавме да најдеме креативен начин и носењето на маски и реализирањето на активностите на далечина на децата да им ги направиме интересни и забавни. А, за оние деца што останаа во своите домови, активности, игри и приказни споделувавме на веб-страницата на градинката. Родителите нив можеа да ги реализираат со децата во своите домови.

Фото: Приватна архива

Дел од Вашето богато искуство е работата со деца мигранти од 3 до 10 години. По што се разликуваат овие деца, имаат ли повеќе психолошки проблеми и како се надвладуваат тие?

– „Здраво, те чекав! Овие игри со тебе ми се најубавото нешто во денот и овде каде што живееме сега!“. Кога ќе те пречекаат вакви зборови од некој кому животот му се сменил преку ноќ и е само дете, не може да остане рамнодушен никој, а јас, пак, се вложив уште повеќе за да го продолжам и да го заштитам развојот на децата мигранти. Во работилниците кои ги реализирав во згрижувачките центри во кои беа сместени мигрантите, работев со деца на возраст од 3 до 14 години.

Бидејќи сите деца во групите беа со ранети срца и од мали нозе мигранти, јас се обидував несвесниот страв во нив да го премостам со тоа што изнаоѓав содржини кои сметам дека делуваа позитивно да се ослободат од стравот, да заборават на голготата на патување, да се радуваат со родителите и да сфатат дека овде сме им пријатели и дека максимално се вложуваме условите за растење да им бидат благопријатни и незаборавни. Активностите ги реализирав на англиски јазик и беше интересно што поголемите одлично говореа и ми беа од помош со тоа што им преведуваа на помалите она што јас го кажував.

И на крајот, со оглед на учеството во повеќе меѓународни проекти, како го оценувате квалитетот на воспитно-образовниот процес во Македонија во однос на другите земји? Во што заостануваме, а во што сме во предност?

– Македонија има одлична Програма за ран детски развој, а со дополнувањето од двата модула – социо-емоционален развој, учење преку игра и конструктивизам, мислам дека нашите добри практики за поттикнување на раното учење и развој даваат огромен придонес кон создавање на квалитетен воспитно-образовен процес. Можеби во мал дел заостануваме зад работата во детските градинки во повеќе држави, како, на пример, по бројот на деца во групите, по бројот на воспитувачи во групите, но цврсто сум убедена дека до сега во воспитно-образовната работа во психолошко-педагошка и методската работа сме на нивно рамниште, па и нешто повисоко. Воспитувачите во некои од државите и по општествениот статус битно се разликуваат од нашиот, имено, имаат вистинско и достоинствено место во општеството и се наградени многу повеќе од нас.

За крај, би завршила со Калил Џибран кој во „Пророкот“ споделува една мудрост и за децата: „Можете да им давате љубов, но не и вашите мисли, оти тие имаат свои мисли. Вие сте лакот од кој вашите чеда како живи стрели се вивнуваат кон иднината.“

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот