Момчило Бајагиќ Бајага/Фото: Монтенегро фестивал на пивото

Интервју со Бајага пред концертот во Скопје: На заедничка турнеја со Драган Мијалковски ја пеев „Кажи нешто драга“

По повеќе од 40 години кариера, култниот белгадски музичар Момчило Бајагиќ-Бајага остана „доброто момче“ од некогашната југословенска сцена. Бајага секогаш со радост се враќа во Македонија и јасно ги памети сите случки од неговите настапи, од времето кога скрши нога во Штип како средношколец и кога заедно со „Рибља чорба“ беше дел од придружниот бенд на Драган Мијалковски.

На 14 февруари, Бајага ќе одржи заеднички концерт во Владо Јаневски во Скопје, во арената „Борис Трајковски“ во организација на „Авалон“. Песните уште ги пишува на старински начин, со пенкало и на лист, но љубопитен е околу вештачката интелегенција која поретко ја користи.

Интересен спој е Вашиот заеднички концерт со Владо Јаневски. Кога се запознавте и што најмногу Ве поврзува?

– Слушнав за него уште пред да почнеме да соработуваме, дека има некој пејач во Македонија што пишува страшно добри текстови. Ми беше мило кога ми рече дека сака да ја преработи „Твојте очи“, песната која ја напишав за Здравко Чолиќ на македонски. Пред точно десет години, бев гостин на неговиот концерт во Скопје, во Универзалната сала, и свирев токму на таа песна. Потоа ја напишав песната „Ајде, води ме“, која тој прво ја испеа во дует со Тијана Дапчевиќ во 2007 година на српски јазик, а потоа ја сними и соло, на македонски. Ние сме заеднички автори на оваа песна. Се дружиме и патиштата ни се вкрстуваа долго време. Кога Бобан од „Авалон“ ми рече дека имаат идеја за заеднички концерт, немаше зошто да не прифатам. Ми рече дека Владо му велел дека живее во илегала во Гевгелија, не следи вести и поретко доаѓа во Скопје. Реков на шега: „Ајде да го извдиме Владо од илегала со овој концерт во Скопје на Денот на вљубените“.

Момчило Бајагиќ Бајага и Владо Јаневски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Интересно е што паметите доста од Вашите стари настапи во Македонија, од времето кога како средношколец, тогаш член на „Рибља чорба“ скршивте нога на настап во Штип, до Вашата турнеја со Драган Мијалковски кон крајот на 1970-тите.

– Тоа беше оригинална комбинација која не се заборава. Ние како млад рокенрол бенд, „Рибља Чорба“, го следиме Драган Мијалковски кој во тоа време беше легенда во Југославија. Знаеме сите колку висок и добар глас има Драганче, и најјако беше она кога треба да го повтори стихот: „Ако треба драга, стопи ме од тага“. Не знаевме колку време ќе се задржи на вокалот и кога ќе почне со нов стих па чекавме во неизесност кога да продолжиме да пееме. Паметам и песни од Драган кои сега не се пеат толку често. Тогаш со нас на истата турнека беше и Дарко Домијан. А, во Штип скршив нога во 1978, кога игравме пријателски натпревар со навивачите на „Црвена ѕвезда“ од Штип, бендот против штипските „Делии“, не поканија Бора и нас од бендот како навивачи на „Црвена звезда“. Незгодно паднав при еден напад на противничкиот гол. Тогаш уште бев во средно училиште и со некое оправдание избегав од часови за да можам да свирам на турнејата низ Македонија. Турнејата помина одлично, но јас се вратив дома со гипс на ногата. Го паметам и Гостивар, големата дикотеката „Авалон“ во која настапувавме. Во Македонија сум свирел повеќе од 50 пати, а помалку од 100, во многу градови и на многу места. Не можат ни да се избројат ни да се заборават.

Скопје е многу променето од времето за кое зборуваме. Како Ви изгледа Вам?

– Мене ми е убаво кога и да дојдам. Но секако ми е поубаво во лето, мирисот на липите кој е карактеристичен за Скопје го паметам и јас.

Неодамна ја промовиравте монографијата „Песни“ во која има и копии од Вашите рачно напишани песни. Колку песни има во книгата?

– Има 160 песни, меѓу нив се и рачно напишани, кои сум ги пишувал со пенкало, на хартија и среќа е што ги чувам. Книгата е на голем формат, на 377 страници. Тоа се песни со кои растевме заедно со мојата публика, и ми се допаѓа како излезе крајното графичко решение. Музичките новинари Пеца Поповиќ и Бојан Мушќет имаат напишано воведни зборови. Монографијата има и збир на стари и понови фотографии.

Монографијата „Песни“ на Бајага / Фото: Книжарница „Делфи“

Како денес, во времето на вешачка интелегенција ги пишувате песните?

– Сѐ уште најмногу со пенкало и на хартија. Нашите јазици имаатат многу едносложни зборови кои јас ги употребувам во песните, за разлика од англискиорт јазик. Еднаш се обидов со помош на вештачка интелегенција да најдам нови едносложни зборови. Излезе дека јас самиот најдов повеќе зборови од вештачката интелегенција.

Генерално, песните Ви се инспирирани од вистински приказни и емоции или сепак или сепак има повеќе фикција?

– „Моите другари“ ја напишав за моите другари од светот, „443 до Белград“ на едно патување, песната за убавата Јања, ќерката на рибарот е инспирирана од народна песна. Секоја песна е водена од вистинска емоција или случка, не мора да е лично моја.

Ми се допадна приказната за тоа како настала песна „Ајде, ајде Јасмина“ која ја испеа Здравко Чолиќ на Ваш текст, а музиката ја напиша Горан Бреговиќ.

– Да, тоа е добра приказна. Имаше една секретарка Јасмина која работеше во издавачката куќа „Комуна“ со која соработувавме. Беше вредна, сите ја сакаа. И еднаш ми рече: „Како само за мене нема никој напишано песна?“ И така ги напишав стиховите за Јасмина. Кога му ја дадов песната на Бреговиќ, и кога го прочита она: „Ајде ајде Јасмина, ти го знам вкусот на карминот“ тој ми рече: „Ти не си нормален“.

Вашиот прв албум „Позитивна географија“ излезе пред 42 години. Рековте дека јубилејот уште го славите со концерти. За колку настапи во просек имате можност и сила сега во однос на порано?

– Многу помалу од порано. Некогаш се случувало по 100 дена да сме на турнеја, да се туткаме сите во едно мало комбе. Јас веќе имам кажано дека ќе свириме додека можеме, и уште чувствувам возбуда и не можам да заспијам од среќа по концертите и уште патуваме со комбе, сега ново. Затоа сум среќен што уште го славиме тој јубилеј. Се радувам кога ќе видам млади луѓе во публиката кои ги пребаруваат текстовите на старите песни кои не ги знаат, за да можат да ги пеат.

Бајага и инструктори во Сиднеј / Фото: Приватна архива

Ви пречи ли уште кога публиката Ве снима за време на концертите?

– Не дека ми пречи, но кога снимаш, не можеш сосема да уживаш во музиката, не само на нашите концерти туку на било кои. Јас слабо се занимавам со социјалните мрежи и со снимки за спомен. Меморијата ми е повеќе во главата.

Бајага и Владо Јаневски пред заедничкиот настап: „Нешто поголемо од концерт, 40 хитови отсвирени на еден музички празник“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот