Интервју со антропологот Влатко Деловски: Треба да се вратиме кај човекот и човечноста
Со книгата „Од личност до маска – за новата ’нормалност‘“ авторот Влатко Деловски дава непосредно доживување на драматичниот пејзаж на егзистенцијалните крстопати пред кои е поставен современиот човек.
Препорачано
Мала по обем, но тешка по суштина е книгата „Од личност до маска – за новата ’нормалност‘“ на антропологот Влатко Деловски. Во цивилизацискиот период што научните кругови го дефинираат како „антропоцен“, Деловски укажува дека човекот почнува да бега од својата суштина и во потрагата по натчовек заборава да биде – човек.
Авторот Влатко Деловски е роден во Битола, а потекнува од моштенскиот ареал на Пелагонија. Од Градежен факултет заминал да студира на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, каде што дипломирал, подоцна магистрира на Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје на тема: „Културолошки параметри во првата канонизација на светители за МПЦ-ОА“.
Во моментов е на докторски студии на ИМЛ при УКИМ. Директор е на НУМ „Смилевски конгрес“ – Смилево. Но, работи и како консултант – надворешен научен соработник при Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“. Влатко е сопруг, татко на две деца, активен качувач на карпи, планинар и велосипедист. Во својата прва книга дава длабинско и проникливо сведоштво на некои од суштинските етички и антрополошки предизвици на нашата доба.
Неодамна ја промовираше твојата прва книга „Од личност до маска – за новата ’нормалност‘“. Каков творечки подвиг за тебе претставуваше подготовката на книгата?
– Подготовката на книгата за мене не беше творечки подвиг во класична смисла, туку еден вид етичка должност. Се чувствувам окружен – не толку со инспирации, колку со прашања што не ми даваат мир. Во духот на она што Ханс Јонас го нарекува „принцип на одговорност“, книгата ја напишав не од уметничка побуда, туку од внатрешно чувство дека мора да сведочам. И ако некогаш техничкиот напредок беше доживуван како Прометеев дар – светлина што ја победува темнината, денес сè повеќе наликува на Франкенштајнова ентелехија: творба што сме ја повикале во живот, но која, откако се беше самозамотала во сопствената логика, нè остава нам без онтолошка ориентација. Нешто што некогаш ветуваше контрола, сега произведува неповратност – и не нѐ води кон култура на остварување, туку кон култура на отпад.

Главна карактеристика на книгата, што е посочено и во насловот, се твоето видување на релациите маска-личност и личност-маска. Зошто овие релации ги сметаш за клучен антрополошки проблем во актуелното општество?
– Релацијата личност-маска (и обратно) ја сметам за клучен антрополошки проблем бидејќи во неа се открива судбината на човекот како духовно и односно битие (да се биде личност значи да се има однос кон Нешто и да се биде во релација со Некого). Ако низ историјата на Западот човекот постепено се издигнуваше од προσωπεῖον – театарска маска, улога, функција – кон πρόσωπον, лице, неповторлива ипостас, тогаш денес сведочиме за обратен процес: личноста не се надградува, туку се одложува, се преоблекува, исчезнува во серија репрезентации.
Тоа што некогаш беше подвиг на идентитетот – да се стане „образ по образот Божји“ – сега се сведува на избор на филтер. За неколку децении, човекот изгуби нешто што цивилизациите го градеа со векови: свеста дека зад лицето стои присуство, одговорност, тајна. Маската денес не е повеќе ритуална, симболична или трагична, туку станува стандардна: и затоа ја загрозува личноста не преку насилство, а преку заборав.
Кој е најлесниот пат за една личност да стане маска, а каква тежина носи обратниот процес?
– Не е потребен напад врз личноста; доволен е контекст што постојано нуди готови облици на прифатливост. Маската денес не се наметнува – се избира. Тоа е трагедијата.
Обратниот процес – враќањето од маска кон личност – не е спонтан. Тој бара подвиг, сличен на духовното разголување: откажување од сигурноста на прифатеното заради автентичноста на сопственото лице. Тоа не е само психолошки процес, туку онтолошка тежина. Зашто, како што велеше Достоевски, „да се биде искрен до крај е дело на херој“.

Во книгата цитираш многу значајни антрополози и филозофи преку нивните дела. Меѓу значајните процеси кои се одлика на современото општество го спомнуваш поимот „технофеудализам“ како одредница за 21 век. Што тоа значи?
– Поимот „технофеудализам“, кој го користам со упатување на Јанис Варуфакис, претставува обид да се именува една клучна трансформација во XXI век: светот повеќе не е управуван од слободен пазар, туку од платформи, алгоритми и технолошки господари кои не продаваат производи, туку посредуваат во самата реалност – и наплатуваат за тоа. Како што Варуфакис вели дека Гугл, Амазон, Фејсбук не се пазарни актери, туку нови феудални владетели: не конкурираат, туку владеат.
Но ова не е само економски модел – туку антрополошки пресврт. Зашто, кога производот станува самото наше внимание, нашите податоци, нашето време, тогаш и самата личност станува ресурс. Не сме веќе граѓани, ни потрошувачи – туку цифрени поданици, кои доброволно живеат во дигитален замок што не го гледаат како затвор. Тоа е суштината на технофеудализмот: господарот е невидлив, а зависноста изгледа како слобода.
Процесот трансхуманизам го следи патот на создавање супер-луѓе (супер-човек). Што е потребно место супер-човек да се создаде подобар човек?
– Трансхуманизмот ветува ново поглавје во еволуцијата: некаков пост-човек, попаметен, побрз, подолговечен – веројатно и поспособен да си ја обнови батеријата на сопствена свест. Но, како што забележува митрополитот Николај Месогејски, проблемот не е дали ќе направиме супермен, туку дали би направиле подобар човек!? Впрочем, дали знаеме што значи да се биде човек!?
Живееме во свет каде што е полесно да се симулира свест, отколку да се засака ближниот. Лесно е да измислиш натчовек, кога си се откажал од подвигот да бидеш просто – човек. Постои чудна иронична ревност да се надмине човечкото, кога сè уште не сме научиле ни да го живееме.
Трансхуманизмот нè прашува: „Што после човекот?“ Но, можеби почесно би било, во стилот на Бела Хамваш, да се прашаме: „Што изгубивме многу назад ‘пред’ човекот, односно кога тој навистина битисуваше, а не, како денес – просто суштествување (животарење), тоа го прават и животните?“ За да одговорам на вашето прашање, би рекол дека, пред сѐ, треба да се вратиме кај човекот и човечноста.

Во некои твои објави на социјалните медиуми се сомневаш дека многумина ќе ја прочитаат твојата книга, а за нејзината подготовка си прочитал многу книги. Што читањето значи за развојот на една личност?
– Да, точно е – јас се сомневам дека многумина ќе ја прочитаат книгата. Веројатно и затоа што нема сликички, нема рецепти, нема шеми за самопомош. А јас, за неа, читав книги што никој не ме тераше да ги прочитам. Тоа е иронијата: кога најмногу сакаш да споделиш нешто суштинско, сфаќаш дека живееш во време на бескрајно листање, но сè помалку читање.
А сепак, читањето – вистинското, тивко, бавно, пожртвувано читање – е можеби најрадикалниот чин на грижа за себе. Не како нарцисоидно самоподобрување, туку како начин да станеш личност: да ја слушнеш туѓата мисла, да се надминеш себеси, да се сретнеш со нешто што не си ти. Како што вели Сенека: „Ниту еден ветер не му е поволен на оној што не знае кон кој брег плови“ – а читањето барем нè учи да препознаеме нешто на картата.
Во тој случај, од каде се појавува сомнежот околу потребата од читање книги?
– Сомнежот не се појавува од фрустрација, туку од опсервација. Денешниот свет не ја одбива книгата затоа што нема време – туку затоа што има други, побрзи замени за мислењето. Зошто да се влезе во текст со 300 страници, кога може да се гледа рилс од 20 секунди? Луѓето денес не сакаат природна супа – сакаат супа од петел. Сакаат вера без покајание, мудрост без читање, идентитет во три чекори. Сè треба да е инстант: и кафето, и просветлувањето.
Книгата, напротив, не може да се „консумира“. Таа бара време, внимание, самотија, па дури и несогласување. А тоа е ризик. Во време кога брзината е вредност, а длабочината непријатност, книгата е радикален непријател. Луѓето денес не сакаат да читаат – сакаат да голтаат без џвакање, да „апсорбираат содржина“. Штета што личноста не се раствора во врела вода за три минути.
Во суштина, колку новата „нормалност“ е нормална?
– Тоа што го нарекуваме „новата нормалност“ не е само прашање на технологија, туку и на загубено чувство за мерка, за човечко лице, за присуство. Книгата не е ни повик, ни дијагноза – туку обид да се одговори на тишината со збор. Не знам дали успеав, но чувствувам дека не смеам да молчам.
Новата „нормалност“ е фасцинантно чудо: она што до вчера беше абнормално, денес е просечен ден. Дехуманизацијата стана „дигитална ефикасност“, отуѓувањето – „лична слобода“, а симулацијата – „реалност плус“. Нормална е, се разбира – ако критериум за нормалност е тоа што го прават повеќето. Но тоа не ја прави човечна.
Се чини дека денешната нормалност не произлегува од човечката природа, туку од системската удобност. Луѓето ја прифаќаат, не затоа што веруваат во неа, туку затоа што се уморни да ѝ се спротивставуваат. А кога уморот станува вредност, и најапсурдното изгледа рационално. Да го парафразирам Орвел: во времиња на универзална прилагоденост, неприфаќањето станува девијантност. Но, можеби токму таму има трага на надеж.

Надвор од темата, но значајно во однос на твојата работа како директор на НУМ „Смилевски конгрес“ – Смилево. Која е основната дејност на манифестацијата и каков предизвик е да се раководи со неа?
– Националната установа Манифестацијата „Смилевски конгрес“ претставува многу повеќе од календарски настан – таа е водечка симболичка и културна револуција во Македонија, што веќе две години се случува во село Смилево, а се темели врз дијархија: од една страна – почит кон културната меморија и традиција, во спој со естезијата за сето она што денес нам ни е суштинско и потребно. Нејзината основна дејност е да го одржи жив духот на Смилевскиот идеал – да ја спои историската борба за слобода со денешната потреба од културна, уметничка и духовна автентичност.
За мене како директор, предизвикот не е само во доброто менаџирање – туку во суштинското прашање: како да се создаде родољубие што не се храни од реторика, демагогија, знамиња, симболи, туку од трајни вредности? Мој стремеж е да изградиме простор каде традицијата не е музејска реликвија, туку инспирација за современа, креативна, квалитетна и културна слобода. Затоа Манифестацијата дава акцент на квалитетната современата авторска уметност и култура. Оваа година, покрај одличната програма, имавме една поворка со музичкиот ансамбл Мајовци насловена: напред кон минатото.
Книгата „Од личност до маска – за новата ’нормалност‘“ им е посветена на твоите деца Коприна (8 години) и Јосиф (3 години), на кои си им ветил дека твојата прва книга ќе биде со поезија. Кога планираш да го исполниш тоа ветување?
– Да, им ветив поезија, и искрено – планирам да го исполнам тоа ветување штом ги соберам некои песни. Засега таа поезија живее низ фолдери, потфолдери, работни верзии и заборавени ноќи. Но, ќе дојде денот – ако не за награда, барем за искупување.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 291, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.7.2025)


