ИНТЕРВЈУ | Јована Зука, зависничка од убавината: Не отстапувам од естетиката, дури и кога е тешко прифатена

јована зука
Фото: Приватна архива

За неа модата е потреба. Идентитет. Ескепизам. Многу, многу повеќе од само облекување. Средишна точка во која се спојуваат интуицијата, естетиката, гласот, уметноста, културата и каде нејзиниот израз има најмногу смисла.

А дека на Јована Зука естетиката и е вродена се забележува во се’ што допира, од модна фотографија, блог, стајлинг па се до маркетинг. Нејзините продукти се една фина, прочистена, врвна изведба која е наменета за окото кое ја препознава разликата.

јована зука
Фото: Приватна архива

Не може a да не се забележи дека модата ви е во крвта. Имаше ли таа во Вашето детство конкретен облик?

Имаше куп склоности, почнувајќи од специфичноста и одлучноста во изборот на облеката, па сѐ до фасцинацијата со модните списанија и брендови уште од рана возраст. Ова беше придружено со голема љубопитност и постојано копање низ семејните плакари во потрага по нешто возбудливо.

 

Првично ве запознавме преку блогот, во време кога малкумина знаеја што е тоа. Кој беше мотивот, идејата и визијата за присвојување на новиот медиум?

Имав потреба за модно изразување и создавање. Ми беше неопходен медиум што ќе ми даде структура, но и мотивација за креативен развој и работа на естетиката. Блогот беше најдостапниот канал во тој момент и добро си ја вршеше улогата и на стилски дневник и на портфолио за проектите што следеа. Сега, потребата за создавање се истражува во ЛИФТ колаборативниот виртуелен простор од моден карактер.

јована зука лифт
Фото: Приватна архива

И модата и блогерството се демократски придобивки но дали тоа треба да биде алиби за сопствен недостаток на вкус кој во локални рамки добива карикатурални димензии? Ве засега ли таа деградација на медиумот? Кои се Вашите предвидувања за иднината на блогерајството?

Квалитетните блогови се тука за да останат. Обликот им е различен, дел од нив растат во модни и козметички брендови, се фокусираат на видео-содржина и многу ги користат социјалните мрежи како канали, но суштината им е иста. Одново се покажува дека публиката сака да ја види реалноста зад модата, а не само крајните производи на авторитетните модни списанија, создадени од тимови со масовни буџети. Вкусот кај нас, пак, се чини дека е обратнопропорционален со самодовербата. Недостатокот на истиот се компензира со верба во себеси бидејќи, во спротивно, не би постоела храброста за себеизразување. Парадоксално е тоа што вистинскиот талент доаѓа спакуван во пакет на несигурност која никогаш не го напушта сопственикот, но е реално и за тука и за светот. Разликата е во тоа што, локално, строго доминира и се слави кичот, а талентот се доживува надмено и многу ретко се поддржува. Деградацијата и тоа како ме засега. Гуши со својата присутност насекаде. Опкружени сме со површност и ретко што има суштина. Дури и луѓето што навидум работат во модата не знаат да ги препознаат разликите меѓу двете. Критериумите се потполно изместени или целосно непостоечки. Владее сензационализмот и „да се направи колку да се направи“ менталитетот. А потоа, масовно се консумира просечно-направеното. Повлекувањето од тој наратив и создавањето ради уживањето во процесот е единствениот начин на работа за мене.

Не треба да си познавач за да се препознае професионалното чкрапнување на Вашиот фотоапарат. Тоа очигледно не е последица од аматерска љубов туку резултат на..?

Комбинација на фактори. Око, модна естетика, самокритичност, љубопитност, постојана работа и самообразување. Формалното фотографско образование што го имам се сведува на неколку изборни предмети на факултет, во склоп на програмата за историја на уметност. Тоа ги постави темелите, но учењето и созревањето никогаш не престануваат. Ова е посебен тип на творење и техничкото знаење е ништо без умешноста да се оствари замислата и да се долови изразот. Се чувствувам како сѐ уште да ме чека долг пат.

јована зука снежана богдановска сани
Фото: Приватна архива

Освен сликање на модели кои други аспекти се потребни да се оправда поимот модна фотографија?

Способноста да создава копнеж. Тој копнеж може да биде за вклучените парчиња облека, накит и модни додатоци, за прикажаниот изглед, за барање слична комбинација во плакарот, за испробување на шминката или фризурата, за животниот стил врзан со естетиката во фотографијата, или за сите елементи одеднаш. Ако модната фотографија не создава копнеж и силна потреба да се поседува нешто, не си ја завршила работата.

јована зука катарина ивановска
Фото: Приватна архива

Да бидеш препознатлив е најважниот квалитет во модната индустрија, а Вие сте препознатливи по една култивирана естетика така ретка за домашниот амбиент. Покрај несомнено вроденото естетско чувство што друго влијаеше врз градењето на Вашата визуелна визура?

Благодарам. Ова ми значи неизмерно многу затоа што не отстапувам од естетиката, дури и кога е тешко прифатена. Таа доаѓа природно, но бара и долгорочна нега. Кога постои глад за визуелното, мора непрекинливо да се задоволува, со цел умствена и креативна стимулација. Клучното е да се избере квалитетна наспроти брза „храна“, бидејќи ние сме тоа што консумираме. Визуелните влијанија продираат длабоко и не ја условуваат само нашата естетика, туку и нашиот однос кон светот.

јована зука катарина ивановска пинко
Фото: Приватна архива

Вистинска реткост е креативен ум да рамислува на бизнис начин. Од каде интересот на Вашата паралелна едукација – Историја на уметност и бизнис како различни полиња на интерес? 

Знаев дека сакам да се занимавам со мода, но кога дојде време за избор на факултет, одлуката ја условија можностите, а не желбите. Првичната идеја за Парсонс или Централ Сеинт Мартинс падна во вода во моментот кога ги видов условите за аплицирање и цените за школарина. Не се зборува доволно за тоа каква привилегија е да се учи мода на престижен факултет. Модното образование и кариера се елитен избор. Согласно приликите, се одлучив за студии што практично ќе ми бидат од корист во секоја кариера. Меѓународниот бизнис и историјата на уметност се покажаа како добар спој. Благодарна сум за менторите што ми дозволија да ја истражувам модата и во бизнисот и во уметноста. Неизмерно ми помогна тоа во развојот на изразот, стилот и визуелното резонирање. Факултетот не образува само во моментот, туку нѐ учи како да учиме и понатаму.

јована зука
Фото: Приватна архива

Каква работа од соништата посакувате? На каква професионална перспектива се надевате?

За жал, тука нема сонување. Има само депримирачка реалност. Би сакала да можам да живеам од создавање модни фотографии и содржина, како и од стилизирање. Нашата околина не го дозволува тоа, бидејќи се очекува две од трите работи да се прават без или со минимален надоместок. Затоа, си ја задржувам и дневната работа.

јована зука
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот