ИНТЕРВЈУ – Дејан Георгиевски има голем предизвик во новата година: Желба ми е злато на Олимписките игри во Париз

EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Актуелниот олимписки вицешампион, теквондистот Дејан Георгиевски, има голема и тешка задача пред себе во новата година, прво да обезбеди норма за учество на ЛОИ Париз 2024, а потоа и да ја израдува Македонија со уште еден медал. Дејан не ја крие амбицијата, олимписко злато му е во мислите

Следната година е олимписка, во неа ќе се одржат Летните олимписки игри Париз 2024 и фокусот на спортот во Македонија меѓу другото ќе бидe и на настапите на нашите спортисти на овој најголем и најценет спортски собир во светот. Од минатите Игри, Токио 2020, кои всушност се одржаа во 2021 година поради ковид-кризата, Македонија има вистински олимписки херој, а тоа е теквондистот Дејан Георгиевски.

Георгиевски ја израдува спортската јавност во Македонија со освојувањето на сребрениот олимписки медал во Токио, што е оценето како најголем спортски успех во историјата на независна Македонија. Оттогаш Дејан мина низ многу други натпревари, освои медали, трофеи… Но олимпискиот медал е нешто посебно. Во 2024 година Дејан посакува да го повтори или да го надмине успехот од ЛОИ Токио. Но, не само што посакува, тој вредно работи да дојде до уште еден олимписки трофеј.

Георгиевски е реален и сериозен кандидат за највисок пласман на претстојните Летни олимписки игри во Париз. За да настапи во Париз тој треба да обезбеди олимписка норма што ќе му биде прва задача во новата година. Шансите се големи дека ќе го постигне тоа, а потоа би следувало она главното – настап на ЛОИ Париз 2024 (26 јули – 11 август).

* Следната година ќе биде олимписка. Кои се вашите желби на спортски план во новата година?

– Следната година е олимписка и мојот план прво се квалификациите кои ќе се одржат на 9 и 10 март во Софија. Таму ќе бркаме норма (за настап на ЛОИ 2024 н.з.) и со Господ напред сигурен сум дека ќе обезбедиме. И секако, потоа следуваат Олимписките игри каде што желбата ми е иста како онаа од предходните Олимписки игри, а тоа е златен медал.

* Како сте задоволни со вашите успеси во годинава што изминува? Набројте неколку најзначајни разултати што ги постигнавте во 2023 година.

– Задоволен сум од моите успеси. Завршивме седми на олимписката ранг-листа што значи за две места не се квалификував директно на ЛОИ. Мојот најголем успех е сребрен медал на Европските олимписки игри што воедно е и најголем успех што го постигнал еден македонски спортист на Европски олимписки игри.

* Како напредувате во трката за олимписка норма? Уште колку турнири во следуваат во новата година во кои ќе се борите за олимписка норма?

– Како што напоменав и предходно, завршивме седми на ранг-листата. Следната година има неколку турнири пред квалификациите, но треба да направиме план со тренерите дали ќе учествуваме на тие турнири или ќе се фокусираме само на квалификациите.

 

* Кој ваш резултат ве израдува најмногу во 2023 година?

– Во 2023 година најмногу ме израдува сребрениот медал од Европските олимписки игри бидејки тој е прв медал од еден ваков натпревар.

* Може ли на спортски план во 2024 година да се повтори 2021 година кога на Игрите во Токио го освоивте сребрениот медал?

– Секако дека може да се повтори успехот од Токио и ние целиме кон тоа. Прво треба да фатиме норма и потоа да се подготвуваме за Париз. Патот веќе ни е познат, со Господ напред и здравје, ќе го донесеме златниот медал.

* Може ли да се каже дека теквондо спортот во Македонија напредуваше во 2023 година?

– Текводно спортот секоја година напредува се повеќе. Слободно можам да кажам дека според успесите што ги прават теквондистите веќе во контиунитет повеќе од пет години теквондо спортот е водечки спорт во Македонија. Сигурен сум дека тоа ќе продолжи и во иднина.

Дејан со тренерите Дарко и Борче Костовски

* Ако имало напредок теквондото во Македонија, дали тој тренд ќе продолжи и во 2024 година?

– Да, напредок има по Олимписките игри во Токио и секоја година расте заинтересираноста кај децата, а за тоа сме задолжени ние спортистите секако и тренерите кои напорно работат сите и носат големи успеси за Македонија. Сигурен сум дека и следната година ќе имаме големи успеси, а со тоа ќе ги поттикнеме и дечињата да се занимаваат со спорт.

* Што би им посакале на вашите колеги македонски спортисти во 2024 и дали има некоја наша репрезентација или спортист што посебно ќе ги следите во новата година?

– Јас би им посакал на сите наши спортисти да постигнеме што повеке норми и да направиме поголеми успеси во сите спортови. Се надевам во Париз ќе отидеме една голема екипа како што доликува на една држава.

Успешна 2023 година

 

Најголемиот успех што го постигна Георгиевски во 2023 година беше освојувањето на сребрениот медал од Европските игри во Полска, во јуни. Тоа беше единствен медал за Македонија на овие Игри на кои учествуваа спортисти од 48 земји во 29 спорта. Ова е најголем успех на македонски спортист на ова натпреварување, кое претставува своевидна континентална олимпијада.
Покрај тоа Дејан во 2023 година меѓу другото освои златни медали на турнирите во Тирана и во Загреб, сребро на турнирите во Скопје, Балград, Букурешт, бронза на „Бугарија опен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот