Интерпол трага по 95 босанско-херцеговски државјани

Фото: Screenshot/YouTube/Klix.ba

На „црвените потерници“ се наоѓаат и имињата на четири жени, кои со години го избегнуваат издржувањето на затворските казни

Дури 95 државјани на Босна и Херцеговина се наоѓаат во централниот регистер на Интерпол и за нив се распишани потерници во врска со најтешки кривични дела.

Меѓу бегалците има осомничени за воени злосторства, за убиства и тешки убиства, за шверц со дрога, кражби, силувања, за финансиски криминал и бројни други кривични дела.

Знаци на живот

Последната потерница што е распишана по државјанин на БиХ е онаа за Саша Голуб, кој е осомничен за убиството на Неџиб Спахиќ. Имено, нему на товар му се става дека на 29 јуни годинава, во бавчата на кафулето „Пејпер мун“ во сараевската населба Грбавица, во Спахиќ испукал четири куршуми. Иако по доаѓањето во болницата давал знаци на живот, Спахиќ набрзо починал, а Голуб оттогаш е во бегство.

На листата на Интерпол, меѓу другите, се и имињата на четири жени, од кои Славојка Маринковиќ, заедно со сопругот Миленко, е осудена на 18 месеци затвор за сурово однесување кон Германката Бетина Сингер, која со години била затворена на нивниот имот во селото Каравласи, кај Калесија. Брачниот пар е обвинет дека од крајот на 2005 година до 17 мај 2012 година, во селцето Каравласи ја држеле затворена оваа Германка, која психички и физички ја злоставувале, ѝ нанесувале тешки телесни повреди, ја изгладнувале и ја терале да извршува тешки физички работи. Случајот, што ја шокираше и светската јавност, е откриен на 15 мај 2012 година, кога во полицијата го пријавил Сеад Макалиќ, жител на соседното село Гојчин.

По Славојка се трага, бидејќи не се јавила на издржување на казната, а Судот се сомнева дека побегнала од БиХ.

Некогашната мис на „Плејбој“, Слободанка Боба Тошиќ пак, е на потерницата на Интерпол откако е осудена на две и пол години затвор заради учество во обидот за убиство на Ѓорѓе Ждрале. Потоа таа побегна од БиХ и, наводно, се наоѓа во Србија.

Меѓународна потрага е распишана и за Новак Џукиќ, кој е правосилно осуден на 20 години робија за злостор во тузланската Капија сторен во 1995 година. Тој со години се наоѓа во Србија каде што го избегнува издржувањето на казната.

Злостор и казна

Меѓу оние по кои трага Интерпол се и Мирко Вручиниќ, кој се товари за злосторства против човештвото сторени на подрачјето на Сански Мост во 1992 година. Се бара и Алмир Бајрактаревиќ, кој е осуден на казна затвор во траење од две години поради тешко кривично дело во јавниот сообраќај, а на потерниците се и Зоран Обреновиќ, Сенад Хасановиќ, Душан Пантелиќ…

Напишано од Амра Бркиќ-Чекиќ

Пренесено од „Ослобоѓење“, БиХ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот