Интерактивна промоција на „Весник поезија“ на Матеј Богдановски ќе се случи во „Ла Кана“

Промоцијата на „Весник поезија“ на Матеј Богдановски ќе се одржи на 7 декември, со почеток во 20 часот, во барот „Ла Кана“ во Старата скопска чаршија.

На промоцијата Матеј Богдановски ќе го материјализира првото издание на колаж-поезија во тираж од 100 примероци, со корици во сито печат и фотокопир содржина. Добредојдени се сите да се вклучат во процесот на колажирање преку сецкање, пасирање, лепење, денсање, пијуцкање, џускање или певуцкање за време на промоцијата.

Свое објаснување на целиот проект на создавање поезија со исечоци од наслови во весници има самиот Матеј Богдановски.

– Весник поезијата се јави како резултат на моето играње со колажот. Уште пред неколку години во еден друг циклус си играв со насловите од весниците, но ограничувајќи се само на еден наслов на кој му ги извртував зборовите и со тоа добиваше поинакво, да речам, апсурдно значење, со кое сакав и да го доловам моето доживување на нашите состојби во општеството.

Со „Весник поезија“ само отидов чекор понатаму, со тоа што „песните“ се составени од повеќе наслови, не е битно колку и од кој весник.

Весник поезијата не ја создавам со претходно смислени стихови за кои јас само барам зборови од весници, туку самата инспирација доаѓа моментално со разгледување на насловите и нивно сецкање. Така доаѓам до некој почетен збор или дел од реченица и потоа го надградувам барајќи му соодветни реченици кои ќе дадат некаква поетична смисла.

За правење на песните ги користам нашите дневни весници. Не ми е битно кои се. Битно е фонтот да е јасно читлив и затоа ги бирам поголемите наслови. Не може да има недостаток од содржина, бидејќи јас се прилагодувам на содржината која веќе е дадена и со тоа работам. Како што веќе спомнав, тоа е главниот штос кај Весник поезијата.

Весник поезијата не е усмерена кон една одредена проблематика во општеството. Но, секако, би ја нарекол општествено засегната. Тоа доаѓа, од една страна, и од самата содржина на весниците, кои се секогаш актуелни со збиднувања и се од разни сегменти на живеењето, како економија, политика, спорт, забава, култура. Од друга страна, колку и да звучи надреалистична, сепак, оваа поезија сакам да го рефлектира општеството на некој начин. Можеби како во некое скршено огледало, но сепак, одразот е негов – објасни Матеј Богдановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот