Интензивна меѓународна активност на македонската стрип-заедница на неколку фестивали во регионот
Приморскиот град Шибеник во Хрватска по 15-ти пат беше домаќин на Интернационалниот фестивал за анимација и стрипови „Супертјун“, којшто се одржа од 21 до 25 јули на повеќе локации од градот. Пред посетителите беа изведени повеќе содржини, проекции, промоции и дискусии од областа на стрипот и анимираниот филм.
Препорачано
Со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија на овој фестивал присуствуваше Томе Трајков, програмски координатор на Стрип центар на Македонија – Велес. Меѓу другото, тој одржа едночасовна промоција на македонската стрип-сцена, а учествуваше и на групна панел-дискусија на тема „Предизвиците на стрип-издаваштвото во регионот“.
Треба да се спомне дека во категоријата на стрип-списанија, во потесната селекција се најде и ревијата „Стрип креатор“, покрај списанијата „OHOHOzine“, „Стрип префикс“ и „Ирационалист“ од Хрватска, „Рас комик“ од Србија, како и „Винтарт“ и „Вирџина“ од Црна Гора.
Како што нагласува Трајков, фестивалот „Супертјун“ има специфичен фокус на стрип-изданија и вклучува повеќе категории – од стрип-списанија, до книги и фанзини. Лично тој ќе се заложи учеството на македонски издавачи да биде уште позабележително во наредните години, бидејќи ова претставува важен чекор кон поголема видливост на македонскиот стрип на европската мапа.
Неколку дена претходно, од 18 до 22 јули, Јошаничка Бања беше домаќин на 13-тата Меѓународна стрип-колонија „Рашка 2025“, која и оваа година собра бројни стрип-автори, предавачи и млади таленти од Србија и регионот. Македонската стрип-заедница ја претставуваа авторите Славица Купенкова, Евгенија Трајкоска, Анастасија Недељковска, Игор Поповски, Иван Михајловски, Јасмина Јовчевска, како и Томе Трајков, којшто овојпат беше присутен како оперативен координатор на проектот „Сè што велиме е: Дајте му шанса на помирувањето!“.

Учесниците доаѓаат од стрип-школи од Белград, Врање, Лепосавиќ, Велес, Тирана и Рашка, а во текот на петте дена од богатата програма, посетителите посетија изложби, промоции, работилници и цртежи во живо. Учесниците работеа и на нови стрипови, кои ќе бидат објавени во стрип-списанието „Ras Comic“.
Помеѓу другото, во Галеријата на Културниот центар „Градац“ во Рашка беше отворена изложба на дела создадени во рамките на меѓународниот проект „Сè што велиме е: Дајте му шанса на помирувањето!“.
Покрај изложбите и промоциите, за време на стрип-колонијата во Рашка беа организирани и работилници за илустрација под водство на Владимир Весовиќ, како и предавања од реномираните автори Бобан Савиќ Гето и Дарко Стојановиќ. Меѓу овогодишните гости и ментори беа и Дејан Трајковиќ Декс, Љиљана Стризе (двајцата од Врање, Србија) и Валбона Авдулај од Валона, Албанија.


