Инсталацијата „Уште еден чекор, и оживуваме“ од Клелија Живковиќ е дел од групната изложба „Светло минато е пред нас“
Во Студио „Приватен принт“ во Скопје на 7 мај, во 18 часот, ќе се одржи разговор помеѓу Душица Лазова и Клелија Живковиќ, додека во 19 часот ќе биде отворена групната изложба „Светло минато е пред нас“. Изложбата ќе биде поставена од 7 до 28 мај 2026 година.
Препорачано
„Светло минато е пред нас“ е групна изложба курирана од Илија Прокопиев и Марија Христова од Студио „Приватен принт“ (Private Print), првично создадена и поставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана во јуни 2025 година. Во 2026 година, се сели во Студио „Приватен принт“ како дисперзирана програма од пет мали самостојни изложби во текот на целата година.
„Уште еден чекор, и оживуваме“, просторната инсталација на Клелија Живковиќ, го истражува оживувањето како радикална форма на отпор, отелотворен одговор на системите што функционираат на основа на угнетување, наследен срам и емоционално потиснување.
Инсталацијата го истакнува најзначајниот творечки метод на уметницата, а тоа е пишувањето. Извадоци од дневници, белешки од истражувачки процеси и фрагменти од проектни апликации од изминатите пет години во просторот на студиото визуелно се трансформираат во читачка соба. Делото го прославува писмото како метод на себеспознание, а пишувањето како чин на заедништво и отворање кон другоста.
На 7 мај, пред отворањето на изложбата „Уште еден чекор, и оживуваме“, уметницата Клелија Живковиќ и Душица Лазова ќе разговараат за: Што оживува кога ќе го демистифицираме уметничкиот процес? Што ако ѕирнеме зад примамливата завеса, во неуредноста на истражувачките белешки, ќор сокаците на (не)успешните проектни апликации, роковите на траење диктирани од проектниот тајмлајн и кревкоста на надежите и соништата на уметницата за подобар, погрижлив свет расфрлани низ дневнички записи?
Дисецирајќи го веќе деконструираниот „уметнички пат“, во овој пријателски разговор ќе се зборува за афективниот и материјален труд што оди во креирањето – на дело, свет, релации – и одржувањето на тоа нешто да циркулира отаде очекуваната завршница, живо и пргаво продолжувајќи да се трансформира во допир со другите. Разговорот ќе се одвива на македонски јазик.
Клелија Живковиќ (р. 1989) е трансдисциплинарна уметница од Скопје. Со формално образование во повеќе дизајнерски дисциплини, нејзината практика се поставува како теоретски, материјален и искуствен увид во границите; физичките, психолошките, емоционалните и спиритуалните бариери преку кои се разбираме себеси како суштества коишто заземаат простор и воспоставуваат врски со своето опкружување.
Изданието на „Светло минато е пред нас“ во 2026 година е кофинансирано од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Душица Лазова се занимава со истражување, пишување, уредување и преведување во полето на феминистичката и квир-теорија, како и културно-уметничката пракса и дигиталната хуманистика. Соуредничка е на феминистичката платформа „Медуза“ и истражувачка во „Реактор – истражување во акција“.
Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност во Скопје, а магистрирала на програмата Род и медиуми на Универзитетот Сасекс во Англија. Во 2025 започнува да ја курира квир-програмата на фестивалот „Прво па женско“. Таа е дел од квир-дуото „Бучкуруж“, неформална локална платформа за културно-уметничко изразување со фокус на лезбејските, транс, небинарни и родово флуидни искуства.
Програмата „Artist talk“ е поддржана од „Квина тил Квина“ (Kvinna till Kvinna) и Амбасадата на Шведска во Скопје.


