Инсталации од Горан Деспотовски се претставени во Чифте амам

Изложбата „Субскрипт“ на новосадскиот уметник Горан Деспотовски од 8 октомври е поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија. Поставката има ретроспективен карактер и се протега низ корпусот на неколку дела на Деспотовски, главно во медиумот на инсталацијата.

Во најголем дел од реализираните инсталации и објекти, авторот ја претставува личноста, групата, масата луѓе во форма на кукли што го контекстуализираат присуството на лице/а во одреден простор, но без него/нив во буквална смисла. Луѓето формирани на овој начин и замислени во група, преку нивниот став, состојба, облека, изразуваат чувство што може еднакво да се идентификува со состојбата на група во редови, кампови, затвори, болници, чекалници и слични околности и места.

Примарен извор за таквото претставување на група луѓе се разните бурни и репресивни состојби што му се наметнуваат на човекот. На овој начин, Деспотовски ги поврзува општите места на исцрпеност на човекот во губењето на идентитетот, кога со друго лице/а создава безлична група луѓе без идентитет. Ова претставување на масите, кои можат да потекнуваат од минатото или од сегашноста, на одреден или неопределен настан, еднакво го истакнува проблемот што може да се види преку тековниот транзициски период во нашиот регион (прогони, редици, чекање, глад, миграција, стравови итн.).

Сепак, овој феномен е многу препознатлив за човекот, каде и да е, во колективната свест. Егзистенцијалните прашања и справувањето со нив ги проникнуваат сите дела на Деспотовски и неговите доминантни прикази на луѓе-фигури-кукли, алегорично и симболично, го принудуваат гледачот да се идентификува со нив и на тој начин да го преиспита сопственото место во општеството, посочуваат од Националната галерија.

Изложбата ќе биде отворена до 28 октомври, а куратор на проектот е Ана Франговска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 100, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-11 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот