Инспекцијата утврдила дека пералницата на Клинички е во лоша состојба, ама друга нема – па не издале забрана за вршење дејност
Државниот здравствен и санитарен инспекторат изминатиот период вршел инспекциски надзори во пералницата при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, а чија состојба вчера „Слободен печат“ ја презентираше со фотографии.
Препорачано
Во изминатиот период од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршени се инспекциски надзори во централната перална на Комплекс клиники Мајка Тереза. При инспекциските надзори е констатирано дека овој објект е во лоша санитарно техничка и хигиенска состојба, заради што се издавани решенија за отстранување на недостатоци. Имајки во предвид дека овој објект е единствен од таков вид во клиничкиот центар и нема можност за преструктуирање на клиниките сами да ја вршат дејностa, не е дадена забрана за вршење на дејност на ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени устанви, универзитетските клиники, завод ургентен центар. Во тековната 2025 година планиран е редовен инспекциски надзор во централна перална при Комплекс клиники Мајка Тереза, велат од ДСЗИ за „Слободен печат“.
Согласно одредбите од Законот за инспекциски надзор, како и годишниот план за работа на ДСЗИ, редовни инспекциски надзори во објекти кои се во надлежност на инспекторатот се вршат еднаш годишно.
Како што објавивме вчера, во пералницата на Клинички центар вработените штрајкуваат, таа е полна со стари машини за перење, мувла, небезбедни инсталации, вода која протекува. Има вкупно 11 вработени кои за „Слободен печат“ изјавија дека плата не зеле од февруари и побараа трајно решение од страна на владата и на Министерството за здравство. Пералницата ги опслужува интерните клиники, хируршките клиники, операциите, буквално целиот Клинички центар и е во срамна и руинирана состојба.
Од фирмата која управува со пералницата, „Скопстер“ за „Слободен печат“ велат дека пералницата во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во иднина треба да е дел од јавно-приватното партнерство за ингрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, односно да прерасне во втор центар за стерилизација. Во меѓувреме „Скопстер“ управува со пералницата од јануари 2024 година врз основа на владина одлука, ама не можат да почнат да реновираат зашто ни Владата ни Министерството за здравство не го почнуваат проектот за стерилизација, иако „Скопстер“ има проект за реновирање на пералницата. Дополнително, се жалат дека Заеднички служби не им исплаќаат навремено и им должат 175 илјади евра за кои им испратиле фактури.
-Конкретно, преземавме обврска да ја менаџираме пералницата во затекнатата состојба, како што е повеќе од 50 години (со застарена опрема) и со сите вработени за што, за редовното функционирање Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) треба да ни плаќа надомест ‐ нешто што се реализира со голем застој и доцнење. Во врска со тековниот проблем со исплата на заостанатите плати во пералницата при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ сакаме да информираме дека сме во постојана комуникација со Министерството за здравство, како корисник на оваа услуга. И взаемно бараме решение ‐ како да не дојде до застој во работата на пералницата. Имено, како оператори со пералницата, покрај третманот на плати, реализираме и низа техничко‐оперативни активности (набавка на репро‐материјали, одржување за непречено работење и менаџирање), кои исто така се значителен трошок. Во таа смисла бараме од СОЗР редовно и во целост да ги реализира обврските кон нас, како би можеле и ние, следствено, да ги реализираме нашите обврски кон вработените и сите добавувачи, изјавија за „Слободен печат“ од „Скопстер“.
Оттаму велат дека имаат целосно разбирање за финансиските проблеми на СОЗР, но финансиската дисциплина во општество со пазарна економија треба и мора да се почитува.
-Во спротивно, ние како приватна компанија се соочуваме со предизвик и понатаму да бараме средства од други извори за финансирање, што значи дополнителен, финансиски трошок. До овој момент, СОЗР по основ на уредно издадени фактури ни должи 10.802.752 денари или нешто повеќе од 175.000 евра, конкретно фактури за целосно извршени услуги за 6 месеци: 12.2024; 01.2025; 02.2025; 03.2025; 06.2025 и 07.2025, додавааат од „Скопстер“.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи Башким Бакиу вчера изјави дека ќе побара Трудова инспекција да влезе во пералницата и за „Слободен печат“ рече дека досега кон „Скопстер“ исплатил доволно пари за да се исплатат плати за две години. Тој ни испрати и фотографија од договорот што Заеднички служби го има со „Скопстер“ според кој „втородоговорната страна е должна да обезбеди континуирано вршење на услугите и во услови на елементарни непогоди, во вонредни услови и во услови на штрајк на работниците вработени при истиот“.


