Инспекции од четири институции влегоа во „Зимзоленд“ — дали забавниот парк е законски поставен?
Откако жителите на Лисиче реагираа околу забавниот парк „Зимзоленд“, а се појавија и дилеми за тоа кој е одговорен за неговото поставување за контролата, надлежните институции спроведоа вонреден и координиран инспекциски надзор на локацијата, објави „Женски магазин“.
Препорачано
Од Општина Аеродром за порталот појасниле дека увидот врз работата на правното лице „Мега Луна 25“ ДООЕЛ Битола – компанијата задолжена за организацијата на манифестацијата, бил извршен вчера (10 декември) во 17 часот.
Во „Зимзоленд“ влегле инспектори од Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување. Тие извршиле сеопфатен увид, со цел да се утврди техничката исправност, законитоста и безбедносните услови под кои работи забавниот парк.
Постапката од градежната инспекција од Општина Аеродром се однесува на утврдување дали поставените реквизити и објекти се во согласност со прописите и дали постојат основи за нивно отстранување.

Инспекциските служби допрва ќе ги објават конечните наоди и препораки.
Претходно, „Телма“ објави дека Општина Аеродром и Град Скопје си ја префрлаат одговорноста за тоа кој од нив треба да издаде дозвола за користење на просторот за „Зимзоленд“, а сопственикот на компанијата-организатор тврдеше дека има договор со Општина Аеродром.
Зимскиот парк годинава ја промени локацијата и е сместен во населбата Лисиче, веднаш наспроти ресторанот „Рагуза 919“, попознат како „Мирко 919“, за разлика од минатата година, кога „Зимзоленд“ се наоѓаше на паркингот пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром.
Жителите на непосредната околина на новата локација се жалат на сообраќајниот метеж и блокираните паркинзи на зградите, како и на силната бучава која ја создава манифестацијата која ја посетуваат илјадници луѓе.

Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани


