Инклузивен креативен проект по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам е претставен во Чифте амам
Во Националната галерија, објект Чифте амам, на 31 март 2026 година, традиционално ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со аутистичен спектар на нарушување.
Препорачано
Во галеријата Чифте амам ќе биде поставена изложба на графики во техниката монотипија изработени на работилниците одржани во текот на месец март 2026 година. Изложбата „Длабоко во себе“ ќе биде отворена на 31 март, во 11 часот, и истата ќе може да се посети до 5 април 2026 година.
Ликовната уметност е важна за развојот на децата, ја развива имагинација и способноста за креативно размислување. Од најрана возраст учат да комуницираат преку бои и цртежи, на невербален начин се изразуваат подобро од вербалноста на нивна возраст. Особено е потребна во интелектуалниот развојот кај лицата со попреченост. Затоа важноста за постоење и анимирање на ваквите проекти има голема оправданост и општествена одговорност.
Оваа година децата имаа можност да ја научат и да ја применат графичката техника монотипија. Темата на овие работилници беше морски свет. Со графички бои, децата цртаа риби, морски ѕвезди, октоподи, желки, школки, и полека навлегуваа во графичката техника.
Со притисок, рачно или низ преса, бојата ја пренесоа на хартијата. За разлика од другите графички техники, каде може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен. Резултатот со ваквиот начин на сликање е уникатна графика. Навлегувајќи длабоко во морските длабочини, тие навлегоа длабоко во себе! Длабоко во својот свет, свет многу поискрен и поубав од оној во реалноста!

На работилниците учествуваа ученици од повеќе училишта: ОУ „Невена Герогиева – Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, здружението „Инклудиверса“, како и студенти од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети.
– Изразуваме огромна благодарност до студентите и до професорот за нивната посветеност, за трпението и поддршката. Со нивна помош децата многу брзо ги совладаа основите на графиката и добија можност креативно да се изразат и да создадат уникатни дела – истакнува Маја Димитрова, едукатор од Националната галерија.


