Фото: илустрација / архива на „Слободен печат“

ИНФОГРАФИК: Застарениот систем за наплата на Коридор 8 е причина што српските државјани не се ослободени од плаќање на патарина кон Охрид

Неможноста за електронска наплата на Коридорот 8 кој води до најпознатиот туристички центар во Македонија, Охрид, е причина што на српските државјани не им е овозможена бесплатна патарина во тој правец, е објаснувањето кое за „Слободен печат“ денеска го дадоа од Јавното претпријатие за државни патишта.

-Свесни сме дека ослободувањето од плаќање патарина кон Грција, а не и кон Охрид предизвика голема реакција во јавноста, но нема потреба да се креираат невистини околу одлуката. Објаснувањето е едноставно. Електронска наплата е воведена само на Коридорот 10 кој води кон Грција, а тоа е единствен начин да се регистрира влез на возилото со електронските картички кои ќе бидат доделени на српските државјани. Коридорот 8 кој води кон Охрид се уште не е модернизиран, односно наплатата со електронска картичка е оневозможена. Тоа е причината што српските државјани не се ослободени од плаќање на патарина доколку патуваат во Охрид или Струга, објаснуваат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Оттаму додаваат дека иницијативата потекнува од Владата и дека изработката на картички е единствен начин регуларно и законски да се спроведе акцијата.

-Ние како Јавно претпријатие за државни патишта имаме законска обврска да наплатуваме патарина. Не можеме само да ги кренеме наплатните рамки како што се зборува во јавноста. Има одредена катагорија на граѓани за кои важи тоа, како на пример полиција и војска, но апсолутно не смееме да прошуштаме цивилни лица без „покритие“. Некој мора да плати за тоа, а плаќањето е регулирано преку картичките, само така ние законски ќе се покриеме, велат од претпријатието.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот