Инфлуенсерите во ЕУ се трговци, а не медиуми: какви се европските правила?
Европската Комисија во својот Правен водич за инфлуенсери (Influencer Legal Hub) објаснува дека оние креатори на онлајн содржини што редовно рекламираат или продаваат производи или услуги преку социјални мрежи се категоризираат како „трговци“ според европското потрошувачко право и затоа мора да ги почитуваат сите правила за заштита на потрошувачите.
Откако македонската Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) донесе Правилник за инфлуенсерите, влогерите и за другите креатори на онлајн содржини кои исполнуваат конкретни услови, се повлекува прашањето дали ваквите правила се уредени со европски стандарди или претставуваат преголемо оптоварување на креаторите на содржини.
Препорачано
Правилникот детално одредува критериуми според кои инфлуенсер се третира како давател на аудиовизуелна медиумска услуга, а со тоа потпаѓа под специјален надзор и обврски за регистрација пред АВМУ.
Како АВМУ ги дефинира инфлуенсерите?
Според Правилникот на АВМУ, еден од условите е услугата да се нуди преку платформа за споделување видеа (на пример, Јутјуб, Инстаграм и ТикTок) за да бидат опфатени како медиумска услуга со уредничка одговорност.
Монетизацијата што вклучува надоместок, било во пари или во вредност на добиени производи или услуги, исто така, е критериум.
Содржината мора да има уредничка основа, да информира, забавува или да образува, а не само да служи како реклама.
Уредничката одговорност значи дека инфлуенсерот контролира што и како ќе биде во „каталогот“ на содржини.
АВМУ ги повика инфлуенсерите и јутјуберите да се регистрираат, еве кои се критериумите
Правилникот користи и праг на публика, најмалку 10.000 следбеници, а и редовност, најмалку 24 видеа во 12 месеци, за да утврди дали станува збор за медиумска услуга.
Ова се критериуми што мора да бидат исполнети кумулативно за да биде сместен инфлуенсерот во категоријата „медиумска услуга по барање“ која АВМУ ја регистрира и врз која врши надзор.
Овие правила по природа ги поврзуваат инфлуенсерите со медиумските услуги, што значи дека тие би имале поголеми административни обврски и, потенцијално, годишни надоместоци и извештаи, слично на други даватели на аудиовизуелни медиумски услуги.
Инфлуенсерите во ЕУ се трговци
Европската Унија не ги категоризира „инфлуенсерите во медиуми“ со конкретен закон, но има јасни правила и правни рамки кои го регулираат нивниот однос со потрошувачите, транспарентноста и рекламирањето, преку потрошувачкото право.
Европската Комисија во својот Правен водич за инфлуенсери (Influencer Legal Hub) објаснува дека оние креатори на онлајн содржини што редовно рекламираат или продаваат производи или услуги преку социјални мрежи се категоризираат како „трговци“ според европското потрошувачко право и затоа мора да ги почитуваат сите правила за заштита на потрошувачите.
Тие имаат обврска да ги обелоденуваат комерцијалните и платените содржини, да ги почитуваат правата на потрошувачите кога продаваат стоки или услуги и да обезбедат соодветни информации за своите публикации.
Една од клучните европски рамки е Директивата за нефер трговски практики (Unfair Commercial Practices Directive), која строго забранува „скриени“ маркетинг практики што може да доведат некого до заблуда, вклучително и кога комерцијалното обележување не е јасно прикажано на социјалните мрежи. Тоа значи дека ако инфлуенсер промовира производи или услуги со надоместок а не го обележи тоа како реклама, тоа може да се третира како неправилна практика.
Дополнително, европската пракса укажува дека сите комерцијални комуникации мора да бидат јасно означени, освен ако тоа не е очигледно од контекстот.
Покрај потрошувачкото право, Европската Унија работи и на нови законски иницијативи како Законот за дигитална правичност (Digital Fairness Act), кој се очекува да ги засили правилата за дигитални маркетинг практики, вклучително и маркетинг од инфлуенсери.
Објавата на АВМУ со која инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите се повикуваат да се регистрираат во Регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, а дел од најпознатите домашни креатори на содржина јавно изразија незадоволство, оценувајќи дека правилникот не ја зема предвид природата на интернет-просторот и дека отвора прашања за слободата на изразување, административните обврски и за дополнителните давачки.
Голем број од македонските инфлуенсери не го поддржуваат новиот правилник на АВМУ


