Импресивен список на учесници содржи програмата на фестивалот „Букстар“

Фестивалот на европска литература „Букстар“ (BookStar), што ќе се одржи од 3 до 5 октомври во Скопје, го објави конечниот список на учесници, кој опфаќа импресивни имиња од светот на литературата.

Покрај единаесетте странски учесници – Ирса Сигурдардотир (Исланд), Светлана Алексиевич (Белорусија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка), Кристина Гавран (Хрватска), Петар Денчев (Бугарија), Богдан – Александру Станеску (Романија), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Саша Станишиќ (Германија), во програмата има и двајца македонски претставници – Владимир Јанковски и Петар Андоновски.

Покрај гостите, на различни фестивалски настани во програмата ќе учествуваат и домашните автори Никола Маџиров, Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Александар Маџаровски, Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Ана Голејшка Џикова, Елена Филиповска, Душко Крстевски, Стојан Лекоски, Јелена Лужина и други.

Фестивалот претходно објави дека нобеловката Светлана Александровна Алексиевич (1948) е добитничка на наградата „Букстар“ за 2022 година за книгата „Војната нема женско лице“. Таа е, веројатно, една од најзначајните живи личности на денешнината, а нејзиното дело е меѓу најактуелните во оваа турбулентна историска делница на која сме заеднички современици.

Добитничка е на огромен број награди, меѓу кои и Нобеловата награда за литература во 2015 година. Алексиевич е творец на сосема нов, нефикциски жанр. Има објавено пет книги, своевидна епопеја наречена „Гласови на утопијата“. „Војната нема женско лице“ е прва книга од овој серијал и една од најпознатите книги за војната. За време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишувало.

Фестивалот „Букстар“ ќе се одржи од 3 до 5 октомври 2022 година на неколку локации во Скопје под мотото „Храбри нови зборови“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Градот Скопје, книжевната мрежа „Традуки“, Европската Унија, „Такси Глобал“, а одделни настани и од Исландскиот фонд за култура, Европската награда за литература, Романскиот институт за култура, Амбасадите на Италија, Словачка и на Романија.

Фестивалската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар, а дел од настаните и во библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје и во КСП „Центар – Јадро“. Визуелниот идентитет е коавторство на Деница Стојкоска и Стефан Танков.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот