Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд / Утрински брифинг
Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд / Утрински брифинг

Има ли притисоци во Врховниот суд: Судски совет ја покани на средба претседателката Беса Адеми

Судскиот совет испратил писмена покана до претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за работна средба со членовите на Советот, а во врска со последните случувања и објавени написи во медиумите за политички притисоци врз судиите во највисокиот суд.

Од Судскиот совет посочуваат дека согласно член 2 од Законот за Судскиот совет имаат обврска да ја обезбедат и да ја  гарантира самостојноста и независноста на судската власт, а членот 11 од истиот закон го гарантира слободното судиско одлучување без никакви влијанија и притисоци.

– Во последните неколку дена во медиумите се објавени повеќе написи за  политички притисоци врз судиите на Врховниот суд, реакции на политички партии, како и интервјуто на претседателката на овој суд, Беса Адеми, сметаме дека  е неопходно да ја информираме јавноста дека евентуалното вршење на притисоци од  каков било вид судиите, е недозволиво и крајно загрижувачко – посочуваат од Судскиот совет.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, се вели во соопштението, изутрината  телефонски разговарал со претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за „ова исклучително важно и сензитивно прашање“. Испратена е и писмена покана до Адеми за работна средба во понеделник на 6 ноември во 11 часот во  просториите на Судскиот совет.

Пред три дена Изет Меџити од Демократското движење, придружуван од претседателит на Движењето Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши, на прес-конференција пред врховниот суд истакна дека ДУИ и одредени поединци во оваа партија вршат притисок врз судиите на Врховниот суд околу барањата за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски. Меџити рече дека дошле пред судот за да ја изразат нивната силна поддршка за судиите.

– Како што знаеме и како што добивме информации од повеќе лица, ДУИ  и одредени поединци кои се инсталирани во раководството на оваа партија продолжуваат да вршат невиден притисок врз судиите во овој суд, со што докажуваат дека тие од политичка партија се претворија во титан и со силата и нивната политичка моќ сакаат да го убијат секој столб на демократијата. Тоа воопшто не е за зачудувување, туку е уште еден показател кој треба да си послужи како освестување за сите нас дека оваа политичка партија стана синоним на лицемерие дејствувајќи против секоја европска вредност додека се повикуваат на истите. Не можете да бидете проевропски и да вршите притисок врз судството – рече Меџити.

Тој додаде дека ДУИ има потреба да се врати Груевски за да прави политички пазарења и ги повика судиите од Врховниот суд  да судат според законот.

Во Врховниот суд периодов стигна иницијатива од адвокатот Миле Наумовски кој потоа ја повлече, со која бараше судот да донесе начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, меѓу кои и за дадените помилувања од поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Со помилувањата беа опфатени 56 лица, меѓу кои и експремиерот Никола Груевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот