Им скандирале „За дом спремни“: Педесет мажи во црно прекинале манифестација на Срби во Сплит
Собраните решиле да останат смирени, не се впуштиле во расправии или конфликти и ги напуштиле просториите.
Српското културно друштво „Просвјета“ од Сплит вечерва беше спречено да одржи културна програма откако околу 18 часот, група од околу педесет млади мажи, облечени во црни маички и капи, влегле во просториите, со двајца водачи на возраст од четириесет години, објави dalmatinskiportal.hr.
Препорачано
Тие на членовите на „Просвјета“ им рекле дека не можат да го одржат настапот, наведувајќи дека ова е месецот во кој се одбележува падот на Вуковар и дека, според нив, „нема место за таква програма“.
„Просвјета“ нагласи дека не дозволиле да се случи инцидент. Собраните, како што велат, решиле да останат смирени, не се впуштиле во расправии или конфликти, туку едноставно ги напуштиле просториите на градскиот округ. По нивното заминување, групата неколку пати скандирала: „За дом спремни“ и „Хрватска“.
На настанот имало околу 35 учесници, меѓу кои и млади луѓе, кои биле сведоци на ненадејното влегување во просториите на округот.
Програмата на Деновите на српската култура требаше да се одржи од 3 ноември до 1 декември и да вклучува музички и драмски претстави, изложби, фолклорни танци и презентација на традиционална српска кујна.
„Ова беше навистина непријатна ситуација. Не сакавме да влегуваме во никакви расправии или конфликти, едноставно се собравме и си заминавме“, рекол сведок на инцидентот.
Сплитско-далмацискиот полициски оддел вели дека работи на расчистување на овој настан.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го осуди инцидентот во Сплит каде што група млади мажи ја прекинаа програмата на Денот на српската култура, истакнувајќи дека очекува надлежните органи што поскоро да ги најдат одговорните.


