Им почина бебето три дена по раѓање на ГАК под мистериозни околности: Семејството поднесе кривична пријава против докторка
Случајот со смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК), кој во декември го обелодени „Слободен печат“, влегува во правните лавиринти низ кои семејството ќе се обиде да добие одговори на бројните прашања – како и зошто го загубија нивното новороденче. Родителите уште се во шок откако им се случи најлошото – им почина дете три дена откако се роди.
Препорачано
Демантот на ГАК не е демант туку очајно обвинување на професионалното новинарство
Бебето почина на интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 1 октомври а смртта за семејството е сомнителна. Интерните документи до кои дојде„Слободен печат“ покажуваат дека внатре во болницата, началничката на одделот за интензивна нега, д-р супспецијалист Елизабета Петковска, пријавила колешка докторка дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“.
Како што најави, семејството на починатото бебе поднесе кривична пријава против докторката од Клиниката поради сомнение за сторени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „фалсификување службена исправа“. Адвокатот на семејството Диме Ѓорчевски за „Слободен печат“ вели дека кривичната пријава е поднесена вчера.
Сомнежите за евентуален лекарски пропуст првично произлегоа од внатрешната пријава на Клиниката.
Поконкретно, началничката на Одделот за интензивна нега, примариус доктор Елизабета Петковска, ја пријавила својата колешка од одделот, исто така докторка, наведувајќи дека новороденчето било реинтубирано од нејзина страна во период од околу 20 минути што според пријавата бил предолг и можеби водел кон фатални последици.
Таа до директорката на ГАК д-р Ирена Алексиоска Папестиев напишала пријава против колешката наведувајќи „два потешки професионални пропусти за време на дежурството“ од кои едниот е предолгата интубација од 20 минути врз бебето после што тоа починало. После пријавата, директорката ја премести докторката на друг оддел каде нема интубации, а заседаваше и внатрешната комисија за квалитет на болницата во два наврати.
Во записник од 17.10.2025 година Комисијата за квалитет констатираше дека „во потврдата што им е издадена на родителите на починатото новороденче. како и во барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус (смрт)“.
Токму ова е причина адвокатот Ѓорчевски во кривичната пријава поднесена вчера, да наведе дека обдукцискиот наод го смета за невалиден.
Со оглед на тоа што во барањето за обдукција се наведени неточни податоци, самиот обдукционен наод е невалиден, посебно што не се земени предвид дејствијата на пријавената поради кои се влошила состојбата на новороденчето и резултирала со смрт на новороденчето, пишува во кривичната пријава.
Иако некои светски протоколи налагаат предвреме родено бебе да се реинтубира во временски период од 30 секунди, конкретното новороденче кое живеело само три дена, според пријавата на началничката – било интубирано дури 20 минути.
„По примопредавањето на првата смена на 1.10.2025 и преземањето на дежурството од страна на докторката околу 15 часот, истата донела одлука да го реинтубира новороденчето, постапка која што траела безуспешно со повеќекратни обиди за интубација дури 20 минути, при што е повреден ларинксот и предизвикан е супкутан енфизем во вратната регија и десностран масивен пнеумоторакс, што довело до дестабилизирање на новороденчето, кое и по поставувањето на торакалната дренажа од страна на дежурните детски хирурзи и дополнително ординираната медикаментозна терапија, завршило со егзитус леталис (смрт).
Во потврдата што е издадена на родителите од починатото новороденче, како и барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус“, пишува во пријавата доставена до директорката, а упатена од примариус д-р супспецијалист Елизабета Петковска, началничка на одделот за интензивна нега.
Во кривичната пријава пак од адвокатот на семејството, пишува дека при исписот на мајката од болницата воопшто не ѝ бил даден никаков писмен извештај/потврда за смртта на новороденчето а усно ѝ било кажано на ГАК, дека тоа починало поради тоа што „не можело да го издржи кислородот“ и дека „течноста што навлегла во белите дробови била фатална“.
Докторката пак што ја извела неуспешната интубација исто така доставила своја изјава во која тврди дека бебето било во тешка состојба, а таа во ниту еден момент не направила грешка во реанимацијата и спасувањето на новороденчето. Не се согласува ниту со времетраењето наведено во внатрешната пријава од нејзината раководителка поткрепена со изјавите на специјализантките – тврди дека самата реинтубација траела помалку од 20 минути и цело време била „на чекор да успее“.
Интубацијата е итна медицинска постапка што се применува кога пациентот не може самостојно да дише. Кај новороденчињата, секоја минута без соодветна оксигенација може да предизвика сериозни последици. Токму затоа, прашањето што сега се наметнува и кое ќе го испитуваат истражните органи е дали повеќекратните и неуспешни обиди за реинтубација во траење од 20 минути придонеле за смртта на бебето.
Вкупно пет медицински лица, доктори и сестри, во писмени изјави до директорката на болницата во кои имаше увид „Слободен печат“, навеле дека физички присуствувале во истата просторија додека се одвивала 20-минутната интубација. По објавувањето на случајот од страна на „Слободен печат“ МВР и Обвинителството отворија предмет, ги сослушуваа инволвираните, но дали има јавнообвинителска одлука и каква е таа, од Обвинителството до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
Демантот на ГАК не е демант туку очајно обвинување на професионалното новинарство


