„Или-или“ објави превод на книга со поезија од Георги Господинов
Издавачката куќа „Или-или“ ја објави стихозбирката „Таму каде што не сме“ од Георги Господинов, како 12-та книга во едицијата „Поеза“. По шесте прозни изданија и една детска книга, ова е првата стихозбирка на скопската издавачка куќа од популарниот бугарски писател во препев на Никола Маџиров, а нејзиното објавување е поддржано од „Традуки“ и Министерството за култура и туризам.
Препорачано
Георги Господинов е еден од највлијателните современи бугарски писатели, роден во 1968 година во градот Јамбол. По образование е филолог и литературен историчар, но својата кариера ја започнува како поет и токму поезијата е првиот јазик преку кој го изразува светот.
Неговата прва збирка поезија, „Лапидариум“ (1992), веднаш привлекува внимание со својот лаконски стил, меланхоличниот и носталгичен тон. Следуваат „Црешата на еден народ“ (1996), „Писма до Гаустин“ (2003) и „Таму каде што не сме“ (2016). Во македонското издание на „Таму каде што не сме“ ексклузивно се објавени и неколку досега необјавени песни на Господинов.
Иако Господинов е меѓународно познат по своите романи, како „Физика на тагата“ и „Засолниште во времето“, тој никогаш не ја напушта поезијата. Во едно интервју, тој вели: „Ја негувам онаа литература што се распаѓа. Што мириса на минато. На изгубени нешта. Тоа е поезијата.“
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)


