Или е „кец у два” или е фудбалска катастрофа?

Фото: Слободен печат

Сите знаеме на какво ниво е клупскиот фудбал во Македонија. А ако некој мислеше дека ситуацијата не може да биде полоша, сигурно го сменил мислењето по настапот на нашите екипи во фудбалска Европа.

Шампионот Шкендија во првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите беше елиминирана од анонимниот естонски клуб Номе Калју. Потоа следуваше пресметката со аматерите од Луксембург во Лига Европа, кои во слободно време играат за тимот на Дуделанж.

Времето топло, трибините полупразни, тетовци ја контролираат топката, поведуваат со гол од пенал во првото полувреме, но во вториот дел од натпреварот на општо изненадување примаат два гола.

Не сакам да инсиунирам дека резултатот е наместен, но интересно е што заврши со омилениот обложувачки тип, кога по водството на домаќинот во првото полувреме, на крајот до победа стигнува гостинот или објаснето со јазикот на обложувачите – „кец у два”.

Од друга страна доколку се анализира формата во која се наоѓа Шкендија, но и другите наши претставници во европските натпреварувања, тогаш и не треба премногу да се изненадуваме од овој пораз. Треба да се додаде дека минатата сезона Дуделанж беше дел од Лига Европа, што е далеку подобар успех од сè што Шкендија има сторено во својата клупска историја.

Вистината е дека на овој пораз некритички гледаме како на катастрофа, тешејќи се дека дуелот бил наместен. Сепак, јас воопшто нема да се изненадам доколку веќе наредната недела по реваншот, катарзично констатираме дека немаме квалитет ниту за Луксембург.

Во моментов само една работа ми остана неразјаснета. Зошто стрчниот штаб на Шкендија летово го донесе Фелипе? Бразилецот е во очајна форма три години, за него беа платени рекорди 500 илјади евра! Можеби тука некој треба нешто да истражи?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот