ИЈЗ: Се зголемува бројот на заболени од грип, но засега нема потреба од продолжување на зимскиот распуст

Од 5 до 11 јануари регистрирани се 2.322 заболени од грип, што е за 34,6 проценти повеќе во однос на претходната недела. Има средна активност на вирусот на грип на национално ниво. Има зголемен број заболени, но тоа е очекувано за овој период од годината. Очекуваме бројките и во наредниот период да растат и да се движат во овој ранг. Пикот на грипот се очекува на крајот на месецот до средината на февруари. Оваа сезона растот на бројот на заболени почна неколку недели порано од очекуваното, изјави денеска раководителот на одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Драган Кочински.

Тој рече дека со оглед на тоа што има средна активност на грипот, тоа засега не дава можност да даваме некакви претерани мерки што би ги зафаќале граѓаните, како продолжување на зимскиот распуст.

-Доколку има каква било промена, ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки. Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата и тоа е очекувано за овој период од годината и не се целосно исполнети капацитети на болниците. Комисијата за заразни болести во текот на вчерашниот ден заседаваше и ќе излезе со соодветни препораки. Се препорачува при посета во болница, ако таа не е забранета, посетителите да носат маски – рече д-р Кочински.

Тој истакна дека во споредба со истата недела од минатата сезона, се регистрира зголемување на бројот на заболени за 2,2 пати, а ако се спореди со просекот од последните 15 сезони, има зголемување од 39,1 процент.

-Во текот на оваа недела има ниво на средна активност на вирусот на грип. Најголем број заболени, 1.378, се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години и од пет до 14 години. Регистрирани се заболени лица во 25 од 31 регион во државата. Најголем број, 556, заболени има во Скопје, а потоа следуваат Тетово – 308, Куманово – 266, Охрид – 202 итн. Во пет регионални центри има многу висока активност на грипот, и тоа во Дебар, Охрид, Македонски Брод, Кавадарци и Неготино, во четири има висока активност, средна активност има во шест центри за јавно здравје, а во седум се бележи сезонска активност на грипот – рече д-р Кочински.

Жена почина од грип, двајца пациенти се во критична состојба на Инфективна

Во текот на втората недела е пријавен еден смртен случај асоциран со грип.

-Се работи за жена од 75 години од Скопје, која била хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Кај неа биле регистрирани коморбидитети, не била вакцинирана против сезонски грип и лабораториски било потврдено присуство на инфлуенца А – истакна д-р Кочински.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот