Игнорирањето не е решение

Не може да се каже дека државата решила отворено да се соочи со овој проблем, ако сè уште нема соодветна пресуда против злосторствата од омраза.

Во Северна Македонија злосторствата од омраза се реалност за којашто зборуваат само невладините организации. Де јуре, злосторствата од омраза во нашата земја се казниви по закон. Ако се гледаат статистиките од невладините организации, се забележува дека во нашата земја доминираат злосторствата мотивирани од меѓуетничка омраза.

Тие се на врвот на списокот мотиви на овој криминалитет, составен од Хелсиншкиот комитет за човекови права во програмата „Злосторства од омраза“. Во статистиките на ОБСЕ за регионот, нема податоци за Северна Македонија. Официјално, во нашата земја не постојат злосторства од омраза, иако за нив сведочиме секојдневно, пријавени од невладините како инциденти. Игнорирањето не нѐ прави да изгледаме подобро ниту едни пред други, ниту во очите на светот. Само проблемот се става под тепих. Игнорирањето мора да заврши и нашите институции мора отворено да се соочат со оваа форма на криминалитет. Тоа ќе биде доказ дека земјава не само декларативно, туку и институционално решила да ги смета различностите како вредност и без страв да ја третира омразата.

Злосторство од омраза е секое кривично дело што се прави поради некаква групна карактеристика на жртвата. Што значи дека делата од омраза се сметаат за потешки кривични дела, отколку вообичаените, бидејќи нивна цел е идентитетот на жртвата. Некој е нападнат затоа што е Албанец, Македонец, Турчин, муслиман, католик или православен. Жртви на овие дела се и групи со заеднички карактеристики – жените, лицата со посебни потреби, лицата од ЛГБТ заедницата, емигрантите… Казните се потешки и нападот врз една личност поради групната припадност е секогаш отежнувачка околност според законот.

Важно е да се гонат овие злодела, зашто групното таргетирање на жртвите може да има големи последици по целото општество. Да не заборавиме дека во светот најтешките говори на омраза почнале со мали чекори. Кога Хитлер во дваесеттите години од минатиот век во своите говори ги дехуманизирал Ромите или Евреите, никој не го сфаќал сериозно, никој не можел да замисли дека само по неколку години Холокаустот ќе биде реалност. Кога Хуту се изразувале на дехуманизирачки начин за Тутсите во Руанда, никој не помислил дека ќе се случи геноцид во текот на само 100 дена во 2004 година во таа земја. Проблемот со говорот и со злосторствата од омраза се состои во фактот што тие трасираат многу ризичен пат, чиј крај може да биде фатален за многу луѓе и голема траума за човештвото. Затоа тие злосторства треба да се третираат веднаш кога ќе се појават, и да не се остава да ескалираат вртоглаво, со несогледливи и непоправливи последици.

Соодветен и институционален третман на злосторствата од омраза од страна на државните органи е есенцијален во зачувувањето на демократијата и еднаквоста на граѓаните. Во моментот кога овие злосторства нема да се третираат соодветно, граѓаните со одредена припадност не се чувствуваат безбедно во своите домови, во населбите, во земјата. Оваа небезбедност прави да се сомневаат во својата држава, зашто таа не им ја нуди потребната заштита. Небезбедноста ги прави маргинализирани, прави да се чувствуваат туѓи во својот дом, населбата, во својата држава. Небезбедноста често е причина за други проблеми.

Европската Унија има посебни механизми за третирање на злосторства од омраза. Прилагодувањето на нашето законодавство и судска пракса на овие механизми ќе биде еден од неопходните чекори што треба да се преземат на  патот на евроинтеграцијата. На крајот, не може да се каже дека државата решила отворено да се соочи со овој проблем, ако сè уште нема соодветна пресуда против злосторствата од омраза.

Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот