И ВМРО-ДПМНЕ и Ристов закажаа седници на Советот на Карпош – едната за советнички прашања, другата за неиздавање градежни дозволи

Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија за утре во 11 часот закажаа седница на Советот на Општина Карпош со единствена точка на дневен ред – советнички прашања.

Тие објаснуваат дека последната одржана седница на Советот била на 7 јуни годинава, пред повеќе од два месеца , а на седницата закажана на 1 јули, била само отпочната расправа за дневниот ред.

По повлекувањето на целиот дневен ред од страна на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, претседателот на Советот Бранко Ристов, претставник на Левица, даде пауза за координација. Во меѓувреме сите општински служби телефонски беа повлечени од седницата. Значи, 11 седница на Советот на општина Карпош сѐ уште е на пауза за координација – објаснуваат советниците во објава на фејсбук.

Според нив следните обиди за свикување на седница во периодот од 7 до 25 јули бил неуспешен, со одговор од Ристов дека нема услови за одржување на седница. Поради тоа шестмина советници од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, согласно член 39 од Законот за локална самоуправа, на 25 јули поднеле барање за свикување на седница за советнички прашања.

Согласно овој член од законот претседателот е должен во рок од 15 дена да закаже седница согласно ова барање. Рокот за закажување на оваа седница беше 8.08.2022 година. По уредно доставеното барање за седница, на 28.07.2022 имавме и координативна средба со координаторот на советничката група на Левица на која беа изложени причините за одржување на седницата и начините како тоа да се направи. Но, одговор не добивме.  Иако барањето за седница беше упатено до претседателот на Советот на Општина Карпош, добивме одговор од градоначалникот со желби за  „убави летни денови!” и образложение дека поради годишните одмори службите на општината не се во можност да организираат седница – информираат советниците.

Тие додаваат дека претседателот на Советот е речиси недостапен за советниците на Општина Карпош и дека не одговара на повиците ниту на службениот телефон. Сепак како што велат, по притисокот од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и советничката група на Независни за Карпош, најпосле претседателот телефонски  ги информирал дека ќе закаже седница на 18 август, за која, како што тврдат, сѐ уште нема официјална покана.

Од друга страна, претседателот на Советот, Бранко Ристов, исто така преку фејсбук информираше дека поради сѐ погласните гласини дека Јакимовски сепак ќе издаде дозвола за изградба на 28 – катница, поднел решение за свикување седницаа,  со една точка на дневен ред: Предлог – Одлука за задолжување на градоначалникот и општината да стопираат издавање на градежни дозволи, забрана за започнување градба и спроведување ревизија на ДУП за Градска четврт З 05 блок 08.

Согласно комуникацијата со советнички групи и изјави во јавност одлуката би требало да помине „глатко“, со 15 гласови; Левица 4, Независни 2, ГРОМ 2, ВМРО- ДПМНЕ 7. Останува да преброиме кој си стои на збор а кој ќе тера лицемерен популизам. Повторното оневозможување да се одржи седница ќе биде јасен сигнал кои се всушност плановите на градоначалникот. Дополнително, оневозможувањето не само што ќе биде кршење на закон туку и брутален анти демократски чин за попречување гласачите да бидат претставени од своите избраници – смета Ристов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот