И покрај рекордните цени, се купува злато – Полска на врвот на листата

Зошто земјите од Источна и Југоисточна Европа инвестираат толку многу во злато – дури и сега кога цената на благородниот метал ја надмина границата од 5.000 долари за унца? Управниот одбор на Народната банка на Полска не се откажува од својата одлука од минатата недела да ги зголеми резервите на злато на земјата од сегашните 550 тони на 700 тони – со напомена дека „износот и купувањето ќе зависат од пазарните услови“, пишува Frankfurter Allgemeine Zeitung.

Со купувањето на 95 тони, „Народната банка на Полска останува најголемиот пријавен купувач на злато во официјалниот сектор“, изјави Светскиот совет за злато во својата последна анализа на официјално пријавените трансакции со злато за периодот до ноември минатата година.

Ова е речиси двојно повеќе од износот стекнат од вториот најголем клиент, Казахстан (49 тони). Всушност, уште седум тони беа додадени на златните резерви на Полска во декември. Имено, на крајот од минатата година, централната банка во Варшава извести за купувањето на вкупно 102 тони злато во 2025 година, потсетувајќи во исто време дека 90 тони беа купени претходната година.

Откако гувернерот на централната банка Адам Глапински ја презеде функцијата пред десет години, полските резерви на овој благороден метал се зголемија повеќе од петкратно, пишува германскиот весник. Во публикациите на централната банка, 75-годишниот економист позира пред полици полни со златни прачки и е опишан како „Златен гувернер“.

Водена од принципите на безбедност, ликвидност и долгорочна профитабилност, Народната банка на Полска ќе продолжи да купува злато „секогаш кога ќе најдеме можности да го стекнеме по поволни услови“, вели Глапински, додавајќи дека не ја исклучува можноста за пад на цената. Фактот дека златото не генерира камата, како што истакнуваат некои економисти, не го обесхрабрува. Историското искуство, вели тој, го учи дека „златото е сидро на безбедноста на земјата, столб на доверба во полската валута и економија и гаранција за национална и економска независност“.

Германската Бундесбанка со 3.350 тони,  е втор најголем сопственик на златни резерви, по Федералните резерви на САД. Со резерви од 700 тони, „Полска би била меѓу десетте земји со најголеми златни резерви во светот“. Според податоците од економскиот портал TradingEconomics, Полска моментално е на респектабилно дванаесетто место, зад Холандија (612) и Турција (641). Сепак, турската централна банка, исто така, продолжува да купува злато.

Полска не е единствената земја во Источна Европа што инвестира во злато. Еден од факторите за таквата одлука беше тоа што нивните залихи беа ниски долго по падот на советската власт. Така, Централната банка на Чешка систематски ги зголеми своите резерви од дванаесет тони во 2023 година на сегашните 72 тони. Целта е да се достигнат 100 тони до 2028 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот