И ние не сме задоволни од работата на Коцевски, ама ВМРО-ДПМНЕ прави упад, сметаат во СДСМ
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ прави сериозен упад во независната судска власт, иако сакаат тоа да го подведат под превезот дека се прават реформи“, вели заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска.
Препорачано
Таа во интервју за „360 степени“ вечерва рече дека и нејзината партија не е задоволна од работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кого власта сега го разрешува со образложение дека не работел ажурно и законски.
„Апсолутно, и СДСМ не е задоволен од работата на државниот јавен обвинител. Јавниот обвинител не постапи по ова што се случи со Артан Груби, јавниот обвинител не постапи по тоа што се случи со назначувањето на Бојан Христовски во Агенцијата за национална безбедност и проблемите со сертификатите и со дипломите, Јавното обвинителство не постапи по еден куп пречекорувања врзани со премините на границата и така натаму, каде што очекувавме дека ќе треба да има реакција“, рече Каранфилова Пановска, додавајќи дека иако за овие случаи се отворени предмети „не гледаме некакво ефикасно делување“.
„Сакам да кажам, без разлика дали ние како СДСМ сме задоволни или не од работата на конкретниот јавен обвинител, тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави е упад, а не реформа. Граѓаните имаат недоверба кон целиот правосуден систем. ВМРО-ДПМНЕ со огромно мнозинство во парламентот има токму таква можност да се обиде да ги спроведе реформите коишто ќе ја вратат довербата во судството меѓу граѓаните, а не да прави вакви половични решенија коишто не покажуваат ништо друго, освен нивна интенција дека на тие места треба да дојдат нивни партиски послушници. Кога сме кај постапката за разрешување на јавниот обвинител, таа е многу децидно и темелно опишана во Законот за јавно обвинителство, во којшто апсолутно се кажува дека на предлогот на владата, согласност треба да даде самиот Совет за јавни обвинители. Да видиме дали прво во делот на постапката ќе биде испочитуван законот. Потоа вели, разрешувањето на јавниот обвинител може да се случи доколку тој е член на политичка партија или има направено тешка дисциплинска повреда – која е таа тешка дисциплинска повреда?“, рече Каранфилова Пановска.


