Хрватски матуранти се шетаат со усташки симболи низ улиците на Славонски Брод

Хрватски средношколци со маици со усташки симболи/ Фото Твитер

Фотографиите на социјалните мрежи од хрватски матуранти од Индустриско-занаетчиското училиште во Славонски Брод, кои носат маици со усташки симболи, ја вознемирија јавноста во регионот. Овие слики беа објавени од страна на професорка на учениците, која како и многумина од родителите на децата, не гледа ништо спорно во нив, пишуваат медиумите.

Фото: SBPlus.hr

Директорот на училиштето, како и хрватскиот министер за образование, остро го осудија ваквиот настан.

Матурантите, облечени во униформи со маици од усташки симболи и беретки на главите, биле сликани како маршираат низ улиците. Како што пишуваат српските медиуми, средношколците на фотографиите позираат со кренати десни раце во симбол на фашизмот.

Професорката Нивес Ромањек, која фотографијата ја поставила на својот приватен профил на Фејсбук, за кратко време стана најбараната личност во Хрватска. Веста најпрво се прошири меѓу локалните медиуми, а потоа ја пренесоа и сите регионални медиуми.

„Можам само да кажам дека тие што сакаат да видат нешто лошо, тоа го наоѓаат, а ние навистина немавме лоши мисли. Панталоните се како за на лов, а децата сами ги направија маиците. Тие се навистина добри деца. Од 19, пет се одлични, 10 се многу добри, а четворица се многу успешни. И јас сум среќна што на ниту еден од нив не им се случи ништо лошо и што сите се вратија дома живи и здрави. Навистина сум изненадена што некој гледа нешто лошо во ова“, изјави професорката за регионалните медиуми.

И покрај впечатокот што го испраќа комплетната униформа на средношколците и нејзината симболика, професорката не помислила дека тоа е поттикнување на фашизмот или нацизмот.

„Децата и родителите се разочарани што вака се нападнати. Ја објавив сликата на приватен профил на Фејсбук, а претходно добив дозвола од родителите, иако порталите ја немаат. Велат дека е контроверзна маицата, но јас не гледам ништо спорно затоа што има струг, тие се вртежи, CNC оператори и не гледам што е спорно тука“, заклучи професорката Романјек и додаде дека за утре наутро сите заедно, децата, родителите и таа, имаат состанок со директорот на училиштето Лука Младиновиќ.

Слична парада на матуранти, кои ја извикуваа усташката парола „За дом спремни“, беше забележана и во Дубровник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот