Модуларна ковид-болница / Фото: МИА

Хронологија на лекувањето на пациентката што почина со леукемија и ковид додека Инфективна се реновира

Последната ноќ на 48-годишната пациентка К.С. која имала леукемија и ковид, а се лекувала на Клиниката за хематологија, била влошувачка за нејзиното здравје и заврши со смртен исход.

Документите од Клиниката за хематологија од докторите што ја воделе оваа пациентка покажуваат дека за неа бил баран трансфер на две клиники и тоа го запишал специјалистот што ја водел во медицинската документација. Меѓутоа, трансфер не бил спроведен ниту на КАРИЛ, ниту на Интензивна нега на Инфективна клиника. Интензивната нега на Инфективна клиника се реновира, а замена за неа – нема.

Пациентката, како што е наведено во нејзината медицинска документација од Клиниката за хематологија, во текот на ноќта имала кардиореспираторно попуштање и развој на белодробен едем. Повикан бил конзилијарен инфектолог и постапено е по неговите насоки.

„Пациентката мониторирана редовно, симптоматски и супортивно третирана. Утринава од 5 часот со знаци на кома, агонално дишење, анурија, хипотензија.

Побаран трансфер во единица за интензивна нега на Клиника за инфективни болести и КАРИЛ. Одбиени од КАРИЛ, а на Инфективна немало интензивна нега. Состојбата уште непроменета. Одржува сатурација 85 проценти.

Почнува да реагира на погруби дразби. Семејството известено и присутно пред клиниката во текот на целата ноќ“, пишува во белешката на докторот што ја водел на Хематологија.

Во медицинската документација има и упат од Клиниката за хематологија до ТОАРИЛУЦ со текст „молам конзилијарен преглед и мислење за трансфер во единица за интензивна нега, пациентка во кома, одржува сатурација од 85 проценти на маска со висок проток“.

Од ТОАРИЛУЦ упатството за понатамошно лекување, пак, гласи:

„Заради позитивен ковид тест кај пациентката, потребна е консултација со инфектолог за евентуална потреба од интензивно лекување на УК за Инфективни болести“.

Но, на Инфективната клиника не било можно да се изврши трансферот. Таму се реновирал одделот за интензивна нега. Пациентката починала на Хематологија без да биде пренесена во друга клиника.

Ниту министерот за здравство доктор Арбен Таравари, ниту директорот на Инфективната клиника доктор Фадил Цана не гледаат пропусти во лекувањето. Таравари е сигурен дека немало лекарска грешка, иако таа се утврдува само на суд, а Цана смета дека пациентката била добро мултидисциплинарно третирана.

Пациентката позитивниот резултат за ковид-19 го добила пред шест дена, на 13 август. Пет дена подоцна, таа почина.

Од стручниот и лекарски колегиум на УК Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби сметаат дека пациентката била третирана соодветно за ковид инфекцијата.

„Се работи за тешка пациентка со неконтролирано основно заболување во терминална фаза кога е потребно интензивно лекување од страна на хематолог што е компетентен за лекување на вака тешки пациенти во Клиниката за хематологија, лекување што не може да се спроведе на Инфективна клиника. Потенцираме дека секојдневно беше консултиран инфектолог за терапија и следење на ковид инфекцијата, а третманот на основното заболување го спроведувале специјалисти хематолози. Следствено, сметаме дека пациентката соодветно мултидисциплинарно е третирана во соодветна установа специјализирана за основното заболување каде добила најсоодветен третман и грижа. Сметаме дека неможноста за контрола на основното заболување во терминална фаза е причина за леталниот исход кај оваа пациентка. Кај вакви имуносупримирани пациенти која било инфекција може да доведе до влошување на основната болест со неможност за контрола на истата“, велат од стручниот колегиум на Инфективната клиника. 

Запрашан каде да се лекуваат пациентите со тешки заболувања кои пропратно ќе развијат и ковид, Таравари вели дека „интензивни оддели има во секоја болница“.

– Интензивно лекување имаме скоро на сите клиники. Не само КАРИЛ туку и на Инфективна, на Кардиологија, на Неврологија и се овозможуваат специјални услови за третман на сите пациенти. Никогаш не се случило некој пациент да не се третира кога се реновираат одредени институции. А ние мораме да реновираме. Условите во клиниките не се добри и мора да ги подобриме- вели Таравари.

Ама токму еден таков оддел, оној на ТОАРИЛУЦ, викендов сметал дека сега починатата пациентка треба да се лекува на интензивна на Инфективна, а не на ТОАРИЛУЦ. На крајот таа не била пренесена ни на Инфективна ни на ТОАРИЛУЦ. Се наметнува прашањето дали клиниките се екипирани, дали имаат изолирани простории за ковид пациенти со тешки болести, или ковид инфекцијата станува фактор поради кој лекувањето се доведува под знак прашање?!

Таравари вели дека пациентката е третирана на Хематологија по сите протоколи, а ковидот го добила во самата Клиника за хематологија.

– Што е веќе нормално, сите ние го преживуваме ковид, веќе тоа е нормална инфекција – смета Таравари. 

Но ковид за имунокомпримираните пациенти не е лесна инфекција.

– Во меѓувреме за пациентката е повикан и анестезиолог и инфектолог и дадени се предлози за терапија. Последните три-четири денови добила повторно терапија, а обично периодот после терапијата за пациентите со акутна леукемија е тежок. Нема лекарска грешка за тоа гарантирам. Пациентката е третирана по сите протоколи. Даден е целиот потребен третман. Треба да реновираме одредени компресорски станици, анестезиологија во Клинички центар, планираме да ги реновираме хируршките сали. Во меѓувреме се реновира интензивна нега на Инфективна. Треба и ние да работиме и да ги направиме условите подобри за нашите пациенти. Но сигурен сум дека причината за смртта на пациентката не е дека не работела интензивна нега на Инфективната клиника – дециден е министерот за здравство. 

СДСМ го нарекоа овој случај скандал, побараа истрага и одговорност, а доколку тоа не се случи, најавија дека ќе го изложат случајот со целата медицинска документација пред јавноста.

„Бараме истрага и одговорност за смртта на пациентката. СДСМ има точен увид во целиот случај и ќе го изнесе во јавноста доколку Министерството и ДСЗИ се обидат да го забошотат. Исто така, бараме Министерството веднаш да го реши проблемот со прием на пациенти на интензивна нега во Инфективната клиника. Ова е прв случај, но може многу лесно да имаме нови жртви“, се вели во соопштението од СДСМ. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот